Компанија Иновејшн ПСЦ од видео за ФИТР

„Глуко“ на Иновејшн со поддршка од ФИТР

Проектот „Глуко“ на компанијата Иновејшн претставува софтвер наменет за здравствените работници со кој може да се направи долготрајно мониторирање на ЕКГ (ECGalert), па дури и рано откривање и превенирање на срцеви удари кај луѓето.

„Со ‘Глуко’ започнавме кон крајот на 2015 година, а нашиот предизвик беше многу голем. Благодарение на Фондот за иновации и технолошки развој, кои најдоа начин да го финансираат овој проект, успеавме да вработиме нови луѓе, да ангажираме многу експерти од оваа област и да го создадеме овој софтвер со кој сме навистина горди“, велат од компанијата Иновејшн.

Во моментов, посочуваат од оваа компанија, софтверот е во процес на сертифицирање како медицинско средство. По ова, ќе биде ставен во употреба и продажба насекаде низ светот.

„Нашиот софтвер овозможува докторите да можат да ја набљудуваат моменталната состојба на пациентот, да согледаат каква е неговата здравствена состојба, дали постои некоја опасна аритмија за која тој би требало да биде предупреден, односно да се спречат најтешки последици“, додава претставникот на Иновејшн во ова видео.

Компанијата Иновејшн е една од над 70 домашни компании/конзорциуми поддржани од ФИТР во рамките нa првиот јавен повик од Планот за економски раст на Владата на Република Македонија.

Со првиот инвестициски бран се реализираат инвестиции во домашниот приватен сектор во износ од 20 милиони евра. Се ангажираат 460 лица, од кои 85 се нови работни места, со просечна плата од 48.000 денари.