IMG_4414

Едукативна обука за справување при кризни ситуации и масовни катастрофи во организација на МЗ и ФИТР

Министерот за здравство, д-р Венко Филипче и директорот на ФИТР, Јован Деспотовски ја отворија дводневната едукативна обука за Итна медицинска помош и менаџирање на ресурси, која се организира во рамки на потпишаниот Меморандум за соработка на Министерството за здравство и Фондот за иновации и технолошки развој со државата Израел.

Обуката опфаќа над 100 учесници, меѓу кои здравствени работници, припадници на полицијата, армијата и противпожарната служба, кои имаат можност да ги зајакнат своите капацитети и ресурси како најважна алка за управување и справување со катастрофи.

Воедно, целта на обуката е да се имплементираат иновациите и современите текови во развојот на здравствениот систем, во насока на зајакнување на вештините на службите за справување при кризни состојби и масовни катастрофи.

„Министерството за здравство има изготвено посебен План за дејствување при кризни состојби и катастрофи. Сакам да напоменам дека тој план функционира и го применивме при неодамнешната сообраќајна несреќа кај селото Ласкарци, каде севкупниот здравствен систем беше активиран за 15 минути. Во мултисекторски пристап, Министерството за здравство со Министерството за внатрешни работи, противпожарната единица и Центарот за управување со кризи успешно се мобилизираа и ги активираа сите капацитети. Покажавме итност, координираност, подготвеност, стручност и професионалност“, посочи министерот Филипче.

IMG_4397

Филипче нагласи дека државата Израел обезбеди тим од успешни и квалитетни обучувачи, кои ќе ги пренесат своите искуства за справување во кризни ситуации преку Хипер реалистичната програма за Израелската одбранбена армија. Предвидено е обуките континуирано да се спроведуваат, а учесниците да стекнуваат сертификат кој овозможува во иднина тие да бидат обучувачи на кадар кој делува при катастрофи.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски истакна дека верува оти со оваа соработка реално може да се донесат иновативни методи и практики кои ќе се применуваат во Македонија.

„Мене ми е драго што веќе по три месеци од потпишувањето на меморандумот со државата Израел и Министерството за здравство имаме конкретна реализација. Фондот за иновации и технолошки развој во изминатиот период потпиша договори за соработка со над десетина домашни компани кои развиваат иновации во делот на биотехнологијата и медицината. Се работи за над еден милион евра кои државата ги вложува во развој на иновации во овој сектор. Не запираме тука, па така минатиот месец го објавивме и стартот на реализација на проектот за основање на Научно технолошкиот парк (НТП) во Скопје, каде еден од основите столбови ќе биде токму областа на биотехнологија и медицина. Заедно со Министерството за здравство и секако со странските партнери ќе продолжиме да вложуваме во развој на оваа област“, посочи Деспотовски.