SAMSUNG CSC

Започна првата фаза од реализацијата на „Научно-технолошки парк“ во Македонија

Фондот за иновации и технолошки развој во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација започнаа со првата фаза за реализација на проектот за основање „Научно-технолошки парк“ во Македонија.

Во просториите на Фондот за иновации и технолошки развој вчера се одржа прв работен состанок, на кој се прецизираа деталите за претстојните активности за подготовка и основање на „Научно-технолошкиот парк“ во Македонија.

„Во рамки на тековната фаза од проектот ќе се одржат работни средби со релевантните министерства во однос на дефинирањето на приоритетни области што ќе функционираат во рамки на „Научно – технолошкиот парк“. Фондот ќе обезбеди и координација на активностите за подготовки на стратегијата за т.н. „паметна специјализација“ која би обезбедила конкурентска предност за македонската економија“, истакна директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски.

На состанокот учествуваа претставници на Фондот за иновации, Министерството за информатичко општество и администрација, канцеларијата на претседателот на Владата на Република Македонија од една страна, и тим од меѓународната консултантска фирма „ДАИ“ и претставници на делегацијата на Европската Унија во државата. Тие се договорија реализацијата на проектот да ја поделат во неколку фази за кои тимски ќе ги поделат одговорностите.

Во текот на подготвителниот период, во рамки на консултантските средби ќе бидат вклучени и универзитетите во земјата, бизнис и старт-ап заедницата, и другите релевантни организации како стопански комори и бизнис инкубатори и акцелератори.

Во следните фази, тимот на ДАИ ќе се фокусира на дефинирање урбанистичко решение, изработка на финансиска анализа, модел за финансирање и акциски план.

Проектните активности од првата фаза за реализација на проектот за основање „Научно-технолошки парк“ во Македонија се финансирани од страна на Европската Унија. При спроведувањето на сите активности ќе се води особена сметка за задоволување на европските стандарди и регулативи, со тоа што владата на Р. Македонија посветува особено внимание на реализацијата на проектот.

Носител на проектот е Фондот за иновации и технолошки развој, а истиот се имплементира во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација.

Главна цел на научно-технолошкиот парк е раст на економската моќ на земјата преку унапредување на културата на иновации, конкурентноста на компаниите што имплементираат иновативни модели, услуги или производи, и академската заедница. Ваквата институција го стимулира развојот и размената на научното знаење и технологија меѓу универзитетите, истражувачките институции, компаниите и пазарот.