Predizvik-za-mladi-istrazuvaci-2

Значително зголемен интересот на младите за програмите на ФИТР

Пристигнати се 88 предлог проекти во рамки на вториот јавен повик за финансирање научно-истражувачки проекти во основни и средни училишта – „Предизвик за млади истражувачи 2“ на Фондот за иновации и технолошки развој во соработка со Министерството за образование и наука.

На повикот се пријавија 49 основни и 39 средни училишта од цела Северна Македонија. Само 23% од нив аплицирале и на претходниот повик, а останатите за прв пат поднеле предлог апликации.

Апликантите побаруваат седум пати повеќе од расположливиот фонд за овој предизвик кој изнесува 2.500.000 денари, односно околу 20 милиони денари што е за 100% повеќе од минатата година. За најуспешните истражувачи се предвидени награди во две категории: Научно-истражувачки проекти во основното образование и Научно-истражувачки проекти во средното образование. Еден предлог проект може да биде награден до 300.000 денари. Исто така се предвидени награди од дополнителни 30.000 денари за наставниците ментори наменети за обуки, семинари, конференции кои што би придонеле кон поуспешна реализација на проектот.

Евалуацијата на проектите ќе ја врши седумчлена комисија составена од претставници на ФИТР, Министерство за образование, Биро за развој на образование, универзитетски професори и партнерски организации. Предлог проектите што ќе добијат повеќе од 51 бод преминуваат во финална фаза, а учениците ќе имаат можност директно да ги презентираат предложените решенија пред комисијата на т.н. пичинг.

„Предизвик за млади истражувачи 2“ беше отворен од 01 февруари до 31 март 2019 година, со цел поттикнување на критичко и креативно размислување кај младите во нивниот развој и стимулирање на иновативни идеи и акции во процесот на образование во основните и средните училишта во Северна Македонија.