IMG_5951

Иницијатива за основање на канцеларијата за трансфер на технологии во рамки на Фондот

Во рамките на „Технома 2017“ се одржа трибина на тема: Комерцијалните аспекти на иновацијата и финансиските можности за поддршка на истата – Искуства во Македонија и идни стратегии за развој на иновативните бизнис концепти?, на која учествуваа  директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски заедно со Јасмина Мајсторовска – Советник во Секторот за индустриска политика – Министерство за економија, Татјана Забасу, регионален директор и Игор Маџов од „Саут Централ Венчр“ за Макеоднија, Албанија и Косово, Горан Митревски, главен извршен директор на Кабтел и Илијанчо Гаговски, управител и соосновач на „Прајмапс“.

IMG_5952

Јован Деспотовски директор на Фонд за иновации и технолошки развој и Илијанчо Гаговски, управител и соосновач на „Прајмапс“

На трибината, Деспотовски ги истакна значајните промени кон кои се стреми Фондот во следниов период, и тоа понуда на техничка и практична поддршка со цел успешна реализација на процесот од идеја па се до реализација, како и проширување на пазарот за пласман на средства.

„Покрај стартапите кои досега имаа поддршка од Фондот преку двата инстументи, сакаме да ги поттикнеме и етаблираните мали и средни претпријатија, кои досега не беа доволно заинтересирани за средствата од Фондот, за што говори и нивната мала искористеност“ – вели Деспотовски.

Илијанчо Гаговски, управител и соосновач на „Прајмапс“ ја истакна важноста од постоењето на Фондот за иновации и технолошки развој, за бизнис и економската заедница како место кое ја препознава иновацијата.

„Да се најде поддршка за финансирање на нов производ од комерцијални извори е дури невозможно, затоа Фондот за иновации е неопходен за сите нас “ – вели Гаговски.

Иницијативата за формирање на канцеларија за трансфер на технологии во рамки на Фондот е идеја за која Деспотовски уверува дека наскоро и престои реализација, како еден од приоритетите на неговото работење.

Заклучок од денешната трибина на „Технома 2017“ е дека е неопходна тесна соработка со сите чинители на пазарот, со цел поттикнување на иновацијата и нејзин развој, не според копирање на странските искуства туку нивно прилагодување на локалниот пазар. А истовремено Фондот за иновации како владина институција ќе се заложи за предлогот произлезен од дискусијата за даночна реформа во делот на вложувањата во истражување и развој.