SAMSUNG CSC

Инфо сесија за „Предизвик за млади истражувачи“ во Прилеп

„Предизвик за млади истражувачи“ денес беше претставен пред професорите и наставниците од средните и основните училишта од пелагонискиот регион, општините Могила, Крушево, Новаци, Битола, Кривогаштани, Демир Хисар, Долнени, во просториите на Општина Прилеп.

Презентацијата поттикна многу прашања за можностите за аплицирање на повикот.

„Нашите ученици покажуваат голем интерес за природните и техничките науки и во овој проект гледаме можност да се покаже нивната иновативност. Дополнителна стимулација е наградниот фонд, кој што овозможува збогатување на нагледните средства во училиштата, а и развој на наставниот кадар“, рече Димче Настоски, директор на гимназија „Мирче Ацев“ – Прилеп.

Јавниот повик „Предизвик за млади истражувачи“ започна на 30 ноември и ќе трае до 15 февруари. Се однесува на проекти од природните и техничките науки, а активностите треба да соодветствуваат со наставните програми. Тимовите што ќе работат на истражувачките проекти може да бидат составени од 3 до 7 ученици и најмногу два наставника, а времетраењето на секој истражувачки проект не треба да надминува 6 месеци.

Наградниот фонд за јавниот повик изнесува 1.500.000 денари за награди во две категории: научно истражувачки проекти во основно и средно образование, а буџетот на поединечен проект може да биде до 300.000 денари.