Makedonija_Kosovo_bilateralna_sredba_15-02-2018

Македонија и Косово ќе развиваат соработка во секторот на иновации

Министерот за иновации и претприемништво на Косово, Бесим Беќај, ја предводеше делегацијата која одржа билатерална средба со Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој и неговиот тим, во просториите на Владата на Република Македонија.

Состанокот се одржа на иницијатива на Светска Банка, која беше претставувана од Марко Мантованели – директор на канцеларијата за Македонија и Косово.

На средбата станa збор за програмските активности на Фондот, услугите и можностите што ги нуди, како и за плановите и предизвиците во наредниот период. Фокус во презентацијата беше ставен на новиот План за економски раст на Владата, чиј трет столб се фокусира на финансиска поддршка на микро, мали и средни претпријатија за иновации и технолошки развој.

Од косовска страна беа истакнати предизвиците со кои е соочено Министерството за иновации и претприемништво.

„Ние како министерство и самите сме старт-ап, па затоа сакавме да видиме како функционира вашиот Фонд во поглед на легислативата и финансирањето на привантниот сектор“ посочи министерот Беќај.

На средбата беа образложени детали за инструментите што Фондот за иновации и технолошки развој ги спроведува со цел зајакнување на конкуренцијата во приватниот сектор и националниот економски пораст.

„Во однос на институционалната поставеност, моделот на Министерство за иновации што го развива Косово, по примерот на Словенија и повеќе други држави од ЕУ може да биде корисен и за Македонија“, кажа Јован Деспотовски, директор на Фондот.

Како иницијатива за развивање на соработката, министерот Беќај најави и реализација на регионална конференција посветена на иновативноста и претприемништвото која би се одржала во месец септември 2018 година.

Стручни лица на Фондот за иновации и технолошки развој во наредниот период ќе престојуваат во Приштина, со цел поддршка на активностите на косовскиот партнер во развој на правната рамка и инструментите за финансирање на компаниите.