Jovan_Despotovski_intervju_Kapital_24-05-2018_1

Македонските иновативни компании сега имаат многу поголема поддршка од државата

Околу тоа што сè моментално како финансиска поддршка за компаниите нуди државниот Фонд за иновации и технолошки развој и што се случува со најавените проекти за технолошки парк и посебен државен фонд за еквити и мезанин финансирање, разговаравме со директорот на Фондот, Јован Деспотовски. Тој вели дека клучните промени кои ги направил актуелниот менаџмент се однесуваат на три принципи: отвореност, транспарентност и стручна поддршка.

Г-не Деспотовски, кога ја презедовте раководната позиција во ФИТР рековте дека неискористени стојат над 9 милиони евра од расположливите средства на Фондот. Како оди динамиката на нивното искористување до сега?

Тоа се средствата доделени од Светската банка уште во 2015 година, што останале во голема мерка неискористени. Досега, за скоро девет месеци успеавме да ја рестартираме и завршиме постапката за евалуација и да потпишеме договори со нови 20 компании, во вкупен износ од околу 1 милион евра. Во меѓувреме од наша страна е подготвен и е презентиран нов план за реализација на средствата до истекот на договорот со Светска банка во мај 2019 година. Според планот предвидуваме целосен пласман на средствата кај домашните компании, во функција на економскиот раст. Така, наместо да бараме продолжување на роковите за користење на средствата, ќе бидеме во позиција да бараме нови, свежи пари, со кои дополнително ќе се финансира растот.

Дали во меѓувреме е зголемен капацитетот на ФИТР за поддршка на компаниите? Колку средства планирате да се потрошат до крајот на годинава?

Буџетот на Фондот годинава е зголемен и преку Планот за економски раст на Владата, со што за прв пат имаме финансирање на иновации со средства на државата. За прв пат ги отворивме финансиските можности кон сите микро, мали и средни компании, што не беше случај досега. Владата, преку Фондот за иновации за прв пат ќе финансира проекти за технолошки развој на компаниите, со цел јакнење на конкурентноста. Или во бројки, во 2018 година преку Планот за економски раст, треба да се потпишат договори со компаниите во вкупен износ од 10,5 милиони евра. Воедно покрај финансиските капацитети работиме и на зголемување на човечкиот капацитет на Фондот.

Се разликуваат ли условите за аплицирање на јавните повици за поддршка на малите и средни компании сега во споредба со претходното менаџирање со Фондот? Кои се суштинските промени што ги направивте со цел полесен пристап на бизнисите до средствата?

Промените кои ги направивме се однесуваат на три принципи: отвореност, транспарентност и стручна поддршка. Фондот и средствата со кои располагаме целосно ги отворивме за сите микро, мали и средни компании, дури, во еден сегмент од Планот за економски раст овозможуваме вклучување и на големи компании, со што буквално сме отворени за сите. Отвореноста ја гледам и во делот на проширувањето на областите што ги финансираме. Наместо досегашниот тесен фокус на една област (ИТ), наша политика сега е да ги опфатиме сите. Ова го велам бидејќи иновациите и технолошкиот развој се применливи и во индустријата, земјоделието, здравството, животната средина, енергетиката. Буквално секаде. Бизнис заедницата беше непосредно вклучена и во подготовката на мерките од третиот столб на Планот за економски раст. Сметам дека токму транспарентноста во оваа фаза ни помогна и на нас да дојдеме на навистина добри пакети за финансирање. Во овој процес, каде имавме одлична соработка со стопанските комори, беа тестирани различни опции и решенија. По завршување на првиот повик, што е во тек, очекувам повторно да седнеме и заеднички да ги погледнеме искуствата и евентуално понудиме уште подобри услови. Во делот на стручната поддршка, од почетокот на 2018 година, во Фондот функционира посебен оддел за едукација на компаниите што сакаат да аплицираат за средства. Дополнително, остварена е соработка со УСАИД за користење на експерти што се обучени од нивна страна за подготвување на апликации, финансиски проекции и бизнис планови. Сметам дека овие новини ќе донесат и повеќе и значително подобро подготвени апликации за средства.

Каков е одѕивот до сега на повикот за искористување на средства од третиот столб од Планот за економски раст на Владата, за поддршка на мали и средни компании, каде што на располагање се 10,5 милиони евра за цела година?

Одѕивот е навистина голем. Според податоците од нашиот електронски систем, над 250 компании направиле регистрација и подигнале апликациски пакет, за помалку од еден месец, бидејќи повикот беше објавен на 28 април. Тоа е успех, но и обврска повеќе за Фондот. Обврска, во смисла на тоа како низ ефикасен начин, во транспарентна постапка, да се направи евалуација и да се селектираат оние проекти што се подготвени за финансирање. Останува да почекаме до 11 јуни, до кога е отворен првиот повик и да ги погледнеме апликациите што ќе пристигнат. Нема да не изненади доколку имаме сериозен број на квалитетни предлози и бизнис планови, што ќе побаруваат повеќекратно поголем износ од оној определен за повикот. Во такво, сега веќе реално можно сценарио, веројатно ќе треба да се разговара и за дополнителни износи за финансирање од Буџетот. Во ваква една дискусија, важни аргументи секако ќе бидат реалните потреби на економијата да расте, но и фактот дека за секој вложен денар финансиска поддршка преку Планот, добиваме
најмалку уште 1 денар инвестиција од самите компании. Така, со 10,5 милиони евра од Планот за економски раст ќе се поттикнат инвестиции во приватниот сектор во износ помеѓу 20 и 25 милиони евра. Зборувам за инвестиции во иновации и технолошки развој, што носат висока додадена вредност, а со тоа и забрзување на економскиот раст и отворање на повеќе добро платени работни места.

Споменавте дека селекцијата на компаниите на повикот за третиот столб, ќе ја врши тим на надворешни стручни лица, а процесот ќе го надгледуваат претставници од Стопанските комори. Ветувате ли транспарентност во целиот процес?

Транспарентноста како значаен принцип и новина во работењето на Фондот ја воведуваме во сите процеси на кои ги работиме. Давањето на улогата на оценувач на надворешни стручни лица е решение што го дискутиравме со бизнис заедницата во фаза на подготовка на правилниците. Тоа го предложивме заради две причини: прво, подигнување на квалитетот на целиот процес на оценување и селекција со учество на компетентни оценувачи. Второ, однапред да ги расчистиме сите сомнежи за политички, партиски или било каков притисок и влијание, доколку процесот се реализира преку државните службеници. За жал, процесите во изминатите 12 години не придонесоа компаниите и, генерално, граѓаните, да имаат верба во објективноста на јавните служби. Ќе треба време тоа да се промени. Вклучувањето на стопанските комори во работното тело на Владата за следење на реализацијата на Планот за економски раст е добар чекор од повеќе аспекти. Впрочем, Планот за економски раст е направен за компаниите, па ред е тие, како основни корисници, да имаат свој збор во целиот процес. Она што е посебно значајно за нас, како отворена институција кон заедницата, е можноста по завршување на првиот циклус, а и потоа, да седнеме и да разговараме за сите евентуални недостатоци и можности за понатамошни подобрувања.

До каде е постапката за формирање на посебен фонд за еквити и мезанин инвестирање?

Формирањето на еквити и мезанин фондот е всушност петта мерка од третиот столб на Планот за економски раст. На крајот на 2017 година Владата му додели на Фондот за иновации и технолошки развој околу еден милион евра како основачки капитал за ваков нов фонд за еквити и мезанин. Во тек е постапка за регистрација и изработка на основни акти за работењето. Во меѓувреме, на предлог на Фондот за иновации и технолошки развој, Владата донесе одлука да префрли за оваа мерка уште 6,7 милиони евра од Македонската банка за поддршка на развојот, што досега не биле искористени. Со финансиски потенцијал од околу 7,5 милиони евра за еквити и мезанин инвестиции очекувам интерес и од други, странски фондови за вклучување со сопствени средства во заедничка соработка. На овој начин, до крајот на 2018 година очекувам фондот за еквити и мезанин да почне со операции, со финансиски потенцијал од 15 – 20 милиони евра. Инаку, еквити и мезанин инвестициите се посебен механизам за финансирање на компаниите, каде покрај средства, корисникот добива и стручна поддршка во делот на менаџментот. Ова е и ефикасен механизам преку кој државата ќе може да остварува не само поврат, туку и добивка на вложените средства. Впрочем, ова е веќе добро воспоставена практика во развиените западни економии, што како модел го превземаме и кај нас.

Рековте во една прилика дека со проектите наречени предизвици планот е на крајот да се преточат во нов инструмент – Иновации во јавниот сектор. Каков бенефит треба да донесе овој инструмент?

Предизвиците станаа инструмент, а програмата „ПристАПП“ е првата во низата. Со „ПристАПП“ официјално воведуваме нов инструмент за примена на иновациите во јавниот сектор. Целта е едноставна, преку иновации да дојдеме до поефикасни институции, а со тоа и до подобри и подостапни услуги за граѓаните. Оваа програма нуди и нешто различно во однос на „традиционалниот“ систем за јавни набавки. Наместо, како досега, државните службеници да дефинираат решенија за тоа како треба, на пример, да се издаваат одредени документи, „ПристАПП“ нуди процес во кој економските субјекти, во соработка и со невладиниот сектор и академската заедница ќе конкурираат со решенија за конкретни предизвици. Потоа, ќе добијат и финансиски средства за изработка на решението и негово ставање во употреба. Веќе сме во фаза на пилотирање на програмата „ПристАПП“. Имено, со јавниот повик што го затворивме деновиве бараме поефикасно (побрзо, поевтино, потранспарентно) решение за процесот на издавање на повеќе дозволи и документи во надлежност на Министерството за транспорт и врски. До крајот на 2018 година ќе следат и повици во други ресори, за што веќе имаме интерес.

Кој е според вас најдобриот модел за развој на силна стартап сцена во земјава, односно чии искуства како менаџмент на ФИТР ги користите при поставување на стратегијата за прибирање и менаџирање со парите за поддршка на иновативните компании?

Поддршката за стартап сцената е еден од нашите приоритети. Не само како Фонд, туку генерално, како држава. Ова го велам од повеќе причини. Прво, вложувањето во стартап компании значи високо ризична инвестиција, што може да се врати илјадници пати повеќе. Ќе споменам компании како Гугл, Амазон, Тесла што денес вредат милијарди, а почнале пред не повеќе од 10, 15 години во нечија гаража или детска соба. Второ, можеби еднакво важно, вложувањето во стартап компаниите е инвестиција што ги задржува младите во земјата. Преку финансирање на нивните идеи, нивниот потенцијален бизнис, државата всушност покажува дали и колку има интерес да ги задржи младите. Дали и колку верува во нивните потенцијали и дали и колку има капацитет да ги следи. Убеден сум дека Македонија има и капацитет, а сега и јасна политика и волја да ги следи младите во развивање на нивните идеи за бизнис. Еден дел од нашите инструменти ги дизајниравме исклучиво за стартап компании и наскоро ќе објавиме повик за нивно финансирање. Секако, стартап компаниите можат да користат средства и од две мерки од Планот за економски раст, каде првиот повик е веќе во тек. Со Министерството за труд и социјална политика разговараме за посебна мерка преку која на дел од лицата што користат средства преку Програмата за самовработување ќе им понудиме посебен циклус на бизнис едукација. Целта е младите да добијат можност да заработат значително повеќе за своето знаење, идеја и вложен труд. По бизнис едукацијата, ќе додадеме и посебна можност да добијат и средства за реализација на иновативен бизнис. Фактички, заокружен пакет на финансиска поддршка од Владата за отворање на фирма, вработување, едукација и развој на бизнис. Нашата порака до младите е да останат и да ги искористат овие, нови можности што ги нуди државата за нив. Овие модели ги развиваме со сопствени капацитети, а комуницираме и користиме искуства од повеќе странски земји, меѓу кои Израел, САД, Велика Британија и др.

Кога ќе се објават повиците за двата нови инструменти – бизнис акцелератор и технолошка екстензија? Објаснете накратко што ќе донесат овие инструменти за зајакнување на стартап сцената и иновативноста на компаниите?

Јавниот повик за бизнис акцелератори е уште еден дел од пакетот понуда за младите. Имено, акцелераторите ќе понудат посебни програми, отворени за млади луѓе, со цел креирање и моделирање на добра, иновативна бизнис идеја. Во рамки на акцелераторот, по пат на натпревар, потоа учесниците ќе можат да добијат и финансиски средства за реализација на иновативната бизнис идеја. Бизнис акцелераторот е концепт што исто така постои во развиените западни економии, а наша цел е да финансираме отворање на 3 – 4 акцелератори и кај нас. Еден – два би биле во Скопје, а останатите во некои од поголемите урбани центри во Македонија. Условите и постапката за доделување на средствата веќе ги усогласивме со Светската банка, што е наш финансиски партнер во овој дел и повикот ќе го објавиме во наредните неколку недели. За реализација на оваа замисла обезбедени се 1,7 милиони евра.

Пред неколку месеци Владата најави формирање на технолошки парк годинава во координација со ФИТР. До каде е стигнат овој проект со реализацијата, колку ќе издвои државата за него, како ќе функционира, кој ќе го менаџира?

Пред месец и половина на Владата ѝ доставивме првичен документ со информации за статусот и планираните чекори понатаму. Во овој момент, можам да кажам дека одиме со фазно решение, што нуди брз почеток и користење на постојни ресурси, на еден подобар и далеку поорганизирани начин. Имено, наместо градење на грандиозни објекти и набавка на скапа опрема, предложивме користење на постојни објекти на техничкиот кампус во Скопје. Дел од потребната лабораториска опрема веќе ја има токму во четирите технички факултети што се во близина. Студентите и научно – истражувачкиот кадар се тука, на истата локација. Веќе има и домашни и странски компании што се заинтересирани за користење на услугите на паркот односно реализација на развој и истражување во негови рамки. ИТ е секако една од областите каде може веднаш да се почне. Меѓутоа, има интерес и во делот на енергетиката, здравството, биотехнологијата, земјоделието итн. Во моментот, со техничка поддршка од Делегацијата на ЕУ се работи на предлог бизнис модел и модел за управување со Научно – технолошкиот парк. Штом овие два документи бидат подготвени, ќе одиме повторно на Влада со предлог и конечна одлука за формирање на Паркот, како и иницијален буџет за финансирање на неговите операции. Како поддршка на овие напори, Владата формираше и работен тим во кој учествуваат повеќе ресори.

Оптимист сум дека ова може да се заврши и Паркот да почне да функционира до крајот на 2018 година. Потоа, во втора фаза, зависно од потребите, може да планираме и нови објекти и нова опрема за истражување и нови области на функционирање. Сега, клучен приоритет ни е да почнеме со работа, со она што веќе го имаме на располагање како ресурси и разумна финансиска поддршка од Владата и други партнери.

Интервју за Капитал објавено на 24.05.2018