Петок за млади ФИТР во Макинова Технома 1

Младите треба да бидат двигатели на економијата и општеството – На Макинова се одржа #ПетокЗаМлади во организација на ФИТР

Основци и средношколци ги презентираа своите иновативни проекти во рамките на програмата „#ПетокЗаМлади“ во организација на Фондот за иновации и технолошки развој. Оваа иницијатива на ФИТР која денеска се одржа по втор пат, има за цел стимулирање на креативното и критичкото размислување кај младите.

Креативната работилница за младинско творештво беше организирана како дел од манифестацијата Макинова која е поддржана од Фондот, а во рамките на саемот Технома. Срдношколците од неколку училишта од различни делови на Македонија работеа  на нивните иновации на работилниците организирани од страна на Сојузот на здруженија за техничка култура на Република Македонија – „Народна техника“. Меѓу другото, учениците од средните скопски училишта „Михајло Пупин“ и „Јосип Броз Тито“ кои беа наградени во рамки на „Предизвик за млади истражувачи“ на ФИТР исто така имаа можност да ги претстават своите проекти и да разменат идеи.

Петок за млади ФИТР во Макинова Технома 3

Во своето обраќање на почетокот на настанот, директорот на ФИТР, Јован Деспотовски, ја истакна важноста на организирањето на ваков вид работилници и иницијативи во поглед на овозможување континуирана поддршка и стимул за младите, како и развивање на критичкото мислење од најрана возраст.

„Фондот за иновации и технолошки развој продолжува со реализацијата на „Петок за млади“. Програма која е наменета за младите и ги става нив во фокусот. Целта е преку посебен вид програми и иницијативи да го поттикнеме развојот на критичкиот, иновативниот и креативниот потенцијал кај оваа популација,“ истакна Деспотовски.

Директорот на ФИТР ја посочи успешно реализираната програма „Предизвик за млади истражувачи“ која ФИТР годинава ја спроведе во соработка со Министерството за образование и наука. Само годинава, преку оваа програма е доделена финансиска поддршка за 20 основни и средни училишта со цел развивање на различен тип иновативни проекти.

„Денес, во рамките на настанот денес беа презентирани дел од решенијата кои произлегоа од тие проекти. Најавувам скорешно продолжување и распишување на нов повик од „Предизвикот за млади истражувачи“. Сакаме да дадеме шанса на младите со цел да ги поттикнеме да станат претприемачи и двигатели на економијата, како и на целото општество“, рече Деспотовски.

Петок за млади ФИТР во Макинова Технома 2

Учениците и посетителите имаа можност да ги видат проектите „Хигиена на забите со еколошка паста“ и „Теслини струи“ изработен од учениците од „Ацо Русковски“ од Берово, „Теслин трансформатор“ на учениците од средното училиште „Коле Нехнетин“ од Штип, проектот „Вертикален плотер“ на учениците од средното училиште „Јахја Кемал“ од Скопје како и  проектот на средното училиште „Михајло Пупин“ за изработка на оригинален 3Д принтер за кој користат посебна софтверска програма.

Меѓу проектите што беа изложени се и „Еко фрижидер“, „Еколошка соларна термоелектрана“, „Биоапсорбирачки васкуларен стент“, „Електроекономски уред“, „Машина за гравирање со ласер“ и други.