Kapital_16-03-2018

Новиот државен фонд за еквити инвестиции ќе влегува во сопственоста на фирмите

Владата најави дека во рамки на Планот за економски раст ќе формира и посебен фонд за еквити и мезанин инвестирање, кои првично ќе располага со околу 8 милиони евра, а кои преку специјализирано друштво за управување со финансиски средства ќе се инвестираат во стартап, мали и средни фирми кои имаат добар и профитабилен бизнис проект. За првпат досега во Македонија, државата преку еквити фондот ќе влегува и во сопственоста на фирмите во кои ќе инвестира, но и ќе го сноси ризикот од неуспешните инвестиции. “Капитал” објавува детали како ќе функционира оваа мерка во пракса.Вице премиерот за економски систем Кочо Анѓушев минатата недела објави дека Владата планира да одвои пари од буџетот и преку посебни еквити фондови да инвестира во мали и средни фирми, кои имаат добра бизнис идеја, а кои немаат доволно капитал и кои се ризични за да добијат финансиска поддршка од банките.

Главниот новитет е во тоа што државната финансиска помош ќе се реализира преку стекнување на сопственички удел во фирмите, што е прва досега мерка од овој тип во Македонија.
Во земја како Македонија со многу неразвиен финансиски систем, во кој банките се единствено место од каде фирмите можат да побараат финансиска поддршка за своите проекти и бизнис идеи, оваа мерка сигурно ќе предизвика голем интерес.
Вицепремиерот Анѓушев при презентирањето на мерката се повика на примерот на Израел, каде државата има изградено силна мрежа за поддршка на стартап и иновативни фирми, преку различни форми, меѓу кои и преку претворање на своите инвестиции во сопственички влог во фирмата. Но, Израел не е единствен случај и постојат уште многу други земји во кои државите преку еквити фондови ги поттикнуваат инвестициите, иновативноста и економскиот раст. И иако постојат ризици, искуствата на развиените пазарни економии покажуваат дека овие државни еквити фондови се многу успешни и исплатливи, со оглед дека можат и неколкукрактно повеќе да ги вратат вложените средства.
Капитал побара дополнителни информации од надлежните институции за тоа како оваа мерка ќе функционира во пракса.

Со еквити фондот ќе управува специјализирано друштво за управување со финансиски средства

Во новиот План за економски раст се предвидува оваа мерка да се реализира преку Фондот за иновации и технолошки развој.

Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој за Капитал појаснува дека мерката за еквити финансирање ќе се спроведе со формирање на нов посебен фонд за еквити и мезанин инвестиции во рамки на Фондот.
“Во тек е регистрација на овој фонд, во согласност со законот за инвестициски фондови. Следен чекор е отворање постапка за избор на друштво за управување со инвестициски фонд . Станува збор за правни субјекти што се лиценцирани во согласност со соодветниот закон и кои го поседуваат капацитетот и експертизата да управуваат со вакви финансиски средства. Наша обврска е, согласно економската политика на Владата, да ги поставиме критериумите и условите според кои ова друштво ќе ги пласира средствата кон компаниите што ќе побараат ваков вид на финансирање”, вели Деспотовски.

Откако Фондот за иновации и техонолошки развој, односно Владата, ќе ги дефинира условите и критериумите за пласман на средствата, посебен правен субјект од редот на оние што се лиценцирани да вршат дејност управување со инвестициски фондови ќе врши алокација на средствата според проценките за ризик, пазарен потенцијал итн. што самото тоа ќе ги изготви.
Фондот за иновации и техонолошки развој ќе има улога само како креатор на политиките, критериумите и условите, а стручниот дел од постапката за доделување средства ќе оди преку посебно друштво за управување со инвестициски фондови, кое во име на и за сметка на државата ќе влегува во сопственичката структура на компанијата што се финансираат.
Тоа значи, дека специјализираното друштво ќе делува како агент кој ќе ги застапува и управува интереси на државата и ќе ги спроведува нејзините политики.
Вицепремиерот Анѓушев изјави дека за оваа намена веќе се обезбедени 50 милиони денари или околу 800 илјади евра, а во владина постапка е реалокација на уште 400 милиони денари или околу 6,5 милиони евра, со што за почеток на располагање за инвестирање на новиот државен еквити фонд ќе бидат ставени околу 8 милиони евра.

Според првичните развојни планови, еквити-фондот како инвеститор ќе може да влегува до 25% од сопственичката структура на компанијата што аплицира, во износ не поголем од 30 милиони денари или околу 500 илјади евра. Овој лимит во иднина може и да се зголемува, како што ќе се зголемува финансискиот потенцијал на еквити фондот.

Според првичните развојни планови, еквити-фондот како инвеститор ќе може да влегува до 25% од сопственичката структура на компанијата што аплицира, во износ не поголем од 30 милиони денари или околу 500 илјади евра. Овој лимит, објаснуваат од Фондот, во иднина може и да се зголемува, односно како што ќе се зголемува финансискиот потенцијал на новоформираниот фонд за еквити и мезанин во една фирма или проект ќе можат да се финансираат и износи поголеми од првичните 500 илјади евра.
Од Фондот за иновации и техонолошки развој појаснуваат дека нема да се селектираат одредени приоритетни сектори кои ќе се поддржуваат. Директорот Деспотовски вели дека свесно не одат со определување на приоритетни сектори, туку напротив ги охрабруваат компаниите од сите сектори да аплицираат.

За оваа мерка ќе можат да аплицираат сите домашни фирми, вклучително и новооснованите стартапи и спинофи, како и веќе етаблирани компании со нови проекти и бизнис идеи.

Од Фондот за иновации и технолошки развој велат дека тие преку сите останати инструменти, работат и обезбедуваат поддршка на компании од повеќе индустриски гранки, како на пример од земјоделството, информатичката технологија, туризмот, креативните индустрии, компании кои работат на проекти за енергетска ефикасност, за намалување на загаденоста на воздухот, итн.

Државата ќе го сноси и ризикот од лошите инвестиции

Го прашавме директорот Деспотовски што ќе се случи и кој ќе го сноси ризикот доколку пропадне проектот или фирмата во која инвестирал еквити фондот.
Тој појаснува дека самиот еквити фонд значи инструмент за оперирање со ризичен капитал.

“Доколку проектот со којшто некоја компанија би аплицирала за средства од овој фонд доживее неуспех, тоа значи дека станува збор за материјализација на ризикот, што, пак, значи дека одговорноста за последиците од ризикот го споделува и Фондот за иновации и технолошки развој, односно Владата. На овој начин, преку споделување на ризикот, државата ја афирмира улогата на инвеститор, па оттука го сноси и соодветниот дел од одговорноста”, вели Деспотовски, кој потенцира дека
светските искуства посочуваат дека успешните вложувања од ваков вид неколкукратно ги надминуваат загубите од првичните неуспешни инвестиции.
“Пример што често се споменува деновиве е оној со „израелското чудо“, кога една успешна старт ап компанија е продадена за 1,3 милијарди долари, што е за неколку пати повисок износ од вкупниот вложен во финансиска поддршка на компаниите во Израел во повеќе години. Да не зборуваме дека овој пример е само еден од повеќе други успешни инвестиции, што само говори дека во процесот добитници се и државата и економијата”, објаснува Деспотовски..

Државата ќе може и да ги продава своите удели

Вообичаено, инвестициските фондови поддржани од државите имаа разработено излезна стратегија или т.н exit strategy, преку која државата излегува од сопственичката структура на фирмата, кога таа доволно ќе зајакне и нема да има потреба од државната финансиска поддршка.
Вообичаено, по период не подолг од 5 години државата излегува од сопственичката структура на компанијата што аплицирала за средства преку еквити-фондот.
“Постојат два модалитети преку кои државата, односно еквити фондот излегува од сопственоста на фирмата. Имено, при самото склучување на договорот за проектот, може да се дефинира и цената по која државата (преку овластеното друштво за управување со инвестицискиот фонд) ќе го продаде својот удел во таа компанија на доминантниот сопственик и да се одреди точно времето кога тој егзит би се случил. Втората опција предвидува при потпишување на договорот да се дефинира кога точно државата би излегла од инвестицијата, а цената да се одреди според пазарната вредност на компанијата во момент кога се случува излегувањето”, објаснува Деспотовски.
Прво ќе биде понудено на доминантниот сопственик да си го откупи делот назад по однапред дефинирана цена, но доколку се јави случај доминантниот сопственик да не ја прифати таа понуда, тогаш уделот кој е покриен од страна на Фондот ќе се понуди на пазарот за цена што ја диктира пазарот.
“Ако e однапред договорена, цената за продажбата на уделот на Фондот мора да бидеопфатена во самиот договор, но доколку договорот не содржи таква клаузула, тогаш пазарот ја диктира цената по која тој удел би се продал”, објаснуваат од Фондот.

Еквити фондот во иднина ќе се отвори и за приватни инвеститори

Иако првичната сума која новиот фонд за еквити и мезанин инвестиции е можеби мала, од Фондот појаснуваат дека таа сума во иднина ќе се зголемува.

Зголемувањето ќе се врши преку два основни извори. Првиот е државата, односно буџетот.

“Првичниот финансиски потенцијал на еквити-фондот кој во моментов стои на 7,5 милиони евра беше обезбеден преку други извори на буџетски средства. Сега користиме средства што досега стоеле неискористени во други институции, а биле наменети за поддршка на компаниите”, вели Деспотовски, кој додава дека во тек се анализи и консултации и со другите економски ресори за да се лоцираат дополнителни неискористени средства, кои потоа ќе се искористат преку фондот за еквити и мезанининвестиции.

Како втор и многу важен извор за зголемување на финансискиот потенцијал на фондот за еквити и мезанин инвестиции се странските и домашни финансиски инвеститори, кои се расположени да се вклучат во овој нов фонд.
Имено, плановите на владата предвидуваат на среден рок фондот за еквити и мезанин инвестиции да се отвори и за приватни инвеститори, со што дополнително ќе се зголеми финансискиот потенцијал, ако моделот се покаже како успешен во своето работење.

Што се еквити и мезанин финансирање?

Еквити (Equity) финансирање e алтернативен модел на финансирање преку сопственички и акционерски капитал. Тој предвидува во суштина процес на собирање на капитал преку продажба на удели или акции во некоја фирма на инвеститорите кои го даваат капиталот, со цел подобрување на позициите за понатамошен побрз раст и развој на бизнисот. Со тоа инвеститорите се стекнуваат со управувачки интереси и права во компанијата. Овој тип на финансирање е посебно важен во раните фази од развојот на фирмите, кога тие обично се соочуваат со недоволно приходи, негативен паричен тек и недостаток на капитал и средства кои можат да се употребат како обезбедување за банкарски кредит.

Мезанин финансирањето е еден од најзастапените инструменти за финансирање. Станува збор за ризичен капитал кој се вложува во основниот капитал на одредена фирма. Мезанин финансирањето се базира на проценки за идните текови на пари и финансиски перформанси на фирмата во која се вложува и нејзината можност да остварува профит во иднина, што го разликува од кредитното финансирање кое обично се врзува со поседување на адекватни средства за обезбедување на кредитот.

Мезанинот како инструмент за финансирање засилено се користи во периоди на економска криза, кога банките избегнуваат да ги кредитираат фирмите заради тоа што се преризични или заради презадолженост на фирмите.
Како даватели на мезанин капитал обично се јавуваат инвестициски фондови.

(Објавено во Капитал на 16.03.2018)