На ден 17.02. 2015 година на заедничка прес конференција Јасмина Поповска, директорка на Фондот за иновации и технолошки развој и вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски, го најавија првиот повик за инструментот кофинансирани грантови за старт-ап и спин-оф претпријатија и иновации.
Инструментот е наменет за финансирање на новоосновани претпријатија коишто постојат најмногу 6 години, микро, мали и средни претпријатија регистрирани во Република Македонија, а е со цел поттикнување на иновативноста кај претпријатија, имплементирање на иновативни решенија и поддршка на претпријатија кои имаат висок потенцијал за раст.
За овој повик се обезбедени средства во износ од 600.000 евра.
Фондот за иновации и технолошки развој располага со вкупно четири инструменти, за кои оваа година се предвидени средства во износ од 2.280.000 евра. Во текот на годината, ќе се објават јавни повици за сите инструменти, вклучувајќи уште еден повик за доделување на кофинансирани грантови за старт-ап и спин-оф претпријатија и иновации.
Директорката на Фондот за иновации Јасмина Поповска информираше дека  старт-ап и спин-оф претпријатија што ќе се пријават на повикот ќе може да добијат најмногу до 30.000 евра. Фондот ќе финансира 85 проценти од вкупните трошоци на проектите. Целта е да се зголеми  иновативноста кај македонските претпријатија, но и да се поттикне примената на научно истражувачки проекти од универзитетите  во комерцијалниот дел преку формирање спин-оф претпријатија.
– Ги охрабруваме  сите микро, мали и средни претпријатија, новоосновани претпријатија кои постојат најмногу 6 години, спин-оф претпријатија кои се во доминантна сопственост домашни претпријатија на македонски граѓани да аплицираат за поддршка од Фондот и да ги реализираат  своите иновативни проекти кои имаат потенцијал за комерцијализација – рече Поповска.
Фондот за иновации во наредниот период во поголемите општини ќе организира информативни настани за начинот на добивање финансиска поддршка. Повикот, со условите и методологијата за оценка на апликациите, ќе биде објавен во печатените медиуми и на веб страницата на Фондот за иновации.