На 10ти и на 12ти март 2015 година во општина Битола и во општина Охрид,  се одржаа два информативни настани на Фондот за иновации и технолошки развој.
По овие два ќе следат и информативни настани кои ќе се одржуваат во повеќе градови низ Република Македонија со цел претставување на можноста за ко-финансирани грантови заиновативни проекти на старт ап и спин оф претпријатија во износ до 30.000 евра.

Фондот со објавувањето на повикот под инструментот „Kофинансирани грантови за старт-ап, спин-оф трговски друштва и иновации“ на 18ти февруари 2015, кој ќе биде отворен до 18ти април 2015 година има за цел  поттикнување на иновативноста кај претпријатијата и поддршка за воведување иновативни решенија кај претпријатија кои имаат висок потенцијал за раст. Инструментот е наменет за финансирање, микро, мали и средни претпријатија регистрирани во Република Македонија, коишто постојат најмногу 6 години.
На настаните, претставници на Фондот ги образложија целите на инструментот, процедурите и начинот на аплицирање, како и содржината на формуларите за аплицирање. Инфо сесиите се наменети да придонесат кон формулирање на  квалитетни предлог-проекти и да им помогнат на сите заинтересирани да ја искористат можноста со помош на финансиската поддршка од Фондот да ги развијат своите иновативни идеи во успешни бизниси.
Воедно беа презентирани и можностите за финансирање преку Програмата ХОРИЗОН 2020 од страна на националниот координатор на оваа програма при Министерството за образование и наука на Република Македонија.

На двата настани беа присутни  повеќе претставници на компании,  универзитети, иноватори и лица заинтересирани за основање нов бизнис кои активно се вклучија со поставување прашања.
Повеќе информации за можностите за финансирање кои ги нуди Фонодт за иновации и технолошки развој можете да најдете на www.fitr.mk