Отворен е четвртиот повик за финансирање на предлог проекти на ФИТР

Врз основа на член 25 од Законот за иновациската дејност (Службен весник на Република Македонија“ бр. 79/13, 137/13, 41/14, 44/15, 6/16, 53/16 и 190/16) и Правилникот за инструментот за поддршка – кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва „старт-ап“ и „спин-оф“ Правилникот за инструментот за кофинансирани грантови и условени заеми за комерцијализација на иновации, Фондот за иновации и технолошки развој на 03.02.2017 година објавува

 

ЈАВЕН ПОВИК бр. 4

за поднесување предлог-проекти за поддршка под

 

  1. Инструментот за кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва „старт-ап“ и „спин-оф“
  2. Инструментот за кофинансирани грантови и условени заеми за комерцијализација на иновации

Инструментот за кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва „старт-ап“ и „спин-оф“ има за цел да го поттикне нивото на иновативност кај новооснованите претпријатија преку обезбедување на неопходната финансиска поддршка за активности на истражување и развој. Грантот се очекува да  ја поттикне културата на преземање на ризик и иновација, да обезбеди поддршка за претпријатијата кои сакаат да развијат нов или подобрен производ, процес, и/или услуга како и да поттикне комерцијализација на резултатите од истражувања настанати во вискообразовните односно научноистражувачките установи.

Инструментот е наменет за финансирање на ново-основани, микро, мали и средни претпријатија, регистрирани во Република Македонија, а со цел поттикнување на иновативноста кај компаниите, имплементирање на иновативни решенија и поддршка на претпријатија кои имаат висок потенцијал за раст, како и пренесување на резултатите од научните истражувања во апликативни, односно комерцијални активности преку формирање на спин – оф претпријатија.

Поддршката преку овој инструмент ќе биде доделена на проекти кои имаат најмалку „потврден концепт“ (proof of concept) и јасна комерцијална амбиција. Инструментот поддржува проекти кои се во фаза на потврден концепт до предкомерцијална (предпазарна) фаза.

Јавниот повик се однесува на кофинансирање најмногу до 85% (осумдесет и пет проценти) од вкупниот буџет за проектот, до максимален износ од 30.000 (триесет илјади) евра. Преостанатите 15% (петнаесет проценти) од вкупниот буџет за проектот треба да бидат обезбедени од апликантот.Повикот е отворен за микро, мали и средни претпријатија (не постари од 6 години) – „старт-ап“ и „спин-оф“ претпријатија, во доминантна сопственост на македонски државјани (50,1% или повеќе), кои имаат иновативна идеја со солидно очекување за комерцијализација.

Инструментот за кофинансирани грантови и условени заеми за комерцијализација на иновации има за цел да поттикне зголемување на истражувањето и развојот во приватниот сектор, да ја охрабри соработката помеѓу приватниот сектор и високообразовните и научни установи, како и останати форми на соработка за комерцијализација на иновации.

Поддршката преку овој инструмент ќе биде доделена на проекти со јасна комерцијална цел кои се во фаза на прототип (или соодветна фаза во зависност од видот на иновативниот производ, услуга, процес) се до пред комерцијална (предпазарна) фаза.

Јавниот повик се однесува на кофинансирање најмногу до 70% (седумдесет проценти) од вкупниот буџет за проектот, до максимален износ од 100.000 (сто илјади) евра. Преостанатите 30% (триесет проценти) од вкупниот буџет за проектот треба да бидат обезбедени од апликантот.Повикот е отворен за микро, мали и средни претпријатија што сакаат да развијат иновативен производ, услуга или процес, сами или во соработка со друго претпријатие или установа која врши високообразовна, односно научно-истражувачка дејност.

Ги повикуваме сите заинтересирани да поднесат предлог-проекти (уредно пополнети обрасци и дополнителна документација) во електронска форма преку системот на Фондот на следниот линк  http://mis.fitr.mk најдоцна до 03.05.2017 година (00:00 часот).

Условите за аплицирање, обрасците за аплицирање, како и критериумите за оцена на предлог-проектите се детаљно образложени во целосниот текст на повикот достапен на веб-страницата на Фондот за иновации и технолошки развој: www.fitr.mk

За дополнителни информации може да се обратите во Фондот на: info@fitr.mk