IMG_8600

Потпишан договор помеѓу Министерството за здравство, ФИТР и Израел, чија цел е промоција и имплементација на иновации и развој во здравствениот систем во Република Македонија

Министерството за здравство, Државата Израел и Фондот за иновации и технолошки развој, денеска во Владата на Република Македонија потпишаа трипартитен договор, во областа на здравствената заштита. Договорот носи стратешки план за соработка во областа на здравствената заштита, а целта е промоција и имплементација на иновации и развој во областа на здравството.

„Со овој навистина плоден договор ќе се овозможи делување во повеќе области, како што се: тренинг на здравствени работници за итна медицинска помош, едукација во областа на биоинформатика, биостатистика и клинички испитувања. Едукација и размена на експерти од сферата на трансплантација и ехо, со што веќе имаме прелиминарен договор со болницата Рабин Центар во Тел Авив за време на нашата посета, како и Универзитетот Бар Илан за размена на наши доктори и експерти, кои ќе одат и престојуваат во тие болници и ќе учат од врвни експерти од областа на трансплантацијата. Станува збор за опрема и материјали со кои ќе се подобри енергетска ефикасност на болниците. Се што му е неопходно на здравствениот систем во Македонија“, истакна министерот Филипче.

IMG_8671

Министерот Филипче, во своето обраќање додаде и дека ќе се спроведе ефективна здравствена едукација, соработка помеѓу Универзитетите на Република Македонија и државата Израел, едукација за здравствен персонал во повеќе иновативни области, како и набавка на опрема, но и помош во вид на донација од израелската страна за здравствените установи во Битола и Скопје.

За овој договор се обезбедени 100 илјади долари од Фондот за иновации и технолошки развој и 104 илјади долари од Министерството за надворешни работи на Израел, а истите преку Израелска амбасада во Македонија ќе се искористат за спроведување на овој Договор и стратешки план.

„Среќен сум што се наоѓаме на место од коешто ќе започнеме одлична соработка во областа на здравството. Се надевам дека побрзо ќе започнеме со активностите. За нас, во здравствениот сектор ние гледаме многу различни потенцијали. Потенцијалот за стратешко партнерство во здравствениот сектор е огромен“, рече амбасадорот Ориан и додаде дека е среќен што ќе почнат соработка со Фондот за иновации и технолошки развој.

IMG_8694

Амбасадорот Ориан истакна дека во Израел ги туркаат напред иновативните елементи на ова партнерство и се надеваат дека понатаму ќе имаат неколку заеднички проекти, вклучувајќи и проект за чист воздух, заедно со Министерството за здравство и други министерства.

„Здравството е едно од најважните области во коешто можеме да соработуваме и да најдеме заеднички јазик во ова партнерство“, кажа амбасадорот Ориан.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски информираше дека овој меморандум за соработка ќе отвори врата за влез на иновации и развој во многу значаен сегмент, а тоа е јавното здравство.

„Со овој меморандум, се отвора врата за примена на иновации во јавното здравство. Клучен партнер ни е државата Израел како една од водечките нации на полето на иновации на глобално ниво. Сакаме да го искористиме потенцијалот на преку 1400 компании и организации од оваа земја кои работат на развој и примена на иновации во здравството и биотехнологијата и нивното искуство и експертиза да им го пренесат на македонските колеги. Примената на иновации во јавниот сектор ќе придонесе кон негова поголема ефикасност, но и зголемен квалитет на услугите“, потенцираше директорот Деспотовски.

IMG_8793

Првиот дел од овој проект се реализира преку донација од 48 специјални колички за деца, кои изминатиов месец беа донирани од Израелската амбасада низ јавните здравствени установи во Република Македонија. Во следниот период, односно во следните 5 години, уште поинтензивно продолжуваме со соработка со нашите пријатели од Израел.