Оваа седмица, Фондот продолжи со промоцијата на првиот повик за доделување на средства. Заедно со претставници на програмата Хоризонт20202 од Министерството за образование и наука, тимот на Фондот ги посети Струмица, Велес и Гевгелија.

Претставници на Фондот одржаа средби со неколку сопственици на мали бизниси кои веќе подготвуваат предлог проекти со кои ќе конкурираат за добивање финансиски средствата од Фондот. Потенцијалните апликанти имаа можност да добијат одговори на своите прашања во врска со процедурите за аплицирање и корисни насоки како подобро да ја пополнат апликацијата.

Иако низ републиката постои голем потенцијал за развој на бизниси засновани на иновации, искуството на Фондот од овие посети е дека информираноста за можностите за финансирање преку инструментите на Фондот, како и за важноста на иновациите за јакнење на конкурентноста кај македонските компании е недоволна. Искористувањето на можностите за финансирање за развој на бизнис секторот од страна на компаниите во внатрешноста е од исклучителна важност за регионалниот економски развој и социјалната кохезија во Република Македонија. За таа цел, Фондот и понатаму ќе продолжи со активности за промоција на потенцијалот и достапноста на финансиски средства за развој на микро, малите и средни претпријатија  преку развој на иновативни решенија.

Последниот од низата настани низ Македонија наменети за промоција на првиот јавен повик ќе се одржи на 26ти март во Прилеп.