Во петок, на 24ти октомври 2014та година, во просториите на регионалната канцеларија на Стопанската комора во Кичево, претставник на ФИТР пред присутните претставници од приватниот сектор ги презентираше финансиските инструменти на Фондот.

Ова беше првата од серијата претставувања низ Република Македонија кои ФИТР ќе ги оствари заедно со Македонска банка за поддршка на развојот, во соработка со Стопанската комора на Македонија и регионалните комори. Презентациите се со цел потенцијалните апликанти низ целата територија на Република Македонија подобро да се запознаат со можностите за финансирање кои ги нуди Фондот.

На настанот во Кичево беа присутни повеќе претставници на компании и лица заинтересирани за основање нов бизнис. Претседателот на Управниот одбор на Регионалната комора со седиште во Кичево, г-динот Игор Соколески го отвори настанот, ги претстави присутните и ги охрабри посетителите да ги користат можностите за финансирање. Интерес за финансирање активности под третиот инструмент на Фондот – „Ко-финансирани грантови за трансфер на технологии“ изразија и претставниците на комората.