UPSHIFT настан во Маврово учесници и победници

Прогласени победничките тимови – Успешно заврши првата UPSHIFT работилница со поддршка на ФИТР и УНИЦЕФ

Голема посветеност, активност и вистинска иновативност покажаа тимовите основци и средношколци на првата UPSHIFT работилница за социјално претприемништво која ја организираше CEED Hub Скопје, а беше поддржана од Фондот за иновации и технолошки развој и УНИЦЕФ.

По тродневна активна работа која се состоеше од идентификуваање на социјални проблеми и дискусија како овие проблеми да се надминат преку создавање на одржливо бизнис решение, беа прогласени 5те победнички тимови и нивните проекти кои ќе добијат финансиска поддршка:

  • Тимот на СУГС Владо Тасевски од Скопје со проектот „Дај пластичен кош, не биди повеќе за природата лош“ – Продажба на стаклени шишиња или термоси со посебни стикери со еколошка порака со цел подигање на еколошката свест за последиците од прекумерниот отпад од пластични шишиња.
  • Тимот на Средното економско општинско училиште „Гостивар“ од Гостивар со проектот „Бон тон правила за животна околина“ – Набавка на посебни канти за отпадоци со 4 отвори и изработка на мобилна апликација која ќе сигнализира дали ѓубрето се фрла на право место. Целта е подигање на еколошката свест.
  • Тимот на ПСУ „САБА“ со проектот „Дружење без граници“ – Дневен центар за основци и средношколци со посебни потреби, со волонтерска помош тим психолози и дефектолози.
  • Тимот на ДСУ „Орце Николов“ од Скопје со проектот „Динамик Дуо“ – Две станици за полнење мобилни телефон, напојување со струја на мобилните телефони преку употреба на статични точаци.
  • Тимот на СОУ „Јане Сандански“ од Струмица со проектот „Енергични бомбици“ – Отворање на ресторан во своето училиште со мени со избор на здрава храна: смути, органски палачинки, свежи сокови и слично. Планот на тимот е вработување на двајца професионалци, како и волонтерски ангажман од страна на учениците.

Тродневната UPSHIFT работилница се одржа во Маврово, а учесниците беа дел од програма која се спроведува на светско ниво. Оваа прва работилница од ваков тип имаше за цел развој на претприемачките вештини кај младите кои треба да станат составен дел од наставните програми и стратегии за развој на образованието во Република Македонија.