Компанија Веда ПСЦ од видео за ФИТР

Проектот „Аеросолен систем за брзо гасење на пожар“ со поддршка од ФИТР

Проектот „Аеросолен систем за брзо гасење на пожар“ е на компанијата Веда која постои 27 години. Во овој период оваа компанија се занимавала со истражување на нови производи и нови технологии, а своето производство во изминатите децении го пласирала исклучиво во повеќе развиени земји на странскиот пазар.

„Паралелно работевме на создавање и на нови производи како што е системот за аеросолно гаснење на пожар. Се очекува дека во блиска иднина 50 проценти од системите за гаснење на пожар ќе се базираат на овој принцип. Ова беше забележано и во светската стручна јавност. Минатата година, четири најеминентни професори, преку издавачката куќа „Спрингер“, издадоа алманах во кој оваа наша технологија е презентирана како идна апликација во областа на млазната пропулзија“, објаснуваат од компанијата „Веда“

„Благодарение на средствата што ќе ги добиеме од Фондот за иновации и технолошки развој за овој проект, ќе извршиме сертификација на нашиот производ и врз основа на тоа ќе започнеме со сопствено производство во Македонија. Со овој производ планираме да настапиме пошироко на светските пазари, очекувајќи дека тој ќе стане познат македонски бренд“, велат претставниците на оваа домашна компанија.

„Веда“ е една од над 70 домашни компании/конзорциуми поддржани од ФИТР во рамките на првиот јавен повик од Планот за економски раст на Владата на Република Македонија.

Со првиот инвестициски бран се реализираат инвестиции во домашниот приватен сектор во износ од 20 милиони евра. Се ангажираат 460 лица, од кои 85 се нови работни места, со просечна плата од 48.000 денари.