Компанија Торакс ПСЦ од видео за ФИТР

Проектот „Развој на паметен фотоволтаичен модул (ФВ-ПАМ)“ на Торакс со поддршка од ФИТР

Проектот „Развој на паметен фотоволтаичен модул (ФВ-ПАМ)“ има за цел да прерасне во нов револуционерен производ од областа на енергетско-ефикасните фасади и покриви. Овој проект е на компанијата Торакс, која го спроведува во соработка со Факултетот за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ преку новоформираниот Центар за трансфер на технологии и иновации, ИНОФЕИТ и компанијата Интебако.

„Во насока на зголемување на својата палета на производи од областа на енергетско-ефикасните фасади и покриви решивме да ја искористиме можноста што ја понуди ФИТР и да развиеме нов револуционерен производ кој се очекува да има големо влијание врз пазарот во иднина“, велат од компанијата Торакс.

Тие истакнуваат дека целта на проектот е развој на иновативен производ, паметен фотоволтаичен модул, кој во себе ќе интегрира најсовремени батерии и управувачка електроника.

„Фотоволтаичниот модул наречен ФВ-ПАМ, покрај стандардните карактеристики за производство на електрична енергија, ќе има можност да ја акумулира таа електрична енергија и поради нејзината управливост ќе има големи позитивни ефекти врз електро-енергетскиот систем. Исто така, директно може да се користи и како градежен материјал во покривните конструкции, без употреба на дополнителни материјали.“, истакнува во видеото претставникот на оваа домашна компанија.

Во изработката и развојот на ФВПАМ, покрај Торакс и Интебако, ќе учествуваат истражувачи, докторанти, магистранти и студенти од ФЕИТ, што очекуваме да биде најпозитивен пример за примената на современите истражувања во практиката во насока на развој на иновативни производи.“

Компанијата Торакс е една од над 70 домашни компании/конзорциуми поддржани од Фондот за иновации и технолошки развој во рамките на првиот јавен повик од Планот за економски раст на Владата на Република Македонија.

Со првиот инвестициски бран се реализираат инвестиции во домашниот приватен сектор во износ од 20 милиони евра. Се ангажираат 460 лица, од кои 85 се нови работни места, со просечна плата од 48.000 денари.