Виктор Настев „Развивање на интелегентни лежечки полицајци“ (награда во Тајван)

Проект финансиран од ФИТР освои сребрен медал на меѓународен натпревар во Тајван

Изложбата на пронајдоци и нови технологии „Taiwan INNO TECH EXPO” која е дел од активностите на Бирото за трговија на Тајван, а ја организира Тајванската организација за промоција на меѓународната трговија (TAITRA), оваа година се одржа од 27 –ми до 29 -ти септември во Меѓународниот изложбен центар во Тајпеј. Учествуваа 565 учесници, а заедно со глобалниот настан, беше организиран и e-Commerce Expo Asia 2018 посетен од 77.0000 посетители.

Во натпреварувачкиот дел од изложбата беа пријавени 480 пронајдоци од 24 земји меѓу кои и еден пронајдок од Македонија.

Пронајдокот на пронајдувачот Виктор Настев – „ Развој на интелигентни лежечки полицајци“ (Smart Bumps) постигна голем успех и го освои сребрениот медал во официјалната конкуренција. Пронајдокот беше на темата на изложбата: „Одржливост, иновативни пронајдоци и технологии на иднината“, а го претставуваше Агенцијата за интелектуална сопственост „Берин“.

Надвор од официјалната конкуренција беа успешно преставени два пронајдоци на македонски пронаоѓачи: „Колан за прицврстување на кошула” на тандемот Кристијан Поповски и Ненад Пантовиќ, како и „Постројките за прочистување на вода кои користат био филтри” од Јоти Поповски.

Проектот „Развој на интелигентни лежечки полицајци“ кој е поддржан од страна на ФИТР има за цел револуционизирање на уредите за безбедност во сообраќајот – т.н. лежечки полицајци. Со комбинирање на традиционалните лежечки полицајци со микро контролер, сензори и соодветен софтвер тие стануваат ‘интелегентни’.

Со други зборови, интелигентните лежечки полицајци користат сопствена технологија која прво ја мери брзината на возилото непосредно пред нив, и ако е поголема од дозволената го подига лежечкиот полицаец и го ‘удира‘ возилото како што би направил и традиционалниот лежечки полицаец. Меѓутоа, ако возачот вози под дозволената брзина, лежечкиот полицаец е на ниво на патот и поминувањето над него е глатко. Целта на проектот е постоечкиот прототип кој е развиван и усовршуван во минатата година да се претвори во производ кој ќе биде прилагоден за економично сериско производство, што ќе го направи достапен на што е можно поголем број на корисници.

Компанијата „Смарт трафик сејфти системс“ со овој проект е корисник на Фондот од четвртиот јавен повик под инструментот за поддршка на комерцијализација на иновации. Вкупниот буџет на проектот изнесува 142.508 евра од кои ФИТР финансира 70%, односно 99.755 евра. Компанијата има сопствено учество од 42,753.00 евра во овој проект.

Почетокот на проектот е на 01.03.2018 година, а неговото времетраење изнесува 24 месеци до кога оваа компанија треба да има развиено неколку прототипови на интелигентни лежечки полицајци: Прототип 1 – верзија за улица, Прототип 2 – верзија за во трговски центри и Прототип 3 – Верзија со напредни функции и да започне комерцијално производство на интелигентни лежечки полицајци.

Повеќе информации за проектите од четвртиот повик за Кофинансирани грантови и условени заеми за комерцијализација на иновации финансирани од ФИТР можете да прочитате на следниот ЛИНК

Оваа компанија е еден од првите корисници на ФИТР, добитник е на првиот јавен повик на Фондот во 2015 година под инструментот за поддршка на старт-ап и спин-оф компании со проект за првичен развој на прототип на интелигентен лежечки полицаец. Вкупниот износ на финансиска поддршка од страна на фондот изнесувал 29.998 евра односно 84,5% од вкупнииот буџет на проектот кој изнесувал 35,500.00 евра. Првиот проект е успешно завршен и одобрен од страна на Фондот.

Фото: Агенција за интелектуална сопственост „Берин“