Don_Lewis_15-02-2018_web

Професор Дон Луис: Колку е помала државната поддршка за претприемништво, толку се помали шансите за економски раст

Дон Луис e професор по претприемништво на Mајс Бизнис школата при Универзитетот А&M во Колеџ Стејшн, Тексас, САД. Тој го раководи и бизнис инкубаторот на Универзитетот, самиот е претприемач, а од неодамна е член на Комитетот за одобрување инвестиции при Фондот за иновации и технолошки развој во Македонија.

Со него разговаравме во Mаys Business School во Тексас за развојот на претприемништвото во светски рамки, дали претприемништвото е вродена предиспозиција или вештина која се учи, од што најмногу зависи успехот и многу други интересни теми!

Разговараше- Верица Јорданова

– Многумина зборуваме за претприемништво многумина сметаат дека најважно е да си роден со таква дарба. Какво е вашето искуство низ годините? Кои се клучните фактори да се стане успешен претприемач?

Сметам дека претприемачите не се раѓаат со таква способност, туку треба да се научи. Клучната работа е што подразбирате под претприемништво. За мене постојат многу начини да се биде претприемач: можеш да бидеш претприемач на јавна позиција како универзитет каде што ќе создаваш програми, настани, активности; можеш да бидеш независен претприемач, што е најчестата дефиниција на поимот; можеш да бидеш претприемач во корпорација и можеш да биде социјален претприемач. Социјалното претприемништво луѓето често не го сметаат за вистинско претприемништво, но таму нема ништо поразлично: има клиенти, мора да соберете пари, мора да правите се како и кај приватниот бизнис, освен тоа што најголем дел од парите се од грантови, донации и фондови. Значи, претприемништвото се учи. Тоа значи во една од овие четири области да станете креативни и иновативни и тоа да го претворите во бизнис.

– На која возрасна граница е најдобро да се започне со усвојување на претприемачки знаења и вештини? Можеби треба да се почне уште во основно или средно училиште?

Јас верувам дека колку порано се почне со претприемничко учење, толку се поголеми шансите за успех. Ако уште како дете почнете да продавате колачи или нешто што сте го направиле самите, од мали нозе ќе научите што значи производство и продажба. Претприемништвото е и учење од претходни неуспеси или успеси. Секој претприемач ќе ви каже дека на тој начин се учи многу. Почнувате со мали работи и како што растете до 20-30 години сте научиле доволно за да лансирате голем бизнис.

– Честпати слушаме како познати претприемачи зборуваат за своите неуспеси. Зошто е толку битен неуспехот во развојот на еден претприемач?

Не мора да значи дека сите не успеваат од старт, но во повеќето случаи е така. Во многу земји во светот како бивша Југославија, Франција, Белгија, па дури и понекогаш во САД владее перцепцијата дека доколку си доживеал неуспех, не те бидува за бизнис и дека секој нареден обид исто така е осуден на неуспех. Но, секој претприемач знае дека не може се да биде како што треба при првиот обид. Токму затоа треба да се направи паметен пристап: да не инвестирате се што имате од старт за да не изгубите се! Треба да оставите нешто за да можете да се обидете повторно и повторно. Образовните институции ве учат на многу работи, но не можат да ве научат се. И на моите студенти постојано им велам дека најдобар начин да научат бизнис е да отворат сопствен бизнис. Без оглед на тоа дали ќе биде успешен или не, ќе си ги збогатат знаењата и ќе научат што е потребно за водење бизнис. Не би рекол дека е битно за доживеете неуспех, туку да пробате така што ќе почнете со помали потфати.

– Колку Вам лично како професор по претприемништво Ви помага фактот дека и самите сме основале компании? Мислите ли дека вашите студенти имаат среќа затоа што учат од професор со практично знаење?

Многумина предаваат за претприемништвото, но тешко е да се зборува со вистинска мудрост и практично знаење ако не сте биле претприемач. Мислам дека пред да почнете да ги учите другите за нешто треба да сте го испробале тоа. Не можам да ги учам студентите како да ризикуваат со своите или со туѓи пари ако самиот не сум го испробал тоа.

– Пазарот во САД е многу конкурентен, но сега е иста ситуацијата секаде во светот благодарение на глобализацијата. Што би им советувале на младите кои сакаат да почнат свој бизнис, но мислат дека се е веќе измислено и нема простор за нив?

Најпрвин, има многу вежби со кои ќе научите да ги согледате нерешените проблеми околу вас. Ќе ви дадам еден пример. Мојот најголем проблем сега е што немам време да ги проверам сите мејлови и да одговорам на нив. Кога некој би го решил тој проблем, тоа за мене би вредело многу пари.

Идните претриемачи треба да најдат решенија за проблемите на луѓето, за кои решенија тие се подготвени да платат. Едноставно е: најдете проблем, создадeтe решение и проверeтe на колкумина им e потребно тоа решение. Во светот има многу луѓе кои сакаат да почнат нешто свое, но немаат идеја. Но, има и многумина кои имаат идеја и сакаат да почнат бизнис. Доколку сте од тие што немаат идеја, има и други начини да почнете бизнис. Можете да купите постоечки бизнис или да купите франшиза.

– Често патувате и се запознавате со различни пазари и економии. Се забележува ли некоја глобална освестеност за претприемништвото? Има ли се повеќе луѓе кои се впуштаат во тие?

Пред 100 години сите биле претприемачи. Не постоеле големи корпорации и сите имале мали бизниси. Потоа дојде Индустриската револуција и луѓето почнаа да работат за компании. Сега се случува промена во обратен правец. Интересно е да се види дека најголем економски двигател во најголем дел од земјите и градовите е поддршката што им ја нудат на претприемачите. Колку е послаба поддршка за претприемништвото, толку се поголеми и побројни проблемите на државите со економскиот раст. Зошто? Затоа што претприемачите се моторот, срцето на економијата. Тие ја придвижуваат економијата. Многу универзитети го промовираат претприемништвото затоа што најголем дел од донаторите на универзитетите се поранешни студенти кои се збогатиле, а најголем дел од нив не научиле ништо за претприемништвото додека студирале.

– Во најголем дел од државите на малите бизниси отпаѓаат повеќе од 90% од економијата. Таква е сликата и во Македонија. Зошто малите бизниси се толку битни за една економија, особено ако е помала?

Најпрвин, тие нудат диверзитет. Ако имате една џиновска корпорација во една заедница или во една земја и таа пропадне, тоа ќе има големи последици врз целата заедница. Но, доколку има повеќе различни мали бизниси и еден од нив пропадне, ќе останат уште многу кои ќе ја одржуваат економијата и целиот екосистем. Кога има повеќе компании со помал број вработени многу е помал ризикот врз економијата. Малите бизниси ги нарекуваме и „бизниси кои овозможуваат еден животен стил“. Тоа значи дека ви носат доволно пари за да се образувате, да се прехраните, да си купите куќа.

– Многу мали бизниси се семејни бизниси. Има ли тука студенти чии родители имаат бизниси?

Има многу такви студенти. Имаме студенти чии родители имат фирми кои котираат на Њујоршката берза, но има и семејни бизниси кои се навистина мали. Имаме многу студенти на кои едниот или двајцата родители им се претприемачи. Прашањето е дали ќе отидат да работат за родителите по дипломирањето. Всушност, тоа многу ретко се случува. Тоа може да значи две работи. Првата е дека родителот сака децата да се занимаваат со нешто друго, а втората е дека студентите не сакаат да живеат како нивните родители. Ние мислим дека е лесно да се образуваш за потоа да можеш да работиш во семејната фирма, но се чини дека тоа денес не се случува многу често.

– Вие сте еден од основачите и менаџер на Startup Aggieland инкубатор и акцелератор за студенти?

Aggieland го основавме како инкубатор и акцелератор за студенти, кој што е основан со грант за промоција на претприемништвотот на Универзитетот Texas A&M. Клучниот предизвик е да допреме до сите 60.000 студенти на универзитетот.

Интересно е што најчесто со идеи за нови производи ни доаѓаат студентите по инженеринг, додека со идеи за развој на услуги доаѓаат студенти од агробизнис. Претприемничкиот дух овде е најизразен кај студентите по агробизнисм отколку кај кои било други. Тие по дипломирањето ќе се вработат на фарма или ќе отворат своја фарма за млеко. Тие од мали учат како да бидат претприемачи: како да продаваат кокошки, јајца, млеко, како да профитираат од сено итн.

– Што мислите за глобалната стартап сцена? Мислите ли дека тоа е тренд или е нешто што ќе трае?

Не мислам дека е тренд. Тоа е нешто што го предизвика технологијата, односно креирањето на Интернетот. Сега имаме неверојатен број услуги и производи коишто можеме да ги користиме, а тој број допрва ќе расте. Како и кај дот-ком балонот можеме да очекуваме подеми и падови . Можам да речам дека сега сме на непознат терен, на старт на нешто досега невидено. Кога една голема компанија сака да иновира, тоа е скап процес затоа што мора да се смени целата структура на компанијата, начинот на кој функционира. Малите бизниси, пак, брзо се менуваат. Токму затоа големите корпорации оставаат малите бизниси да иновираат и кога производот или услугата ќе бидат готови, тие ќе отидат и ќе ги купат. Во тој случај и двете страни добиваат: корпорацијата затоа што не потрошила ресурси на иновирање, а малиот бизнис добива огромен паричен надомест. Денес има многу повеќе мали отколку големи компании, па затоа и најголем дел од патентите за нови производи доаѓаат од малите компании. Корпорациите како Apple, Google, Amazon можат да иновираат, но тие најчесто бараат мали компании кои одговараат на она што тие го бараат. И тоа е иновирање, но е иновирање со купување.

– Каква е и каква треба да биде улогата на државата во таа стартап сцена?

Ќе ви го објаснам тоа од една уникатна перспектива. Сум бил во Белгија, Чиле, Филипините, Кина… Во Белгија владата инвестираат многу средства во поддршка на малите бизниси со цел тие да развијат нови производи и да излезат надвор од Белгија. Зошто? Затоа што владата знае дека Белгија е многу мала земја и единствениот начин да се зголеми приливот на пари однадвор е да се направи комерцијализација надвор од земјата. И Чиле има иста стратегија. Од мое искуство, најуспешни се стартапите кои имаат владина поддршка, но и поддршка од приватниот сектор. Ако се користи само владината поддршка, а не и инкубаторите или акцелераторите, тоа не е ефективен екосистем. Уникатен случај е кога владата дава пари на инкубаторите или акцелераторите за да им помагаат на стартапите. Тоа е најодржливиот начин затоа што инкубаторите не се одржливи сами по себе без владина поддршка. Чиле е најдобар пример за тоа. Не треба сите пари да бидат владини. Треба да бидат дел владини, дел корпоративни, дел грантови.

– Што мислите за влијанието на новата технологија, на дигитализацијата врз образованието, врз универзитетите, врз работата на компаниите, врз претприемништвото? Имате ли некои предвидувања за тоа како ќе се одвива?

Пред 100 години кога немале ни телевизори, ни радио и имало многу повеќе интеракција меѓу луѓето. Многу напреднавме на многу полиња, но сега има недостиг на интеракција меѓу луѓето. Сведоци сме на еден феномен каде што миленијалците не знаат како да разговараат едни со други туку постојано си испраќаат пораки. Сета таа дигитализација за која зборувате ги тера луѓето да се вратат на активности коишто вклучуваат поголема интеракција. Мислам дека во иднина ќе се фокусираме на работи кои повеќе ќе не зближуваат, па дури и да се дигитални. Нема стопирање на дигитализацијата, но, сепак, може да донесе многу позитивни ефекти. Во иднина веројатно ќе научиме подобро да менаџираме со сите тие информации.

– Што е заедничко за претприемачите без оглед на тоа во која земја работат?

Не е битна земјата, не е битна културата и богатството ако имате добра идеја. Ако имате добра идеја, а велите дека не знаете каде да најдете пари, тоа не е вистина. Во секоја земја, богата или сиромашна, има многу пари. Интересно е тоа што ако имате некоја добра идеја, парите сами ќе ја најдат идејата, но идејата мора или да решава некој голем проблем или да понудите нешто уникатно. Доколку можете да понудите една од тие две работи, нема да имате проблем да најдете пари. Сепак, најголем дел од луѓето имаат проблем што не сакаат реално да ги погледнат идеите и да ги согледаат лошите страни. Во мојата предавална имам една слика од бебе, кое е многу грдо. Поентата на сликата е дека кога ќе покажете некому фотографија од бебе, никој нема да се осуди да ви каже дека е грдо. Во животот и во претприемништвото мора да најдете луѓе кои ќе бидат 100% искрени со вас и ќе ви кажат што недостига на вашата идеја. Другата работа е тоа што кога ги создаваме идеите никогаш не разговараме со луѓе на коишто ќе им користи таа идеја и нашите одлуки ги базираме на нашата интуиција. Наместо тоа, треба да се потпреме на мудроста на топлата. Многу студенти ми доаѓаат и ми велат дека никому не сакаат да кажат за својата идеја затоа што мислат дека ќе ги копираат. На тоа јас им велам дека добрите идеи се насекаде околу нас. Она што е битно е како се спроведуваат. Имате два избори: да си ја чувате идејата за себе и д не кажувате никому, но шансите да ја лансирате таа идеја се мали затоа што не сте побарале помош или совет; или да им кажете на што повеќе луѓе и да добиете корисен feedback. Вториот избор е паметен избор.

(Интервјуто е објавено на Иновативност.мк на 15.02.2018)