Со решението од „ПристАПП транспорт“ до олеснети услуги за превозниците

„ПристААП транспорт“ претставува иновациски предизвик за изнаоѓање иновативно решение за ефикасно управување со услугите во областа на патничкиот и товарниот сообраќај.

На вториот ден од Дигиталениот самит за Западен Балкан, во рамки не експото, Фонд за иновации и технолошки развој одржа инфо сесија наменета за заинтересирани компании и веќе постоечки корисници на која беа образложени деталите од новиот јавен повик насловен како „ПристАПП транспорт“.

На инфо сесијата свои излагања имаа Јован Деспотовски како директор на Фонд за иновации и технолошки развој, како и претставници од Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство, вон. проф д-р Боро Јакимовски, продекан за наука и меѓународна соработка, и Елена Ангеловска Атанасовска, раководител на секторот за патен сообраќај и инфраструктура при министерството за транспорт и врски, кои беа вклучени во подготовката на повикот.

Решението треба да опфаќа структура на целокупната функционалност и техничка архитектура за електронско аплицирање на транспортните компании и управување со процесите за здобивање на дозволи и решенија преку електронски систем од страна на министерството.

Во поглед на новиот јавен повик, првиот човек на Фонд за иновации и технолошки развој потенцира дека преку ваквите практики, институциите како и нивното транспарентно и објективно работење повеќе се приближува до граѓаните.

„Решението што го бараме треба да овозможи еден клучен елемент, а тоа поефикасно обезбедување услуги, издавање дозволи и потребни документи, односно тоа треба да понуди еден сеопфатен систем во поглед на целиот процес. Преку ваквите предизвици, Фондот за иновации е целосно посветен на нудење алтернативен модел во однос на „традиционалниот“ веќе постоечки систем што се користи во државата,“ посочи Јован Деспотовски, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.

Имајќи ја на ум комплексноста на системот на издавање дозволи и обезбедување услуги, претставникот од ресорното министерство стави особен акцент на важноста на следењето на законските регулативи од страна на компаниите кои се заинтересирани да аплицираат на повикот.

„Ги повикувам компаниите што сакаат да аплицираат да ги земат в превид сите законски регулативи и насоки бидејќи просторот за грешка е минимален, скоро непостоечки, и понуденото решение ќе треба да води сметка за јасна евиденција на превозниците и нивните детални податоци,“ посочи Елена Ангеловска Атанасовска.

Според професорот Јакимовски, важен момент за компаниите кои ќе работат на софтверското решение се техничките спецификации кои тој детално ги објасни: интероперабилност, миграција и консолидација на постоечките податоци од постоечки системи, како и ефикасни перформанси според очекуваниот број на корисници.

Фондот за иновации и технолошки развој и Министерство за транспорт и врски на отворањето на EXPO на Дигиталниот Самит Скопје 2018 та, го лансираа новиот јавен повик „ПристАПП транспорт“ кој ќе се спроведува од 18 април до 20 мај 2018 година, додека пак вкупниот буџет на повикот изнесува 5 милиони денари.