Фондот за иновации и технолошки развој на Република Македонија во студиска посета на Фондот за иновации на Република Србија

На 23 септември 2014 година, членови на Управниот одбор и вработени на Фондот за иновации и технолошки развој на Република Македонија остварија еднодневна студиска посета на Фондот за иновации на Република Србија.

Фондот за иновации е основан од страна на Владата на Република Србија врз основа на Законот за иновациска дејност со цел да обезбеди финансирање на иновации, посебно преку соработка со меѓународните финансиски институции, организации, донатори и приватен сектор. Фондот започна со работа во 2011 со средства обезбедени од Европската Унија преку инструментот за претпристапна помош (ИПА) и под  Проектот за иновации на Србија. Фондот исто така има административна поддршка од Светска банка се со цел зајакнување на капацитетите на Фондот за иновации да развие и спроведе финансиски инструменти за поддршка на иновациската дејност.

fond2409

Претставниците на Фондот ги посетија канцелариите на Фондот, каде се сретнаа со в.д. директорот на Фондот г-дин Марко Атанасовски и со дел од вработените задолжени за двата инструменти на Фондот, инструмент за мини грантови и инструмент за кофинансирање на иновации .  На средбата беа споделени искуства од водењето на овие два инструменти, од самото работење на Фондот, со какви предизвици се соочувале од самиот почеток и на кој начин се справувале со истите. Исто така подетално ни беа претставени самите инструменти, начинот на нивното функционирање, како и процесот на пријавување на апликантите, евалуацијата на добиените апликации и самиот тек на спроведување на проектите откако се одобрени средства за истите, како и процесот на мониторинг. При крај на оваа средба г-динот Атанасовски информираше и за понатамошните планови на Фондот, истакнувајќи дека соработката со нашиот Фонд е од исклучително значење и дека сигурно истата ќе се интензивира во иднина.

Членовите на Управниот одбор и вработените на Фондот имаа можност од прва рака да добијат информации во врска со работата на Фондот за иновации на Република Србија и оваа средба се покажа исклучитено корисна. Фондот ќе го примени најдобро што може споделеното искуство во понатамошна работа за поуспешно функционирање во однос на финансиските инструменти како главни активности на Фондот за иновации и технолошки развој во Република Македонија.