Despotovski_pres_Vlada_24-07-2018-1

ФИТР ги повикува компаниите апликанти во рок од 15 дена да се изјаснат дали во сопственичката структура имаат носител на јавни функции

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски, денеска одржа прес конференција во Владата на Република Македонија, по реакциите во јавноста за неколку компании-апликанти, добитници на средства од првиот повик од Планот за економски раст – трет столб.

Во интерес на транспарентноста и кредибилитетот на институцијата со која раководи и целиот процес, кој е новина во работењето на Владата, ги повика сите компании што беа објавени на 13.07.2018 година, во рок од 15 дена да достават изјава во која ќе се произнесат дали во сопственичката структура имаат лица носители на јавни функции или пак членови на нивните потесни семејства.

„Ги повикувам сите 79 компании од првиот инвестициски бран, во рок од 15 дена да достават изјава во којашто ќе се изјаснат дали имаат во својата сопственичка структура лице коешто е носител на јавна функција, или член на негово потесно семејство. Фондот за иновации не е истражна агенција, сопственичката структура не е критериум за одлучувањето, меѓутоа во интерес на транспарентноста и кредибилитетот на целиот процес, ги повикувам сите компании самите да се декларираат дали имаат некој кој е носител на јавна функција. За оние компании коишто ќе го декларираат тоа, како директор на Фондот, согласно насоките што ги добивме од премиерот, ќе побарам од Комитетот за одобрување инвестиции, кој е независно тела повторно да ги разгледа апликациите и да проверат дали апликантот ги исполнува критериумите“, изјави Деспотовски на денешната прес конференција.

Инаку Деспотовски како директор на Фондот најави и промена во критериумите за аплицирање во иднина, со цел да се одбегнат евентуалните ризици со изборот на добитните компании.

„Влеговме во постапка за измена на условите за подобност за аплицирање за следниот повик за финансирање на проекти што ќе се случи на есен. Компаниите што во својата сопственичка структура имаат носител на јавна функција или член на негово потесно семејство, ќе треба при аплицирањето тоа јасно да го декларираат,“ додаде Деспотовски.

Во однос на заштитните механизми, тој истакна дека договорите за проектните апликации со објавените добитници на финансиска помош сѐ уште не се потпишани и дека не е исплатен ниту денар од државниот буџет. Притоа, откако ќе се потпишат договорите има дополнителен контролен механизам– парите не се доделуваат однапред сите туку се доделуваат квартално, откако мониторинг тимовите ќе се уверат дека самата компанија ја исполнила својата обврска и ги обезбедила своите пари на наменска сметка.

Инаку јавниот повик од Планот за економски раст – трет столб беше објавен на 27 април и траеше 45 дена. До крајниот рок на 11 јуни, 235 компании поднесоа апликации, а одобрени се вкупно 160, а уште 30 се со условено одобрување. Во првиот инвестициски бран поддржани се 79 компании, со што се предвидува инвестиции од 20 милиони евра, од кои 10,5 милиони евра се средства од Буџетот на Р. Македонија, а 9,5 милиони евра се сопствени средства на компаниите апликанти. Во компаниите ќе бидат ангажирани 460 лица, од кои 85 се нови работни места, а просечната плата изнесува 48.000,00 денари.