FITR_simpozium_29-11-2017_1

ФИТР ги претстави идните активности на турско-македонскиот симпозиум

Претставник на Фондот за иновации и технолошки развој се обрати на денешниот симпозиум „Нови хоризонти во економската соработка помеѓу Турција и Македонија“ што се одржа во хотел Александар Палас, на кој беа присутни и министрите за економија на двете земји Нихат Зејбекчи и Крешник Бектеши, турскиот амбасадор во Македонија Тулин Еркал Кара, како и претставници на академската средина и стопанските комори.

Зборувајќи за улогата на технологијата и иновациите во однос на зголемување на конкурентноста на македонската економија при зачленувањето во ЕУ, претставникот на ФИТР, Наташа Лазаровска, зборуваше за заложбите на фондот кон креирањето и развивањето култура на иновации и критичко размислување, за новите економски перспективи, како и за забрзаниот економски раст заснован на иновативни проекти. Таа потенцира дека активностите на Фондот ќе придонесат кон конкурентска предност на компаниите во Македонија, нивна повисока продуктивност и подобар квалитет.

FITR_simpozium_29-11-2017_2

Изложувајќи го краткорочниот план на Фондот, претставничката се фокусира на новиот инструмент за примена на иновациите во јавниот сектор, техничката поддршка на потенцијалните апликанти, како и за новите јавни повици – инструмент за технолошка екстензија и деловно-технолошки акцелератори. Посебен акцент беше ставен на активностите на Фондот во однос на планирање и спроведување план за економски раст на Владата; формирање на еквити и мезанин фонд и создавање национална канцеларија за развој на технологии во рамки на истиот.