Fond_za_inovacii_logo_2

ФИТР континуирано ја информира јавноста за сите чекори и преземени активности

Во врска со вчерашната прес конференција на ВМРО ДМПНЕ, Фондот за иновации и технолошки развој ја има следната реакција:

Одлуката за ко-финансирани грантови во рамките на Првиот бран од Планот за економски раст на Владата на Р.М е донесена јавно и транспарентно. Избраните компании беа јавно објавени на интернет – страницата на ФИТР со информации за износот на доделените средства и влогот на компанијата, уште пред официјално да бидат потпишани договорите и исплатени средствата.

По реакциите во јавноста ФИТР веднаш воведe прв заштитен механизам и побара компаниите да достават изјави заверени на нотар во која декларираат ваква поврзаност во сопственичката структура со носители на јавни функции. Од 79 компании само 4 објавија ваква поврзаност, а уште две компании дополнително се откажаа од грантовите. Договорите со овие компании не се потпишани, ниту се исплатени било какви финансиски средства.

ФИТР веднаш пристапи кон изработка на системско решение кое ќе се применува при доделување на финансиска поддршка од јавни фондови.

ФИТР континуирано ја информира јавноста за сите чекори, преземени активности, реализацијата на инструментите и статусот на споменатите компании. Воедно минатата недела ФИТР најави дека на 1 ноември ќе се одржи презентација на новото системско решение по кое ќе следи панел дискусија.

Изненадува фактот што само неколку дена пред одржувањето на оваа презентација доаѓа ваквата реакција од ВМРО ДПМНЕ. Сакаме да веруваме дека станува збор за случајност, а не за обид да се опструира донесување на системско решение кое ќе биде заштитен механизам за доделување на финансиска поддршка од јавни фондови.

Настанот е од јавен карактер и ФИТР ги повикува сите релевантни институции со конкретни предлози да земат учество во процесот на изготвување на ова системско решение.

ФИТР целосно соработува со Основното јавно обвинителство и им е предадена сета документација која e побарана во постапката. Исто така сакаме да веруваме дека споменувањето на ОЈО не е обид за вршење на политички притисок врз оваа институција.

Фондот за иновации и технолошки развој како и досега останува целосно транспарентен и отворен за одговор на сите прашања и дилеми кои се поставуваат во јавноста.