Fond_za_inovacii_logo_2

ФИТР со реакција на прес конференција на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ

ФИТР уште пред 15 дена достави своја иницијатива до ДКСК да се разгледаат случаите на фирми поврзани со функционери од актуелната, но и претходната власт. Официјалното барање е доставено на 22ти април 2019 година.

Дополнително, потсетуваме дека ниту една од споменатите фирми, за кои постои поврзаност со носители на јавни функции од актуелната, но и од претходната власт, нема склучено договор со Фондот, ниту се исплатени било какви финансиски средства од Буџетот на државата кон нив.

Исто така, потсетуваме дека Фондот уште пред 8 месеци воведе посебна процедура, со која сите фирми апликанти, уште со поднесување на своите проекти задолжително треба да декларираат дали постои поврзаност со носител на јавна функција. За оние фирми каде постои таква поврзаност, воведен е посебен Протокол за проценка на ризик, што го изработуваат експерти од Transparency International – Македонија. Со ова, Фондот воспостави системско решение кое се применува при аплицирање за сите инструменти за финансиска поддршка, со што дополнително се зајакна кредибилитетот и транспарентноста на процесите на доделување на јавни фондови за сите инструменти на ФИТР.

Довербата на домашните фирми кон Фондот се гледа и во фактот дека за актуелниот јавен повик, за само 40 дена има над 1.500 преземени апликациски пакети од домашни фирми.

Оттаму, за нас и понатаму останува нејасно зошто политичката партија ВМРО-ДПМНЕ се обидува со невистини да му наштети на овој процес во кој, само досега, над 250 домашни фирми реализираат инвестиции во развој, но и подобра егзистенција на над 10.000 вработени и нивните семејства.