Fond_za_inovacii_logo_2

ФИТР: Целосно невистинити се тврдењата за доделени грантови на компании со постапка за ликвидација

Во врска со информациите изнесени на денешната прес конференција на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ ја проследуваме следната реакција/демант.

Тврдењата дека Фондот за иновации доделил средства на фирми кои се со постапка на ликвидација во Централниот регистар ги отфрламе како целосно невистинити.

Имено, според правилниците за аплицирање за финансиска поддршка на Фондот, сите апликанти задолжително треба да достават потврда за тековна состојба од Централен регистар, не постара од еден месец.  Ваква потврда, со јасен статус на „активен“ деловен субјект имаат доставено и двете компании „Мобидониа“ и „Омега рисрч“.

Второ, според истите правилници, пред потпишување на договорот за финансиска поддршка со секоја компанија, меѓу останатите документи, Фондот бара и доставување на потврда од Централен регистар дека не е отворен стечај или ликвидација. Двете споменати компании овие потврди ги имаат доставено, во кои е јасно наведено дека врз истите нема отворено постапки за стечај и/или ликвидација.

Во неколку наврати информиравме дека во постапката за доделување на финансиска поддршка постојат јасни процедури за заштита на јавниот интерес. Исплатата на средствата од Фондот се реализира квартално, а не однапред и наеднаш. Првата рата компаниите ќе ја добијат веднаш по потпишувањето на договорите и откако ќе достават потврда за уплата на нивниот финансиски удел во проектите. Остатокот од средствата на Фондот ќе се исплаќа по доставен квартален извештај од компаниите за наменско искористување на средствата според предвидениот проектен план и спроведен мониторинг од Фондот.

Фондот, како и досега, ќе остане целосно отворен за сите прашања, коментари и предлози во насока на реализација на нашите цели и програми. Со ваков пристап, со факти и вистина ќе се спротивставиме на сите обиди, преку дневно-политичка кампања, да се дискредитираат над 70 домашни компании што подготвија и ќе реализираат инвестициски проекти во економијата. За потсетување, само со овие проекти ќе се реализираат инвестиции во домашниот приватен сектор во износ од 20 милиони евра. Ќе се ангажираат 460 лица, од кои 85 се нови работни места, со просечна плата од 48.000 денари. За реализација на овие инвестиции домашните компании ќе вложат околу 9 милиони евра сопствен капитал.

За нас останува нејасно зошто опозицијата упорно настојува да обвинува и понижува над 70 домашни компании кои се обидуваат да опстанат, да го развијат својот бизнис и, што е најважно, да обезбедат нови добро платени работни места за стотици македонски граѓани?
Останува и прашањето кому му пречи обидот преку иновативни проекти да се задржат креативните сили во ова општество и да се спречи одливот на млади кадри што кулминираше во последните години?