Fond_za_inovacii_logo_2

ФИТР: 455 домашни компании од јавниот повик за комерцијализација на иновации влегуваат во фаза на претселекција

455 домашни компании од јавниот повик за комерцијализација на иновации влегуваат во фазата на прво оценување. Од овие компании, 207 се микро, 221 мали, а 27 средни. 56% од компаниите се регистрирани во главниот град, додека останатите се распоредени низ 30 општини од целата земја.

Вкупниот обем на планирани инвестиции кај овие компании е над 102 милиони евра, од што 67% се побарано учество на Фондот, додека 33% или нешто над 33 милиони евра се сопствени средства на апликантите. Иницијално предвидениот буџет за јавниот повик е 5 милиони евра, со што аплицираниот износ го надминува над 13,5 пати.

При презентацијата на првичните резултати по затворањето на јавниот повик на крајот на мај, директорот на ФИТР, Јован Деспотовски тогаш нагласи дека “Овие рекордни бројки, од интересот на компаниите на јавниот повик, се знак на доверба во процедурите и инструментите на ФИТР, како и показател дека домашните компании имаат потреба од финансиска поддршка и се подготвени да инвестираат и сопствени средства во развој и иновации.“

Инаку, фазата на прво оценување (претселекција) е веќе започната и за истата се ангажирани 95 надворешни стручни лица во 22 економски дејности. Стручните лица се ангажирани на јавен оглас реализиран од страна на ФИТР во 2018 година. Нивна задача е да ги разгледаат и оценат проектите согласно дефинираните критериуми: степен на иновативност, квалитет на подготвен проект, потенцијал на пазарот, капацитет на апликант и влијание на проектот.

Секоја апликација се разгледува од три стручни лица одделно. Проектите кои ќе добијат минимум 51 поен во просек, преминуваат во финална фаза, во која Комитетот за одобрување на инвестиции-независно тело составено од тим од пет странски експерти ќе ја донесе конечната одлука за финансирање на предлог-проектите.

Јавниот повик се реализира во рамки на Планот за економски раст на Владата, во чие финансирање од оваа година се вклучи и Светската банка како финансиски партнер.