На 2ри јули 2014 година, членовите на Управниот одбор и вработените на Фондот за иновации и технолошки развој на Република Македонија остварија еднодневна посета во Република Бугарија.

Финансирани од средствата на Социјалните фондови на Европската унија, во Република Бугарија од 2012 година функционираат два акцелератори. Студиската посета имаше за цел запознавање со начинот на работата на еден од овие акцелератори, споделување на искуства од аспект на финансирање и следење на работата на акцелераторите, како и досегашните остварени резултати.

 Slika12_opt

Претставниците на Фондот ги посетија просториите на Eleven Accelerator во Софија, каде се сретнаа со еден од менаџерите на акцелераторот и со вработените. Г-нот Даниел Томов, основач и менаџер на акцелераторот ја претстави инвестициската стратегија и сподели детали поврзани со финансирањето и успешноста на компаниите поддржани од Eleven акцелераторот.

 Slika3_opt

Втората средба беше остварена со г-нот Христо Стојанов, претставник на Европскиот инвестициски фонд во Република Бугарија. Г-нот Стојанов ја претстави стратешката поставеност и механизмите за финансирање на двата акцелератори. Тој подетално ги објасни причините за изборот за финансирање на двата акцелератори и разликите во нивното функционирање. Беше разговарано и за критериумите за избор на акцелератори, начините на следење на нивната работа и финансиските импликации. Оваа средба се покажа исклучитено корисна за членовите на Фондот, кој всушност ја има истата улога на финансиер и супервизор на акцелератор/и во Република Македонија.

 Slika4_opt

За крај на студиската посета, претставниците на Фондот имаа можност да разговараат со д-р Венета Андонова, вонреден професор по бизнис администрација на Американскиот универзитет во Република Бугарија. Проф. Андонова во моментот спроведува истражување на работата на двата акцелератора. На оваа средба таа сподели некои мошне корисни информации добиени од анализа на апликациите на компаниите кои се пријавиле на повиците на акцелераторите, апликациите на компаниите кои биле избрани за поддршка од страна на акцелераторите и анализа на добиената поддршка, како и информации за сегашната состојба на акцелерираните компании.

Со оглед на фактот дека членовите на Управниот одбор и вработените на Фондот имаа можност да добијат информации во врска со работата на акцелераторите во Република Бугарија од три различни позиции, оваа средба се покажа исклучитено корисна за понатамошната работа на Фондот. Претставниците на Фондот ќе ги применат добиените информации и споделените искуства во понатамошна работа со цел поуспешно искористување на средствата на Фондот во Република Македонија.

Slika5_opt