Од денес (17.03.2015 година), Фондот за иновации и технолошки развој обезбедува уште една контакт точка за сите граѓани заинтересирани за повикот под инструментот Kофинансирани грантови за старт-ап, спин-оф трговски друштва и иновации, како и за останатите програми и активности на Фондот.

Во рамки на Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија во Скопје, воспоставена е контакт канцеларија на фондот, со цел доближување на програмите до потенцијалните апликанти и поголема достапност на информациите за првиот отворен повик. Соработката меѓу Фондот за иновации и технолошки развој и Претседателот на Република Македонија,  д-р Ѓорге Иванов се воспоставува со намера да се обезбеди уште еден канал за комуникација со граѓаните во врска со можностите за развој на иновативни идеи преку програмите на Фондот за иновации и технолошки развој. Во просториите на Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија во Скопје, заинтересираните може да се обратат за сите информации во врска со отворениот повик, како и останатите програми и активности на Фондот, секој работен ден од 09:00 до 17:00 часот.