potposihuvanje_vlada_fitr_08-02-2018_7

15 компании добитници на средства на Четвртиот јавен повик на ФИТР

Избрани се 15-те компании кои ќе добијат средства за финансирање на своите иновативни проекти со кои аплицираа на Четвртиот јавен повик на Фондот за иновации и технолошки развој.

Добитници на средства преку инструментот Кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва „старт-ап“ и „спин-оф“:

  • Ангор АГ од Струга за изработување на HEALTH eGuard e Интегриран систем за превентивно здравствено следење и заштита на пациенти од ризична група (рано откривање на кардиоваскуларни болести и дијабетес) кои немаат можност за редовни здравствени контроли и немаат лесен и брз пристап кон медицинска нега и помош, како мали места без медицинска установа, оддалечени планински села итн. Побараниот износ за ко-финансирање е 19,938 евра.
  • Таф Индустрис од Гевгелија е добитник на средства за изработка на иновативна технологија која може да се употребува за разни типови на плочест матерјал кој ќе има широка примена во мебел и градежната индустрија. Во споредба со постоечките традиционални процеси, овој процес нуди висок квалитет на изглед на декорираната плоча, побрзо производство и капацитет, безбедно по животна средина, ниски оперативни трошоци. За овој проект компанијата побара 28,600 евра.
  • Органик Балкан од Велес за изградба на капацитети за органско производство и дистрибуција на пчелин отров (Апитоксин). За развивање на овој проект компанијата побара ко-финансирање во износ од 29,847 евра.
  • Интерактивна Иднина од Кавадарци е добитник на средства за развивање на производ лесно пренослива интерактивна табла кој користи висока технологија и се одликува со едноставна монтажа, преносливост и висок степен на прецизност. Системот се прилагодува на барањата на корисниците во зависност од условите на самата училница и позицијата на проекторот во просторијата. За развивање на овој производ компанијата побара 26,000 евра.
  • Клакси од Скопје за развој на мобилната апликација Taxi Polling која претставува целосен позадински систем на такси возачи. Овој систем овозможува низа предности за крајните корисници – патниците и такси возачите. Концептот на кој се базира овој систем е споделување на такси возило помеѓу повеќе рандом патници кои се движат на приближно иста рута, што значи поделба на трошоците за нив, а зголемување на добивката за возачите. Побараниот износ за ко-финансирање е 30,000 евра.
  • Виго Дигитал од Кочани за развој на опција Keep me Safe опција на велосипедска апликација-Bike Computer. Keep me safe има за цел да испраќа итни SMS пораки со локација при евентуална несреќа на велосипедист. За развивање на проектот компанијата побара 30,000 евра.
  • Генлајт од Штип за истражување и развој на биолуминисцентни бои за храна. Целта на проектот е развивање на прототип што би претставувал рекомбинантен, биолуминисцентен протеин што е стабилен при различни температури и киселост. Генлајт ќе користи нов револуционерен процес за сепарација на биолуминисцентните протеини од генетски модифициран квасец, и ќе го продава во форма на прашок. Побараниот износ за ко-финансирање е 29,200 евра.
  • Степ-ап од Скопје за развивање на проект кој се однесува на примената на беспилотни летала опремени со термални камери во вршењето на инспекција и надзор на надземната преносна и дистрибутивна електроенергетска мрежа во Македонија и регионот. За овој проект компанијата побара 29,809 евра.

Добитници на средства преку инструментот Кофинансирани грантови и условени заеми за комерцијализација на иновации:

  • Спик Инса од Скопје за развивање на паметен систем за целосно дигитално и автоматизирано читање на водомери како и следење на манипулации, протекувања, како и други технички аларми читање, мониторинг и контрола. Системот употребува сензори, користи дигитална комуникација, целосно е автоматизиран и се надгледува, кофигурира и контролира со целосна имплементација на AMI – Advanced Metering Infrastructure, т.е. “двосмерна комуникација”. Побараниот износ за ко-финансирање е 69,845 евра.
  • Ентерпрајс Системи од Скопје за развивање на софтвер за осигурување – Optimal Reinsurance Management (ORM) кој преку оптимизирање на реосигурителните процеси и софистицирани математички алатки за предвидување на идни загуби ќе им заштеди време и пари на осигурителните компании. ORM има вградени алгоритми за предвидување кои ја надминуваат модерната софистицираност и е заснован на докторска дисертација произлезена од 10 годишно истражување кое вклучува реални осигурителни податоци. За развивање на овој софтвер компанијата побара 99,940 евра.
  • Еко Солар од Штип за проект кој се состои од производство и продажба на мали и средни соларни сушари. Со новиот производ, преку контролиран процес ќе можат да се исушат одредени земјоделски производи и ќе се намали фрлањето на свежите земјоделски производи, а во најголем дел ќе ја користи соларната енергија за процесот на сушење. За овој проект компанијата побара 62,421 евро.
  • Брансис од Скопје е добитник на средства за развој на проект автоматизирање на процесот на евиденција на записи на превозниците. Со овој програм целосно се елиминираат досегашните хартиени записи за евиденција, и истите се заменуваат со електронски записи дефинирани според законската регулатива на американскиот пазар. Побараниот износ за овој проект е 100,000 евра.
  • СТСС Смарт Трафик Сејфти Системс од Скопје за развој на интелигентни лежечки полицајци кои користат сопствена технологија која прво ја мери брзината на возилото непосредно пред нив, и ако е поголема од дозволената го подига лежечкиот полицаец и го „удира“ возилото како што би направил и традиционалниот лежечки полицаец. Ако возачот вози под дозволената брзина, лежечкиот полицаец е на ниво на патот и поминувањето над него е глатко. Побараниот износ за ко-финансирање е 99,755 евра.
  • Агро Линк од Велес за развивање на проект кој има за цел развој на нови козметички и фармацевтски производи кои се базираат на користење на елементите на полжавите – месо, јајца, слуз и куќарка. За развивање на овој проект компанијата побара 100,000 евра.
  • Алиментос од Скопје, компанија која е постоечки корисник и добитник на грант од вториот повик на ФИТР за развој на софтвер за online платформа за тргување со месо. Овој проект всушност претсавува продолжение на првичниот проект каде што се планира најголем дел од средствата да бидат насочени за промоција на производот преку социјалните медиуми, специјализирани настани, саеми и др облици на промоција. Побараниот износ е 48,552 евра.