Fond_za_inovacii_logo_2

Соопштение до јавност 22.07.2018

Фондот за иновации и технолошки развој целосно стои зад процедурата и транспарентниот начин на кој е спроведен првиот јавен повик од Столб 3 на Планот за економски раст на Владата на Република Македонија.

Ги поздравуваме сите повици да се испита работата на Фондот и ги повикуваме сите надлежни органи да го сторат тоа неодложно. Како и досега остануваме целосно транспарентни и отворени за одговор на сите прашања и дилеми кои се поставуваат во јавноста.

Потсетуваме дека на првиот јавен повик од Третиот столб се јавија 236 компании од земјата, 80 од нив кои ги исполнија критериумите ги добија бараните средства во првиот инвестициски бран, а исто толку компании ќе добијат средства во рамките на вториот инвестициски бран од Првиот повик.

Би сакале да потенцираме дека Фондот ни досега, ниту во иднина, вршел или ќе врши дискриминација на компаниите по било која основа. Компаниите се оценуваат единствено според квалитетот на понудените проекти и придобивките од нив.

Истовремено Фондот нема мандат, ниту обврска да врши анализа на сопственичкиот капитал на компаниите кои аплицираат, ниту да врши проценка на нивната политичка подобност.

Критериумите кои компаниите треба да ги исполнуваат за да може да аплицираат, документација која треба да биде доставена, какви активности и трошоци се подобни за ко-финансирање, критериумите за оценување на проектна апликација како и начинот на пред-селекција и евалуација и роковите поврзани со тоа се јасно наведени и објавени во Јавниот повик и правилниците.

Пред-селекцијата ја спроведоа 80 надворешни лица, експерти од 22 области, кои преку Јавен повик ги ангажираше Фондот. Апликациите кои во просек добија најмалку 51 поен поминаа во фазата на селекција. Финалната селекција ја прави Комитет за одобрување на инвестиции на Фондот кој е составен од петмина странски експерти со минимум десетгодишно меѓународно искуство во областа на инвестициите и иновациската дејност.

Избраните компании беа јавно објавени на интернет-страницата на ФИТР со информации за износот на доделените средства, влогот на компанијата и според кој инструмент (технолошки развој или иновативност) се финансирани.

Ги повикуваме сите заинтересирани кои сакаат да добијат дополнителни информации за процедурата на избор како и содржината на проектите кои добиле финансиска помош, да не контактираат за да им ги дадеме бараните информации за дадениот правен субјект.