Јавен повик за финансирање на проекти за намалување на загадувањето на воздухот во урбаните средини во Република Македонија

Загадувањето на воздухот е сериозен проблем со кој се соочува Македонија. Според Светската здравствена организација (СЗО) околу 6,5 милиони годишно или 18.000 луѓе дневно во целиот свет умираат како последица на загадувањето на воздухот. Се смета дека тоа е четвртиот по големина „убиец“ на луѓето, веднаш после крвниот притисок, неправилната исхрана и пушењето.

Оттука се поставува прашањето колку се дозволените концентрации на штетни супстанци за да се намали смртноста. Законодавството ги дефинира граничните и целните вредности, долгорочните цели и праговите за алармирање кај амбиентниот воздух. Според Планот за подобрување на квалитетот на воздухот во англомерација Скопски регион (pdf):

  • просечна годишна концентрација за ПМ2,5 не треба да надминува 25 μg/m3;
  • просечна годишна концентрација за ПМ10 не треба да надминува 40 μg/m3, додека 24 часовна концентрација не треба да надминува и 50 μg/m3.

Годишниот извештај од обработени податоци за квалитетот на животната средина (pdf) на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) за 2015 година покажува дека просечната годишна концентрација на PM2,5 во 2015 за Центар изнесувала 40,14 μg/m3, а за Карпош 50,51 μg/m3. Од друга страна, концентрацијата на ПM10 во овие две општини на градот Скопје изнесувала 72,82 μg/m3 и 57,06 μg/m3, соодветно.

Според оценката на квалитетот на воздухот, направена врз основа на информациите за квалитетот на воздухот добиени од седум станици за мониторинг на квалитетот на воздухот поставени во Скопската котлина, најкритична загадувачка супстанца се суспендираните честички: концентрациите на ПM10 ги надминуваат среднодневните и просечните годишни гранични вредности, додека концентрациите на ПM2.5 ги надминуваат просечните годишни гранични вредности во целиот регион.

Постојат и други причини за зголемените концентрации на цврсти честички во амбиенталниот воздух во градот Скопје. Меѓу нив се издвојуваат и:

  • aтмосферските услови – појавата на атмосферска инверзија во текот на зимските месеци;
  • урбанистичките фактори – плановите и локациите на изградените објекти  (урбанистичката поставеност на објектите не овозможува лесно плакнење на воздухот и продор на ветер) и
  • сообраќајот – кој е еден од големите загадувачи во текот на целата година како и одржувањето на јавната хигиена.

Волјaта за надминување на овие проблеми иницира иновативни идеи и акции кои ќе поттикнат решавање на проблемот. Поаѓајќи од ова, Фондот за иновации и технолошки развој Ве повикува да учествувате на О2 ПРЕДИЗВИК-от. Во реализацијата на предизвикот ќе се вклучат Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), како и други партнерски организации и експерти.

О2 Предизвикот овозможува поширок опсег на натпреварувачи да се вклучат со свои идеи во решавањето на проблемот со загадувањето на воздухот во урбаните средини, а во исто време претставува пилот-проект за дизајнирање и воведување на нов Инструмент на Фондот за иновации и технолошки развој насочен кон организирање натпревари и предизвици за изнаоѓање на иновативни решенија од општествен интерес.

Какви решенија бараме?

Натпреварувачите треба да понудат решение/ја во една од следниве области:

  • Користење на енергија за греење: решенија со кои се намалуваат емисиите на загадувачки супстанци кои се резултат на греењето во домаќинствата и/или индустриските погони;
  • Транспорт и мобилност: решенија со кои се намалуваат емисиите на загадувачки супстанци предизвикани од сообраќајот и/или
  • Градежништво и урбани алтернативи: решенија со кои се намалува загадувањето предизвикано од градежната експанзија.

Решенијата можат да ги таргетираат следните фази од процесот на решавање на проблемот на загадувањето:

  • Намалување на емисиите на загадувачки супстанци, преку воведување на нови процеси/услуги/производи/методологии или активности кои ќе поттикнат промени на секојдневните практики на граѓаните и/или
  • Прочистување на воздухот во одредени најкритични простори (отворени или затворени) – озеленување, примена на технологии на вентилирање и сл.

Поддршката ќе биде доделена за проекти кои предвидуваат истражување и развој на иновативни решенија кои се во фаза од идеја или понапредна фаза на технолошка спремност до фаза на технолошка спремност – прототип функционален во реална средина (TRL 6 – TRL 7)[1].

Предлог проектите треба да содржат системско решение, производ, услуга или иновативна методологија кое/кој/која придонесува кон решавање на еден или повеќе од горенаведените специфични предизвици кои придонесуваат за намалување на загадувањето на воздухот.

Времетраењето на проектот не треба да надминува 12 месеци.

Предложените проекти треба да резултираат со видливи резултати, како што се на пример нова услуга за граѓаните, нов ефикасен и еколошки производ, поефикасна јавна услуга или пак промена на однесувањето на граѓаните.

[1] „Ниво на спремност на технологија“ (Technology Readiness Level) е описен индикатор за зрелоста на одредена технологија во процесот на истражување и развој од фазата на идеја до фазата на комерцијална примена. Во определување на нивото на спремност на технологијата Фондот ќе го користи мерниот систем на Европската комисија достапен на следиот линк

Награда

Вкупниот буџет за О2 предизвикот изнесува 6.000.000 денари. Наградувањето ќе се врши согласно со рангирањето на предлог-проектите сé до исцрпување на вкупниот износ на буџетот.

За О2 предизвикот Фондот обезбедува финансирање до 90% (деведесет) проценти од вкупниот буџет за предлог-проектот. Преостанатиот паричен износ од вкупниот буџет за проектот се обезбедува од страна на натпреварувачот.

Максималниот износ на средства кои се бараат од Фондот за поединечен предлог-проект не смее да го надмине вкупниот износ на определениот буџет за предизвикот.

Средства добиени од Фондот по која било друга основа или која било друга државна помош, нема да се сметаат за прифатливи средства за кофинансирање од страна на натпреварувачот/корисникот на наградата.

Доколу нема доволно квалитетни предлог-проекти или не се исполнети условите за доделување на наградата согласно Правилата за натпревари и предизвици (pdf), Фондот го задржува правото да не додели награда.

Кој може да аплицира?

О2 предизвикот е наменет за микро, мали и средни претпријатија кои сакаат да развијат иновативен производ, услуга или процес, сами или во соработка со установа која врши високообразовна, односно научно-истражувачка дејност, претпријатие и/или здружение.

Натпреварувачот треба да биде правен субјект кој ги исполнува следните услови:

  • Да е регистриран во Централниот регистар на Република Македонија согласно Законот за трговските друштва;
  • Да е микро, мало или средно претпријатие, согласно класификацијата во Законот за трговските друштва;
  • Да е во доминатна сопственост на македонски државјани;
  • Да не е капитално поврзан (согласно со Законот за трговските друштва) со друго претпријатие каде што збирните годишни приходи на двете претпријатија надминуваат 10.000.000 евра во претходните две години, освен во случај на капитална поврзаност со високообразовна, односно научно-истражувачка установа;
  • да нема акумулирано повеќе од 200.000,00 (двесте илјади) евра помош од мало значење за период од три фискални години, вклучувајќи го и побараниот износ на средства од Фондот согласно Законот за контрола на државна помош и Уредбата за условите и постапката за доделување на помош од мало значење (de minimis);
  • да нема аклумулирано повеќе од 100.000,00 (сто илјади) евра помош од мало значење за период од три фискални години, вклучувајќи го и побараниот износ на средства од Фондот, ако претпријатието е активно во секторот за патен сообраќај, согласно Законот за контрола на државна помош и Уредбата за условите и постапката за доделување на помош од мало значење (de minimis);
  • Да не е претпријатие во потешкотии и
  • Да не се занимава со производство на јаглен.

Доколку предлог-проектот вклучува соработка на натпреварувачот со високообразовна, односно научно-истражувачка установа, здружение и/или претпријатие, условите за партнерот се:

  • да е регистриран согласно Законот за високото образование, Законот за здруженија и фондации, Закон за трговските друштва и
  • мнозинството на основачите да се македонски државјани.

Активности и трошоци на проектот

Активностите предвидени во предлог проектот треба да соодветствуваат на фазите на истражување и развој, односно на напредување во спремноста на технологијата до фазата на прототип функционален во реална средина.

Активностите задолжително треба да вклучуваат и:

  • Развој на бизнис план
  • Истражување на пазар и маркетинг стратегија
  • Валидација на производот на пазарот
  • Заштита на права од индустриска сопственост
  • Дизајн

Трошоците предвидени во буџетот на проектот треба да соодветствуваат на активностите предвидени во проектната апликација.

Трошоци подобни за финансирање се:

  • бруто плати – износите на бруто плати за вработените лица ангажирани на проектот треба да соодветствуваaт на воспоставените практики на корисникот на наградата пред почетокот на проектот;
  • набавка и/или изнајмување на опрема и потрошни материјали за истражување и развој;
  • обезбедување на квалитет, стандардизација и акредитација;
  • ангажирање на консултанти директно поврзани со очекуваните резултати на предизвикот (експертиза поврзана со иновациски менаџмент, финансиски менаџмент, мобилизација на дополнителни финансиски средства, истражување и развој, правни работи, заштита на интелектуална сопственост и друго) и
  • канцелариска и деловна поддршка (наем на деловен простор, режиски трошоци, банкарски провизии, сметководствени услуги, хостинг и слично) во максимален износ од 10% од вкупниот буџет на проектот.

Најмалку 10% од вкупниот буџет на проектот треба да биде издвоен за: развој на бизнис план, истражување на пазар и маркетинг стратегија, валидација на пазар и заштита на права од индустриска сопственост.

Единствено трошоците настанати за активности спроведени за времетраење на проектот, а кои се во согласност со одобрениот Буџет на проектот и Правилата за организирање и спроведување на натпревари или предизвици за поттикнување на иновативноста во приоритетните области од науката и технологијата (pdf) ќе се сметаат за подобни трошоци.

Фондот го задржува правото да преговара со победниците по однос на дефинирање на активностите и буџетот на проектот на основа на препораки добиени од Комисијата за оценување и избор пред потпишување на Договорот за доделување на награда.

Во случај проектот да се базира на веќе постоечки права на интелектуална сопственост, натпреварувачот е должен, пред потпишувањето на Договорот за доделување на награда, да достави доказ за право на користење на интелектуалната сопственост во вид на договор за лиценцирање, договори за „in-kind“ придонес или друг вид на договор кој потврдува дека натпреварувачот има право на користење на интелектуалната сопственост на која се базираат резултатите од проектот.

Постапка при оценување и селекција

Оценувањето, селекцијата и донесувањето на конечна одлука за избор на победници, се врши од страна на Комисија за оценување и избор.

Оцената на проектите се состои од неколку чекори:

  • Административна проверка на пријавите (дали пријавата е комплетна и во согласност со условите за подобност наведени во јавниот повик) (04-05 декември 2017);
  • Прва оцена на предлог-проектот (предселекција) (до 18 декември 2017);
  • Селекција на најдобри предлог-проекти – со презентација на предселектираните предлог-проекти пред Комисијата за оценување и избор (20-21 декември 2017);
  • Потпишување на договори со победниците (25-ти декември 2017)

Фондот го задржува правото за измена на горенаведените рокови.

Секој предлог-проект се оценува од Комисијата за оценување и избор, која се состои од 7 членови и тоа:

  • Претставник на Фондот;
  • Претставник на Институцијата потенцијален корисник на наградениот предлог проект (МЖСПП);
  • Двајца претставници на партнерски организации;
  • Надворешен експерт од областа во која се организира натпреварот или предизвикот (експерт во областа на загадување на воздухот);
  • Експерт во областа на развој на бизнис и/или маркетинг и продажба и
  • Експерт во областа на техничкото решение (технички науки, природни науки и друго).

Секој предлог проект ќе биде оценуван по следните критериуми:

Критериум Вредност
1. Влијание на намалување на загадувањето на воздухот

Најмногу поени под овој криетриум ќе добијат оние предлог-проекти кои ќе се однесуваат на приоритетните области на делување дефинирани во овој предизвик и ќе понудат мерливи индикатори за придонесот на решението во намалувањето на загадувањето на воздухот на краток и среден рок

30%
2. Степен на иновативност

Најмногу поени под овој критериум ќе добијат предлог-проектите чии решенија значително се разликуваат од веќе постоечките решенија на пазарот и имаат висок потенцијал за заштита на право од интелектуална сопственост

20%
3. Капацитет на натпреварувачот и проектниот тим

Најмногу поени под овој критериум ќе добијат натпреварувачите со претходно искуство во развој на слична иновативна технологија, претходно искуство во областа на делување (намалување на загадување на воздухот), и чии членови имаат балансирано искуство во поглед на изработка на техничкото решение и развој на бизнис. Истото се однесува и на партнерите на натпреварувачите (доколку постои партнерство). Квалитетот на соработката меѓу партнерите (доколку е применливо) особено ќе се земе во предвид при оценувањето.

20%
4. Пазарен потенцијал

Најмногу поени под овој критериум ќе добијат оние иновативни решенија со висок и јасно идентификуван пазарен потенцијал

20%
5. Квалитет на предлог-проектот

Најмногу поени под овој критериум ќе добијат оние предлог-проекти кои јасно ги имаат дефинирано фазите на истражување и развој со адекватно вклучување на потенцијалните клиенти и имаат соодветна алокација на човечки ресурси и материјални трошоци.

10%
Вкупно 100%

Начин на пријавување

За да се пријави на О2 предизвикот секој натпреварувач треба да:

Бараните документи треба да се пополнети на македонски јазик и во PDF формат да се испратат на следната e-мaил адреса: O2predizvik@fitr.mk

Рок на пријавување

Пријавувањето на О2 предизвикот трае заклучно со 30.11.2017 година, до 23:59 часот.

За финансирање ќе бидат земени предвид само оние предлог – проекти кои се пополнети во обрасците определени за О2 предизвикот од страна на Фондот,  доставени на горенаведениот начин и во дадениот рок.

Дополнителни информации

Правилата и процедурите за спроведување, следење и надзор на проектот се дефинирани во документот Правила за организирање и спроведување на натпревари или предизвици за поттикнување на иновативноста во приоритетните области од науката и технологијата (pdf).

За сите дополнителни информации можете:

  • да не посетите во контакт канцеларијата на Фондот на адреса Димитрие Чуповски бр. 8 (на Рекорд)
  • да ни пишете на електронската адреса: O2predizvik@fitr.mk
  • да се јавите на телефонскиот број  2 322 3373

Со цел да ви помогнеме при подготовка на предлог-проектите, за времетраење на повикот Фондот ќе организира инфо-настани и консултативни средби. Информациите за овие активности ќе бидат навремено објавувани на веб-страницата на Фондот и на нашиот facebook профил.