ЈАВЕН ПОВИК ЗА ФИНАНСИРАЊЕ НА ПРЕДЛОГ ПРОЕКТИ

преку Инструментот за поддршка – кофинансирани грантови за воспоставување, работење и инвестиции на деловно-технолошки акцелератори

Врз основа на член 25 од Законот за иновациската дејност („Службен весник на Република Македонија“ број 79/2013, 137/2013, 41/2014, 44/2015, 6/2016, 53/2016, 190/2016 и 64/2018), Фондот за иновации и технолошки развој на 29.05.2018 година објавува Јавен повик за поднесување на предлог проекти за финансиска поддршка преку Инструментот за поддршка – кофинансирани грантови за воспоставување, работење и инвестиции на деловно-технолошки акцелератори.

Опис на Инструментот за поддршка

Целта на овој Инструмент е да обезбеди финансиска поддршка за воспоставување, работење и инвестирање на деловно-технолошките акцелератори во согласност со одредбите на Законот за иновациска дејност. Се очекува дека деловно-технолошките акцелератори (во натамошниот текст: „акцелератори“) ќе ја играат клучната улога во националниот систем за иновации преку обезбедување на ресурси кои ќе придонесат за забрзан и одржлив раст и развој на новооснованите старт-ап претпријатија.

Поддршката, преку овој Инструмент, ќе биде доделена за воспоставување (опционално) и работење на акцелератор, имплементацијата на пред-инвестициона програма и инвестиции. Акцелераторите ќе обезбедуваат услуги за новооснованите старт-ап претпријатија, кои вклучуваат: канцелариски простор (опционално) и административна поддршка, обука, советување и/или менторство, пристап до ресурси за поддршка на бизнисот, како и финансиски инвестиции. Новооснованите старт-ап претпријатија кои ги користат услугите на акцелераторот стекнуваат статусот на корисници на деловно-технолошкиот акцелератор (во натамошниот текст: „корисници на акцелераторот“).

Преку овој Инструмент, Фондот обезбедува финансирање до 75% (седумдесет и пет проценти) од вкупниот буџет на проектот, за максимален износ од 500.000,00 (петстотини илјади) евра за оперативни трошоци (повеќето во фаза 1, а дел во фази 2 и 3) и инвестиции (во фази 2 и 3). Преостанатиот износ на вкупниот буџет на проектот треба да биде обезбеден од апликантот(ите).

Критериуми за подобност на апликант

Субјекти кои се подобни за финансирање според овој Инструмент се правни лица кои обезбедуваат услуги за новооснованите старт-ап претпријатија, како што се: канцелариски простор (опционо) и административна поддршка, обука, советување и/или менторство, пристап до ресурси за деловна поддршка, како и финансиски инвестиции (во натамошниот текст: „акцелераторски услуги“).

Критериуми за подобност кои треба да ги исполнува апликантот:

  • да биде правно лице регистрирано во Централниот регистар на Република Македонија, во согласност со Законот за трговски друштва или Законот за здруженија и фондации
  • да биде во мнозинска македонска сопственост (50,1% или повеќе)[1] – за трговските друштва, или мнозинството основачи (50,1% или повеќе) треба да бидат државјани на Република Македонија за здруженија и фондации.
  • да има сопственичка / основачка структура составена од:
  • физичко(и) лице(а); и/или
  • правно(и) лице(а) основано(и) како трговско друштво, здружение или фондација, регистрано(и) во Централниот регистар на Република Македонија, во согласност со Законот за трговски друштва или Законот за здруженија и фондации; и/или
  • единица(и) на локалната самоуправа во Република Македонија (да има(ат) до 30% сопственичко учество во акцелераторот); и/или
  • високообразовна(и) или научна(и) и истражувачка(и) институција(и) (да има(ат) до 30% сопственичко учество во акцелераторот); и/или
  • Република Македонија (да има до 30% сопственичко учество во акцелераторот).

[1]  Најмалку 50,1% од сопствениците/основачите треба да бидат државјани на Република Македонија.

Обем на работа на акцелераторот

Се очекува акцелераторот да ги следи глобално признатите добри практики на акцелерација и да ги организира своите активности во согласност со следните фази: Фаза 1: Прединвестициона програма; Фаза 2: Почетни инвестиции; Фаза 3: Натамошни инвестиции.

Во Фаза 1: Прединвестициона програма, се очекува акцелераторот да имплементира програма наменета за старт-ап претпријатија кои би можеле да вклучуваат која било комбинација на следното:

  • Идентификација и пристап до потенцијалните корисници на акцелератори преку промоција и деловно вмрежување;
  • Создавање и спроведување на програма за обука, советување и менторство за корисниците на акцелераторот;
  • Воспоставување и обезбедување на пристап до услуги за поддршка на корисниците на акцелераторот во области како што се: деловно планирање, развој на бизнисот, пробивање на пазарот и развој, правни и финансиски прашања, заштита на права од интелектуална сопственост, развој на прототипови, развој на пилот линии, маркетинг и други видови поддршка на иновативен производ, развој на услуги и процеси;
  • Обезбедување на канцелариски простор и административна поддршка за корисниците на акцелераторот, според потребите;[1] и
  • Организирање на настани за деловно вмрежување и за привлекување на инвеститори.

Во Фаза 2: Почетни инвестиции, се очекува акцелераторот да обезбеди канцелариска поддршка (опционално) и советодавна поддршка, како и почетни инвестиции за избраните корисници на акцелераторот кои успешно ја поминале Фазата 1.

Во Фаза 3: Натамошни инвестиции, акцелераторот може да инвестира дополнително во корисниците на акцелераторот кои биле поддржани во Фаза 2.

[1]  Се нагласува дека Фондот очекува акцелераторот да вложи максимални напори за да обезбеди консултантски услуги, тренинг, менторство и релативно помали трошоци или поддршка за физичката инфраструктура.

Подобни активности за финансирање

Финансиската поддршка се обезбедува за следните видови на активности:

  • Управување со акцелератори;
  • Административна и техничка поддршка на работата на акцелераторот;
  • Обезбедување канцелариска и административна поддршка на корисниците на акцелераторот;
  • Менторство, обука и советување на корисниците на акцелераторот;
  • Подготовка и спроведување на настани (демо денови, пристап до пазарот, воспоставување на мрежи, пристап до финансии итн.);
  • Почетни инвестиции;
  • Натамошни инвестиции; и
  • Други активности поврзани со обезбедување деловна поддршка на корисниците на акцелераторот.

Подобни трошоци за финансирање

Подобни трошоци за финансирање преку инструментот се:

  • Фаза 1 ќе ги покрие оперативните трошоци како што се: Трошоци за воспоставување на акцелератор, управување со акцелератор, административна и техничка поддршка на работата на акцелераторот, трошоци за менторство, обука и советување, трошоци за надворешни соработници (ментори, обучувачи, советници)[1] и трошоците за материјали за обука, логистичка и техничка поддршка, односно неинвестициски трошоци (вкупното кофинансирање од Фондот за Фаза 1 е до 75% од вкупните трошоци во Фаза 1, односно 75.000 евра). Оперативните трошоци финансирани од Фондот ќе бидат 20% од вкупниот износ на кофинансирање од страна на Фондот во износ од 500.000 евра, додека преостанатиот износ од 400.000 евра ќе биде за инвестиции за Фаза 2 и Фаза 3 во корисникот на акцелератор. Износите на оперативни трошоци за сите три фази се заменливи, односно неискористените износи може да бидат наизменично користени во различни фази, доколку вкупните оперативни трошоци во сите три фази не смеат да надминат 100.000 евра. Горната граница за оперативните трошоци во Фаза 1 е 75.000 евра, а за Фаза 2 или 3 кумулативно, горната граница е 25.000 евра.
  • Фаза 2: Трошоци за почетни инвестиции (кофинансирање од Фондот до 75% од вредноста на секоја инвестиција, за максимален износ од 25.000 (дваесет и пет илјади) евра по корисник на акцелератор);[2] и
  • Фаза 3: Натамошни инвестиции (кофинансирање од Фондот до 75% од вредноста на секоја инвестиција, за максимален износ од 75.000 (седумдесет и пет илјади) евра по корисник на акцелератор).[3]
  • Износот од 400.000 евра наменет за инвестиции во Фаза 2 и Фаза 3 е заменлив, односно се очекува акцелераторот да создаде добро портфолио на компании подготвени за Фаза 3 и да ги утврди финансиските потреби за Фаза 3 и соодветно да ги направи инвестициите во Фаза 2.

[1]  Се очекува вработувањето на надворешни соработници да се врши во согласност со добрите практики во индустријата, односно дека повеќето надворешни соработници ќе бидат ангажирани на pro-bono основа и дека ќе им се надоместуваат само трошоци за патување и за дневници.

[2]  Пример 1: Доколку на корисникот му е потребно финансирање од 30.000 евра, Фондот ќе финансира 75% од 30.000 евра = 22.500 евра, а останатите 7.500 евра ќе бидат финансирани од акцелераторот.

Пример 2: Доколку на корисникот му е потребно финансирање од 100.000 евра, Фондот ќе финансира максимален износ од 25.000, а преостанатите 75.000 евра ќе бидат финансирани од акцелераторот.

[3]  Пример 1: Доколку на корисникот му е потребно финансирање од 50.000 евра, Фондот ќе финансира 75% од 50.000 евра = 37.500 евра и преостанатите 12.500 евра ќе бидат финансирани од акцелераторот.

Пример 2: Доколку на корисникот му е потребно финансирање од 300.000 евра, Фондот ќе финансира максимален износ од 75.000 евра, а преостанатите 225.000 евра ќе бидат финансирани од акцелераторот.

Критериуми за евалуација на предлог проектот

Основните критериуми за евалуација на проектот и доделување на средства според овој Инструмент се:

  • Профил на менаџерскиот тим и човечките ресурси;
  • Квалитет на проектот;
  • Институционални капацитети и одржливост;
  • Финансиски параметри;
  • Релевантност на буџетот.

Основните критериуми и под-критериуми за евалуација се наведени во Табела за евалуација на предлог проектите.

Времетраење на проектот

Времетраењето на проектот за кој се доделени средства преку овој Инструмент може да биде до 36 (триесет и шест) месеци, за воспоставување и работење кумулативно. Во случај на новооснован акцелератор, периодот на воспоставување на акцелераторот може да се продолжи до 6 (шест) месеци. Се поттикнуваат пократки периоди на воспоставување. Поради оправдани околности, Фондот може да одобри продолжување на периодот за спроведување на проектот до 12 (дванаесет) месеци.

За повеќе информации, можете да го погледнете Правилникот за Инструментот за поддршка – кофинансирани грантови за воспоставување, работење и инвестиции на деловно-технолошки акцелератори.

Вкупен буџет

За финансирање проекти под овој инструмент обезбеден е вкупен износ од 1.700.000 (еден милион и седумстотини илјади) евра, односно 104.550.000 (сто и четири милиони и петстотини и педесет илјади) денари.

Средства добиени од Фондот по која било друга основа или која било друга државна помош, нема да се сметаат за прифатливи средства за кофинансирање од страна на апликантот.

Начин на аплицирање

За да аплицира апликантот треба да:

  • се регистрира на следниот линк: fitr.mk/akcelerator
  • да ги поднесе пополнети, потпишани и печатирани обрасците за Проектна апликација, Буџет на проектот, Изјава на апликантот за прифаќање на условите на Фондот и Изјава за животна средина;
  • поднесе биографии од менаџерите на Акцелераторот, биографии од оперативниот тим на Акцелераторот, листа на експерти/ментори вклучени во работата на Акцелераторот;
  • поднесе извод од Тековна состојба од Централниот регистар на Република Македонија (не постар од 6 (шест) месеци;
  • доколку е применливо, биланс на успех поднесен во Централен регистар на Република Македонија за претходните две години, освен за јавни институции и новоосновани претпријатија кои се регистрирани во истата година кога е поднесен предлог проектот. Во случај предлог проектот да содржи стратешко партнерство, апликантот треба да достави договор за соработка со регулирани права и обврски со организации/физички лица со меѓународно искуство во воспоставување и управување на деловно-технолошки акцелератор.

Бараните документи треба да се пополнети на македонски јазик и во PDF формат да се испратат на следната e-мaил адреса: akcelerator@fitr.mk

Проектната апликација, Буџетот на проектот и биографиите на главните лица ангажирани на проектот се пополнуваат и доставуваат и на англиски јазик.

Рок за аплицирање

Аплицирањето на јавниот повик трае заклучно со 27.07.2018 година, до 23:59 часот.

За финансирање ќе бидат земени предвид само оние предлог проекти кои се пополнети во обрасците определени за јавниот повик од страна на Фондот, доставени на горенаведениот начин и во дадениот рок.

Дополнителни информации

Правилата и процедурите за спроведување, следење и надзор на проектот се дефинирани во Правилникот за управување со инструментите за поддршка на Фондот за иновации и технолошки развој.

За сите дополнителни информации можете:

  • не посетите во контакт канцеларијата на Фондот на адреса Димитрие Чуповски бр. 8 (на Рекорд)
  • да ни пишете на електронската адреса: info@fitr.mk
  • да се јавите на телефонскиот број: 02 322 3373

Со да цел да ви помогнеме при подготовка на предлог проектите, за времетраење на повикот Фондот ќе организира инфо-настани и консултативни средби. Информациите за овие активности ќе бидат навремено објавувани на веб-страницата на Фондот и на нашиот facebook профил.