Избрано иновативно решение за повикот „ПристАПП транспорт“ на ФИТР

Иновативното решение на компанијата „Некстсенс ДОО“ е избрано како прворангирано на Јавниот повик за финансирање на проект за изработка на информациски систем за управување во областа на патничкиот и товарниот сообраќај финансирано од Фонд за иновации и технолошки развој (ФИТР), во соработка со Министерството за транспорт и врски на Република Македонија.

Одлуката ја донесе Комисијата за избор составена од Иван Чорбев, претставник од ФИНКИ, Драган Јовев, претставник од Министерството за транспорт и врски, Никола Николов, претставник од Министерството за информатичко општество и администрација, Александра Чавдаревска, претставник од МАСИТ и Тања Илијевска претставник од Фондот за иновации и технолошки развој.

Проектот „ПристАпп Информациски систем за управување во областа на патничкиот и товарниот сообраќај“ ќе овозможи стандардизација и дигитализација на секторите поврзани со превоз на стока и патници. Целта на новото софтверско решение е да обезбеди поефикасен и потранспарентен процес на издавање на различни видови на дозволи и документи за да се зголеми ефикасноста и работата на Министерството за транспорт и врски и да се понудат поквалитетни услуги во секторот транспорт.

Новиот систем ги опфаќа сите фази од постапката од електронското аплицирање во патничкиот линиски превоз, како и транспортот на стока, предвидени со Законот за превоз во патничкиот сообраќај, управување на постапките за одобрување решенија, па сѐ до издавање на лиценците и дозволите.

Истовремено, со ова системско решение трошоците за изработка на новиот софтвер и негово одржување ќе се намалат за 52% во однос на системот кој досега се применува.

Овој систем исто така ќе овозможи интеграција, стандардизација на податоци и процеси и зголемена комуникација меѓу инволвираните страни со цел да се постигне високо ниво на соработка и размена на податоци со останати системи од други институции. Системот ќе биде дел од националната платформа на интероперабилност.

Дополнително, како дел од ова решение ќе се создаде и Централен регистар на транспортери со информации за сите типови на транспортни компании, според нивните податоци и дејноста.

Проектот ќе трае девет месеци, а износот на доделениот грант од страна на ФИТР е 4,522,722.00 денари.

Со цел да се осигура квалитетот на проектот и ефикасна имплементација на издржано техничко решение кое ќе биде во полза на сите корисници на системот, ФИТР, Министерството за транспорт и врски и ФИНКИ ќе спроведуваат надзор на квартално ниво.

Проектот ПристАпп е дел од инцијативата на ФИТР за Примена на иновации во јавниот сектор преку кој треба јавните институции да станат поефикасни, потранспарентни и да понудат поквалитетни услуги за граѓаните.

Проектот „Развој на паметен фотоволтаичен модул (ФВ-ПАМ)“ на Торакс со поддршка од ФИТР

Проектот „Развој на паметен фотоволтаичен модул (ФВ-ПАМ)“ има за цел да прерасне во нов револуционерен производ од областа на енергетско-ефикасните фасади и покриви. Овој проект е на компанијата Торакс, која го спроведува во соработка со Факултетот за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ преку новоформираниот Центар за трансфер на технологии и иновации, ИНОФЕИТ и компанијата Интебако.

„Во насока на зголемување на својата палета на производи од областа на енергетско-ефикасните фасади и покриви решивме да ја искористиме можноста што ја понуди ФИТР и да развиеме нов револуционерен производ кој се очекува да има големо влијание врз пазарот во иднина“, велат од компанијата Торакс.

Тие истакнуваат дека целта на проектот е развој на иновативен производ, паметен фотоволтаичен модул, кој во себе ќе интегрира најсовремени батерии и управувачка електроника.

„Фотоволтаичниот модул наречен ФВ-ПАМ, покрај стандардните карактеристики за производство на електрична енергија, ќе има можност да ја акумулира таа електрична енергија и поради нејзината управливост ќе има големи позитивни ефекти врз електро-енергетскиот систем. Исто така, директно може да се користи и како градежен материјал во покривните конструкции, без употреба на дополнителни материјали.“, истакнува во видеото претставникот на оваа домашна компанија.

Во изработката и развојот на ФВПАМ, покрај Торакс и Интебако, ќе учествуваат истражувачи, докторанти, магистранти и студенти од ФЕИТ, што очекуваме да биде најпозитивен пример за примената на современите истражувања во практиката во насока на развој на иновативни производи.

Компанијата Торакс е една од над 70 домашни компании/конзорциуми поддржани од Фондот за иновации и технолошки развој во рамките на првиот јавен повик од Планот за економски раст на Владата на Република Македонија.

Со првиот инвестициски бран се реализираат инвестиции во домашниот приватен сектор во износ од 20 милиони евра. Се ангажираат 460 лица, од кои 85 се нови работни места, со просечна плата од 48.000 денари.

Одржана инфо сесија за јавниот повик „#СтартАПувај“ во Тетово

Претставници на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) одржаа Инфо сесија за јавниот повик #Стартапувај во Тетово. Целта на овој јавен повик е финансиска поддршка на новоосновани старт-ап и спин-оф компании и е поддржан од Светска банка.

Линк и повеќе информации за повикот можете да најдете на следниот линк: fitr.mk/startapuvaj

Инфо сесијата се одржа во Центарот за развој на бизнисот на South East European University (SEEU) во Тетово и беше организирана во рамките на работната средба со Стопанската комора на Северо-западна Македонија и презентацијата на Планот за економски раст на Владата на Република Македонија.

На настанот учествуваа Зорица Апостолска, министерка без ресор задолжена за странски инвестиции, Неби Хоџа, претседател на Стопанската комора на Северо-западна Македонија, Академик проф. д-р Абдулменаф Беџети, ректор на УЈИЕ, Бисера Јордановска – претставничка на Фонд за иновации и технолошки развој (ФИТР), како и Иван Андревски – претставник на Кабинетот на министерката Апостолска.

Инфо сесија за „#Стартапувај“ минатата недела беше одржана во Битола.

Младите треба да бидат двигатели на економијата и општеството – На Макинова се одржа #ПетокЗаМлади во организација на ФИТР

Основци и средношколци ги презентираа своите иновативни проекти во рамките на програмата „#ПетокЗаМлади“ во организација на Фондот за иновации и технолошки развој. Оваа иницијатива на ФИТР која денеска се одржа по втор пат, има за цел стимулирање на креативното и критичкото размислување кај младите.

Креативната работилница за младинско творештво беше организирана како дел од манифестацијата Макинова која е поддржана од Фондот, а во рамките на саемот Технома. Срдношколците од неколку училишта од различни делови на Македонија работеа  на нивните иновации на работилниците организирани од страна на Сојузот на здруженија за техничка култура на Република Македонија – „Народна техника“. Меѓу другото, учениците од средните скопски училишта „Михајло Пупин“ и „Јосип Броз Тито“ кои беа наградени во рамки на „Предизвик за млади истражувачи“ на ФИТР исто така имаа можност да ги претстават своите проекти и да разменат идеи.

Петок за млади ФИТР во Макинова Технома 3

Во своето обраќање на почетокот на настанот, директорот на ФИТР, Јован Деспотовски, ја истакна важноста на организирањето на ваков вид работилници и иницијативи во поглед на овозможување континуирана поддршка и стимул за младите, како и развивање на критичкото мислење од најрана возраст.

„Фондот за иновации и технолошки развој продолжува со реализацијата на „Петок за млади“. Програма која е наменета за младите и ги става нив во фокусот. Целта е преку посебен вид програми и иницијативи да го поттикнеме развојот на критичкиот, иновативниот и креативниот потенцијал кај оваа популација,“ истакна Деспотовски.

Директорот на ФИТР ја посочи успешно реализираната програма „Предизвик за млади истражувачи“ која ФИТР годинава ја спроведе во соработка со Министерството за образование и наука. Само годинава, преку оваа програма е доделена финансиска поддршка за 20 основни и средни училишта со цел развивање на различен тип иновативни проекти.

„Денес, во рамките на настанот денес беа презентирани дел од решенијата кои произлегоа од тие проекти. Најавувам скорешно продолжување и распишување на нов повик од „Предизвикот за млади истражувачи“. Сакаме да дадеме шанса на младите со цел да ги поттикнеме да станат претприемачи и двигатели на економијата, како и на целото општество“, рече Деспотовски.

Петок за млади ФИТР во Макинова Технома 2

Учениците и посетителите имаа можност да ги видат проектите „Хигиена на забите со еколошка паста“ и „Теслини струи“ изработен од учениците од „Ацо Русковски“ од Берово, „Теслин трансформатор“ на учениците од средното училиште „Коле Нехнетин“ од Штип, проектот „Вертикален плотер“ на учениците од средното училиште „Јахја Кемал“ од Скопје како и  проектот на средното училиште „Михајло Пупин“ за изработка на оригинален 3Д принтер за кој користат посебна софтверска програма.

Меѓу проектите што беа изложени се и „Еко фрижидер“, „Еколошка соларна термоелектрана“, „Биоапсорбирачки васкуларен стент“, „Електроекономски уред“, „Машина за гравирање со ласер“ и други.

Проектот „Софтверска платформа за продажба на електронски книги“ на Книготека поддржан од ФИТР

Проектот „Софтверска платформа за продажба на електронски книги“ е на компанијата Книготека претставува развој на еден уникатен и целосно интегриран софтверски пакет за производство, продажба и дистрибуција на електронски книги што ќе овозможи на илјадници потенцијални купувачи и корисници – издавачки куќи од целиот свет да креираат сопствена и брендирана дигитална книжарница.

Книготека: „Софтверската платформа се состои од две основни компоненти, а тоа е апликација за читање на десктоп и мобилни уреди со максимално ниво на криптирана заштита на содржината, како и „бек офис“, односно позадинска канцеларија со високо развиена аналитика, која на издавачите ќе им овозможи комплетна контрола врз административното, финансиско и продажното работење.

Проектот ќе се спроведе во времетраење од две години. Во првата половина ќе биде изработен производот, како и неговата правна заштита, а потоа ќе следува неговата комерцијализација на светскиот пазар. Бидејќи се работи за исклучително скап и сложен истражувачки и развојно-технолошки процес, соработката со Фондот за иновации и технолошки развој и финансиската поддршка се од исклучително значење за развојот на овој проект.

Покрај тоа што проектот ќе придонесе за развојот на нови технологии, како и бенефит за самата компанија и нејзиното работење, ќе има и значајни општествени придобивки: зголемување на бројот на вработени, потоа пораст на животниот стандард, зголемување на извозот и прилив на девизни средства, генерален пораст на БДП, како и полнење на државната буџетска каса преку даноци и останати придонеси.“

Компанијата Книготека е една од над 70 домашни компании/конзорциуми поддржани од ФИТР во рамките на првиот јавен повик од Планот за економски раст на Владата на Република Македонија.

Со првиот инвестициски бран се реализираат инвестиции во домашниот приватен сектор во износ од 20 милиони евра. Се ангажираат 460 лица, од кои 85 се нови работни места, со просечна плата од 48.000 денари.

Проектот „ReadSpace“ на Кодвел и Издавачки центар Три со поддршка од ФИТР

Проектот Readspace на Кодвел и Издавачки центар ТРИ е платформа која е наменета за пазарот на електронски книги што ќе им помогне на издавачите тоа што веќе го имаат во форма на печатени книги, материјали и слично да го стават во електронска форма и да заработат.

„Подолго време работиме на овој продукт. Сега заедно со #ФИТР ни се овозможува нашиот раст да го забрзаме многу повеќе. Со оваа заедничка инвестиција да станеме лидери на пазарот на електронски книги кој многу добро се развива во регионот и цела Европа. Очекуваме дека ќе бидеме единствените кои на издавачите ќе им овозможат ова брзо и лесно да го направат без да треба да инвестираат големи дополнителни средства.“, велат од компанијата Кодвел.

„Се надеваме дека како резултат на оваа поддршка од ФИТР ќе успееме да ја направиме Македонија лидер токму на овој пазар на електронски книги и ќе успееме да се етаблираме како еден од врвните брендови за електронски книги како што е на пример Амазон.“, истакнува во видеото претставникот на оваа домашна компанија.

Кодвел и Издавачкиот центар „Три“ се една од над 70 домашни компании/конзорциуми поддржани од ФИТР во рамките нa првиот јавен повик од Планот за економски раст на Влада на Република Македонија

Со првиот инвестициски бран се реализираат инвестиции во домашниот приватен сектор во износ од 20 милиони евра. Се ангажираат 460 лица, од кои 85 се нови работни места, со просечна плата од 48.000 денари.

ФИТР со нова иницијатива „Петок за млади“

Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) започна со нова иницијатива „#Петок за млади @ФИТР“ со цел да се поттикнат креативните вештини и иновативноста кај младите.

Овој петок (12.10.2018) започнавме со презентација на победничките проекти на учениците од пет средни училишта кои ги креираа во рамките на првата работилница за социјално претприемништво #UPSHIFT, која изминатата недела се одржа во Маврово, со поддршка на ФИТР и УНИЦЕФ.

Петок за млади @ФИТР (12.10.2018 година)  4

„Оваа иницијатива е дел од новата програма на ФИТР – #Млади, со која сакаме да ги вклучиме младите уште од најрана возраст да почнат да истражуваат и да развијат критичка мисла, да се научат да развиваат иновативни проекти преку дружење и интеракција“, рече Деспотовски.

Директорот на ФИТР најави дека редовно ќе се организираат вакви иновативни тематски работилници со ученици од основни и средни училишта, а Фондот ќе објави и нов #Предизвик за млади истражувачи.

„Идеjата е да ги мотивираме децата да учат преку истражување, преку прашување, преку пронаоѓање на некои свои вистини со кои ќе ги поттикнеме да размислуваат критички и макар и да е погрешно, да кажат „не“. Не да читаат се од книги туку и самите да се обидат да направат нешто без да се плашат, “ рече Деспотовски.

Петок за млади @ФИТР (12.10.2018 година)  3

Проектите кои денеска ги презентираа тимовите средношколци се однесуваат на подигање на еколошката свест: „Дај пластичен кош, не биди повеќе за природата лош“ и „Бон тон правила за животна околина“,проектот „Дружење без граници“ за поддршка на деца со посебни потреби, проектот за здрава храна „Енергични бомбици“,како и проектот „Динамик дуо“ за обновливи енергии. Потоа следуваше и заедничка креативна работилница. Специјални гости беа ученици од ОУ “Димитар Миладинов“ од Скопје.

Петок за млади @ФИТР (12.10.2018 година)  4

Куса презентација на проектите и нивните тимови:

• Тимот на СУГС Владо Тасевски од Скопје со проектот „Дај пластичен кош, не биди повеќе за природата лош“ – Продажба на стаклени шишиња или термоси со посебни стикери со еколошка порака со цел подигање на еколошката свест за последиците од прекумерниот отпад од пластични шишиња.

• Тимот на Средното економско општинско училиште „Гостивар“ од Гостивар со проектот „Бон тон правила за животна околина“ – Набавка на посебни канти за отпадоци со 4 отвори и изработка на мобилна апликација која ќе сигнализира дали ѓубрето се фрла на право место. Целта е подигање на еколошката свест.

• Тимот на ПСУ „САБА“ со проектот „Дружење без граници“ – Дневен центар за основци и средношколци со посебни потреби, со волонтерска помош тим психолози и дефектолози.

• Тимот на ДСУ „Орце Николов“ од Скопје со проектот „Динамик Дуо“ – Две станици за полнење мобилни телефон, напојување со струја на мобилните телефони преку употреба на статични точаци.

• Тимот на СОУ „Јане Сандански“ од Струмица со проектот „Енергични бомбици“ – Отворање на ресторан во своето училиште со мени со избор на здрава храна: смути, органски палачинки, свежи сокови и слично. Планот на тимот е вработување на двајца професионалци, како и волонтерски ангажман од страна на учениците.

Овие проекти беа наградени во рамките на програмата #UPSHIFT за социјално претприемништво која има за цел да им помогне на тимовите ученици во развивањето на иновативни идеи.

Петок за млади @ФИТР (12.10.2018 година)  2

„Ултима Вин“ на Дуна поддржан од ФИТР

Проектот „Ултима Вин“ на компанијата Дуна е решение за прецизно, поекономично и поефикасно земјоделство кое ќе дава точни и прецизни информации во реално време за потребите на земјоделството од почва, ѓубриво, пестициди.

„Исклучително сме среќни што Фондот за иновации и технолошки развој препозна потенцијал во ваквата идеја која и самите ние многу посветено ја развивавме, а за почеток на еден ваков проект ни се важни не само средствата кои беа одобрени, туку и поддршката и признанието дека правиме нешто општествено корисно и иновативно.“, велат од „Дуна“.

Развојот на „Ултима Вин“ ќе придонесе за исклучително намалување на земјоделските загуби, а со тоа директно ќе влијаеме врз создавањето на сигурна и здрава храна и позитивно ќе влијаеме врз животната средина и здравјето на луѓето – сметаат од оваа компанија.

„Решението е замислено да биде лесно прилагодливо на различни земјоделски култури на различни почви и во различно опкружување, па затоа очекуваме да предизвика интерес и на светските пазари.“, истакнува претставничката на „Дуна“ во ова видео.

Компанијата Дуна е една од над 70 домашни компании/конзорциуми поддржани од ФИТР во рамките нa првиот јавен повик од Планот за економски раст на Владата на Република Македонија.