Проект на компанијата „Фор Лејди“ со поддршка од ФИТР

Проектот „Биохигенски Алое хулахопки“ на компанијата „Фор Лејди“, која е основана во 1995 година, има за цел да реши два проблеми во домашната индустрија. Прво, да ја заштити животната средина, и вториот проблем е да му се понуди на крајниот потрошувач козметички ефект и дерматолошка заштита при негова употреба.

„Во нашата индустрија сите хулахопки и чорапи што денеска сите ги користиме се направени од пластика, и во просек им требаат 50 години да се разградат. Текстилната индустрија е еден од најголемите загадувачи на планетата. Истражувањата направени на оваа тема покажуваат дека скоро 5% од отпадот во депониите е резултат на текстилната индустрија.“, вели Сања Лазаревска од компанијата „Фор Лејди“.

Таа посочува дека производот кој го развиваат со средства од Фондот за иновации и технолошки развој ќе се разградува за 5 години и ќе има за цел да даде козметички бенефит на крајниот корисник. По успешното завршување на овој проект оваа компанија има за цел да го исполни својот производствен капацитет и да го користиме сто посто, како и да ја развие еко свеста кај самите вработени и кај потрошувачите, со што дополнително покрај производство на зелен производ ќе користи и зелена технологија за своето производство и за дистрибуција до крајниот корисник.

„Исто така, нашата компанија си постави за цел на новите работни места кои ќе се отворат како резултат на проширување на нашиот бизнис со овој проект да вработува самохрани мајки како и млади работници до 29 години.“, истакнува претставничката на компанијата во видеото.

Компанијата Фор Лејди е една од над 130 домашни компании/конзорциуми поддржани од ФИТР во рамките на првиот јавен повик од Планот за економски раст на Влада на Република Северна Македонија

Со првиот и вториот инвестициски бран се реализираат инвестиции во домашниот приватен сектор во износ од 28 милиони евра. Се ангажираат над 780 лица, од кои 158 се нови работни места, со просечна плата од 45.000 денари.

Пакети со храна на месечно ниво за социјало ранливи категории граѓани од Куманово преку проектот „Оброк за сите“

Пет семејства од Куманово и соседните општини добиваат храна на месечно ниво во рамки на пилот проектот „Оброк за сите“ финансиран од Фондот за иновации и технолошки развој, поддржан од Министерството за труд и социјална политика.

– Црвен крст на Република Македонија – општинска организација Куманово по иницијатива и соработка со невладините организации „Сите Сити” и „Ајде Македонија” се вклучи во програмата за дистрибуција на прехранбени семејни пакети за семејства од социјален ризик. Во програмата за оваа година предвидено е да бидат опфатени пет повеќечлени семејства од социјален ризик на кои еднаш месечно ќе им се дистрибуира фамилијарен пакет со конзервирана храна, изјави Бојан Петрушевски од кумановскиот Црвен Крст.

Годинава во проектот опфатени се три повеќечлени семејства од градот Куманово и по едно семејство од селата Драгоманце и Степанце. Петрушевски изјави дека работат во иднина да успеат да го прошират бројот на семејства кои ќе бидат опфатени со оваа програма.

Со програмата „Оброк за сите“ на ФИТР и МТСП во вид на пилот проект опфатени се и семејства од Прилеп и Скопје. Пилот проектот цели кон значително зголемување на процентот на задоволување на потребите за храна кај сите граѓани кои имаат потреба од ваква поддршка, а го спроведува Сите сити – Ајде Македонија заедно со своите партнери.

Повеќе инфо за #ОброкЗаСите може да погледнете на следниот линк: http://www.fitr.mk/obrokzasite/

С. Мaкедонија со скок од 25 места на ранг листата на Глобалниот иновациски индекс

Северна Македонија, во споредба со минатата година, се искачи 25 места погоре на листата земји кои вложуваат во иновациска инфраструктура, покажува најновиот извештај на Глобалниот иновациски индекс (ГИИ) за 2019 година објавен на 24 месецов.

Според овој извештај кој рангира 129 држави во светот по 80 различни параметри, Република Северна Македонија е на 59то место, што претставува значителен напредок во однос на претходните две години, што во голема мера се должи на вложувањата во микро, мали и средни претпријатија од страна на Владата, Фондот за иновации и технолошки развој, и активностите на останатите субјекти во овој сектор.

Земјата остварила високи резултати и во делот на зголемен степен на инвестиции во иновации од страна на домашните институции како и подобрена бизнис клима со што Северна Македонија се наоѓа во група со првите 50 земји во светот. Подобрување е забележано и кај постигнатите резултатите од вложувањето во иновации, каде земјата е на 63то место, што е повисока позиција во однос на 2018 година.

Споредбено со другите економии во Европа, во групата на земји со средно-високи примања, Северна Македонија годинава има натпросечни оцени во пет од седумте столбови на Глобалниот иновациски индекс, кои се однесуваат на институции, инфраструктура, софистицираност на пазарот, каде е на 28мо место, знаење и технолошки резултати и креативни резултати. Во однос на останатите европски економии опфатени во студијата, Северна Македонија има натпросечни резултати во 1 од седумте столбови, т.е. софистицираност на пазарот, каде е остварен напредок во поглед на пристап кон финансиски средства и едноставен начин на заштита на малцинските инвеститори.

Во извештајот Северна Македонија е рангирана на 12то место меѓу 34-те економии со средно-високо ниво на приходи, а земјата има остварено повисоко ниво на развој од очекуваното и кај БДП.

Државата остварила значаен успех според индикаторите за квалитет ISO9001 (24 место) и високо- и средно-високи технолошки производи (20 место), а подобрена е позицијата и во категоријата знаење и технологии, според кои Северна Македонија е на 66то место.

Во препораките се наведува дека земјата треба да го подобри вложувањата во човечки ресурси и истражувања, сфера во која државата годинава има зголемен обем на тековни и планирани активности. Подобрување на школскиот систем, поцврста соработка помеѓу бизнис секторот и академската заедница, посилна инфраструктура за истражувања и развој на компаниите се области во кои се очекува зголемен ангажман на Владата, а во кои ФИТР веќе развива посебни инструменти и програми за поддршка.

Петте најиновативни земји според анализата на ГИИ оваа година се Швајцарија, Шведска, САД, Холандија и Велика Британија, а на дното се Бурунди и Јемен. Извештајот на Глобалниот иновациски индекс на иновации се објавува 12 години по ред од страна на Светската организација за интелектуална сопственост во партнерство со бизнис школата Инсед и Универзитетот Корнел.

Продолжен рокот за аплицирање на јавниот повик INNOV8

Ве известуваме дека рокот за пријавување на јавниот повик за новоосновани трговски друштва „Старт-ап„ и „Спин-оф“ во југозападниот регион на РСМ како дел од проектот „Иновативен Еко-Систем во областа на прекуграничната соработка“ кој заеднички го спроведуваат ФИТР, Национален центар за развој на иновации и претприемачко учење (НЦРИПУ), EuroPartners Development и National Agency of Scientific Research and Innovation (ARTI) се продолжува до 25.08.2019 година до 23:59 ч.

Аплицирајте на www.fitr.mk/innov8

Започна фазата на финална селекција во која влегуваат 368 домашни компании

Вкупно 368 домашни компании продолжуваат во процесот на финална селекција на Јавниот повик за комерцијализација на иновации на ФИТР. Проектите на овие компании, кои ја поминаа фазата на претселекција, сега ги разгледува Комитетот за одобрување на инвестиции – независно тело составено од тим од пет странски експерти кое ќе ја донесе финалната одлука на кои предлог проекти ќе им биде одобрена финансиска поддршка.

Од овие 368 компании, 162 се микро, 181 мали, а 25 средни. Повеќе од половината од компаниите се регистрирани во главниот град, додека останатите се распоредени низ 30 општини од целата земја, меѓу кои и Гостивар, Охрид, Куманово, Свети Николе, Делчево, Ново Село, Валандово, Крива Паланка и Вевчани. Најголем дел од нив се од ИТ индустријата, по што следат технолошкиот и здравствениот сектор, текстилната/кожна индустрија, земјоделието, а има и предлог проекти за примена на иновации во машинското инженерство и туризмот.

Вкупниот обем на планирани инвестиции кај овие компании е нешто над 87 милиони евра, од кои 67% или над 58 милиони евра се побарано учество на Фондот, додека 33% или околу 29 милиони евра се сопствени средства кои апликантите планираат да ги вложат во домашната економија. Иницијално предвидениот буџет за овој јавен повик е 5 милиони евра, со што аплицираниот износ се надминува за речиси 12 пати.

Овие рекордни бројки и огромниот интерес на компаниите на јавните повици на ФИТР, претставуваат јасен знак на доверба во процедурите и инструментите на Фондот. Истовремено, ова е уште еден показател дека домашните компании имаат потреба од финансиска поддршка и се подготвени да инвестираат и сопствени средства во развој и иновации.

Инаку во фазата на претселекција влегоа 455 компании, за чија евалуација беа ангажирани 95 надворешни стручни лица во 22 економски дејности. Секоја апликација се разгледува од три стручни лица одделно, а проектите кои добија минимум 51 поен во просек, преминуваат во финалната фаза.

Сите проекти се оценуваат согласно дефинираните критериуми: степен на иновативност, квалитет на подготвен проект, потенцијал на пазарот, капацитет на апликант и влијание на проектот.

Јавниот повик се реализира во рамки на Планот за економски раст на Владата, во чие финансирање од оваа година се вклучи и Светската банка како финансиски партнер.

ФИТР и МАНУ потпишаа Меморандум за соработка и поттикнување на иновативноста и претприемништвото кај младите

Фондот за иновации и технолошки развој и МАНУ потпишаа Меморандум за соработка кој ќе опфати покренување на заеднички проекти и студии од областите на претприемништвото, иновациите, истражувањето и технолошкиот развој.

„МАНУ активно ќе се вклучи во изработка на стратешката програма за поттикнување на креативното размислување, иновативноста и претприемништвото кај младите, наречен „Фонд за млади умови“ на ФИТР, но и ќе се продлабочи соработка во конципирање на финансиски инструменти за поттикнување на истражувачките активности на академската заедница,“ истакна  претседателот на Академијата, Таки Фити.

Целта на овој договор е и стимулирање на конкурентноста преку истражување на можни инструменти за креирање иновативни политики, како и политики поврзани со образование и поддршка на мобилноста помеѓу академијата и индустријата, вклучувајќи и меѓународна мобилност на ученици, студенти и претставници на академската заедница.

MoU MoU потпишување ФИТР и МАНУ 2potpisuvanje FITR i MANU 2

„Потпишувањето на договорот за соработка со една од најзначајните национални институции претставува задоволство и голема чест за Фондот но и за мене лично. Разговаравме за повеќе конкретни проекти и очекуваме целосна поддршка од МАНУ во иницијативите кои ни претстојат и за кои заеднички ќе аплицираме пред меѓународните фондови. Со задоволство ќе ја прифатиме понудената можност акумулираното знаење од Академијата да го искористиме во делот на економијата и одржливиот развој.“, изјави директорот на ФИТР, Јован Деспотовски.

Двете институции преку билатералната соработка ќе имаат заеднички проекти за финансирање на меѓусебните истражувачки активности и пред домашните државни институции, приватниот сектор,  вклучувајќи притоа и заемна помош при подготовка на проектната документација.

Во мај годинава ФИТР во соработка со МАНУ, Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј” во Скопје организиираа „Денови на ЦЕРН во Северна Македонија“ во чии рамки се одржаа серија настани и изложби.

Вложувањето во старт ап бизнис идеи е вложување во иднината и во нашиот заеднички напредок и прогрес

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски имаа свои обраќања на настанот за промоција на 48 старт ап проекти – добитници на финансиска поддршка од двата повика на јавниот повик на ФИТР, „Стартапувај“.

„Кога треба да ги поддржиме младите луѓе и нивните иновативни бизнис идеи тогаш задоволството е обострано и е најголемо. Вложувањето во вашите старт ап бизнис идеи е вложување во иднината и во нашиот заеднички напредок и прогрес“ рече премиерот Заев.

Презентација на проекти од Стартапувај во „Јавна соба“, ПВРСМ Зоран Заев

Тој им се обрати на добитниците на грантови од повикот „Стартапувај“ и потенцираше дека младите луѓе се носители на промената што се случува во нашата земја.

„Јас сум уверен дека сите овие 48 проекти ќе бидат успешни и ќе донесат нова додадена вредност во нашата економија и на свој начин ќе го подобрат нашиот заеднички живот. Фондот за иновации и технолошки развој заедно со Светска Банка обезбеди средства во висина од 1.8 милиони евра како финансиска поддршка за овие проекти. Со поддршката на овие старт-апи се отвораат 45 за старт нови работни места, а просечната исплатена плата е во износ од 462 евра“, нагласи премиерот Заев.

Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека денешното време е време на стартап компаниите. Тој тоа го поткрепи со фактот што во светот постојат компании со повеќе децениска традиција, сепак и покрај нивната успешност и традиција, голем дел од највредните компании во денешно време не се постари од 15-20 години, а започнале како стартапи.

„Амазон, Фејсбук, Тесла, Ејпл се компании кои започнале како стартапи, имале брз раст, а денес вредат многу. Друг пример е Mobile Eye, стартап компанија од Израел, кои го иновираа системот за самоуправувачки возила, а е продаден за двоцифрена вредност во милијарди. Владата ги креираше мерките од Планот за економски раст токму во таа насока, за поддршка на компаниите технолошки да се развиваат и да внесуваат иновативни решенија и резултатите покажуваат дека мерките се искреирани правилно. Во 2019 година обезбеден е рекорден износ на средства во буџетот за економските програми на Владата, за 47% повеќе средства во однос на 2018 година, со кои се поддржуваат странските, но во уште поголем број домашните компании“, нагласи Анѓушев.

Презентација на проекти од Стартапувај во „Јавна соба“, ZPVRSM Kocho Angjushev

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски, кој беше домаќин на настанот, истакна:

„Оваа влада е вистински партнер на младите во земјава. И тоа не со ветувања туку со конкретни мерки кои даваат вистински резултати. ФИТР до сега има вложено околу 2,5 милиони евра во околу стотина стартап компании. Поттикнавме млади луѓе да се охрабрат своите идеи да ги претворат во успешни бизниси. Веќе работиме на креирање нови мерки со кои ќе се олесни основање на компании и пристапот до странски инвеститори. Целта ни е овде да создадеме европски услови и стандарди, со цел да се спречи одливот на мозоци од земјава, и да покажеме дека можеме да извезуваме иновативни продукти и услуги наместо човечки капитал“, рече директорот Деспотовски.

Презентација на проекти од Стартапувај во „Јавна соба“, DFITR Jovan Despotovski

Ученици, родители, професори и експерти активно вклучени во иницијативата за развој на „Фонд на млади умови“ на ФИТР

Анализа на постојните инструменти за поддршка на мотивирани ученици, пропусти во системот, последици од неквалитетните реформи како и проблемите со кои се соочува наставниот кадар и учениците, беа меѓу главните теми на дискусија на четирите фокус групи што се одржаа на 8 и 9 јули во организација на Фонд за иновации и технолошки развој.

Целта на фокус групите беше собирање податоци кои потоа ќе се искористат во креирањето на стратешката програма за поттикнување на креативното размислување, иновативноста и претприемништвото кај младите, наречен „Фонд за млади умови“  на која ФИТР веќе работи повеќе месеци

Во дводневните дискусии беа вклучени претставници на Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, Академијата за науките и уметностите, како и универзитетски професори, членови на стручните служби во училиштата, невладини организации, и засегнати родители и студенти.

Фокус групи фото 2

„Најважно во овој процес во кој сакаме да создадеме програма заснована на потребите на младите, е сите тие инстанци што спроведуваат различни програми да имаат глас, бидејќи нашата цел не е да создадеме нешто ново, туку да надградиме на нешто што веќе функционира. Поради тоа треба да дознаеме кои се програмите засновани на докази што се успешни во земјата, и како да ги надградиме на национално ниво, но и да ги идентификуваме празнините и потребите,“ истакна д-р Ребека Елис, меѓународен експерт и соработник на Фондот и УНИЦЕФ С. Македонија која работи и на изготвувањето на националната програма за поттикнување на креативноста, иновативноста и претприемништвото кај младите и која ги водеше дводневните фокус групи.

Освен стручниот кадар од училиштата и родителите покажаа огромен интерес за креирање на една ваква стратешка програма за поддршка на младите, додека пак средношколците и студентите отворено зборуваа за нивните потреби и интереси, и даваа конкретни предлози за тоа како да се надминат моменталните недостатоци.

Враќање на секциите како воннаставни активности во училиштата, опремени лаборатории и кабинети, дополнителни часови на кои ученците ќе бидат слободни да ја изразат сопствената креативност, но и намалување на административната работа на наставниците, обуки за професорите да препознаваат талентирани деца беа некои од понудените можни решенија и мерки од учесниците.

Одржувањето на фокус групите беше следниот чекор по големата панел дискусија за развој и поддршка на талентирани деца што ФИТР ја организираше во март годинава со цел да се детектираат појдовните точки за креирање системско решение со кое државата во иднина ќе вложува во развивање на талентите и т.н. „меки вештини“ кај младите.

Стратешка програма за поттикнување на креативното размислување, иновативноста и претприемништвото кај младите – „Фонд за млади умови“ на ФИТР, предвидено е да опфати поддршка преку веќе постоечки успешни иницијативи, да понуди нови мерки на поддршка за поттикнување на креативноста, иновативноста и претприемништвото кај младите, како и негување и унапредување на талентите кај децата.

Целта на оваа иницијатива на Фондот е да се креира системско решение со кое државата во иднина ќе вложува во развивање и поддршка на таленти кај младите.