ФИТР со поддршка на проект на македонската компанија Веб фактори

Веб фактори е македонска софтверска компанија која на пазарот веќе постои 10 години. Во соработка и поддршка на #ФИТР, тие го спроведуваат проектот „Пендулибриум“ кој е насочен кон примената на вештачката интелигенција. За овој проект тие имаат оформено посебен нов сектор за имплементација во рамките на компанијата.

„Вештачката интелигенција претставува четвртата индустриска револуција со која ќе се автоматизираат многу процеси во сите сфери. Конкретно, ние целиме кон финансискиот сектор, каде што изработуваме софтвер за управување со финансиски средства. Насочен е кон мали и средни бизниси кои што немаат соодветен тим за финансиски анализи“, објаснуваат од компанијата.

Врз основа на финансиските извештаи, тимот на Веб фактори преку „Пендулибриум“ прави анализа и дава навремена информација за текот на паричните средства.

„На пример, доколку се предвиди дека компанијата има суфицит на финансиски средства, се изработува план за нивна инвестиција и обратно, доколку има дефицит се предлага кредит или други начини за зголемување на ликвидноста на компанијата“, вели претставникот на оваа македонска компанија во видеото.

Од Веб фактори истакнуваат дека Фондот за иновации и технолошки развој преку кофинансирањето на овој проект им помага првенствено во обучување на потребните кадри и поставувањето на хардверската инфраструктура за примена на вештачката интелигенција. Со тоа, и нашата економија ги следи светските трендови на огромни инвестиции во полето на вештачката интелигенција.

Компанијата „Веб фактори“ е една од над 130 домашни компании/конзорциуми поддржани од ФИТР во рамките на првиот јавен повик од Планот за економски раст (ПЕР) на Владата на Република Северна Македонија

Само со првиот и вториот инвестициски бран се реализираат инвестиции во домашниот приватен сектор во износ од 28 милиони евра. Се ангажираат над 780 лица, од кои 158 се нови работни места, со просечна плата од 45.000 денари.

Избран победникот на ФинХакатонот2

Маркетинг стратегијата за наградната игра МојДДВ#МојаНаграда во следните 12 месеци ќе ја реализира маркетинг агенцијата „Меккен“. Таа победи на ФинХакатонот2, што изминативе три дена се одвиваше во Министерството за финансии со цел да се избере најкреативната стратегија за приближување на наградната игра до граѓаните. Осумте тима кои се натпреваруваа со идеи имаа обврска да вклучат по двајца студенти, кои добија шанса да работат со професионалци од етабилирани маркетинг агенции.

-Студентите беа вклучени во изработката на маркетинг стратегијата за да може да видат како работите функционираат во пракса. И Министерство за финансии и Државната лотарија на Македонија сакаме дел од овие студенти, кои беа учесници на ФинХакатон2, да бидат поканети на пракса во двете институции, за реално да гледаат како ќе се одвива целата стратегија на која работеа – рече министерката за финансии Нина Ангеловска по завршувањето на ФинХакатонот2.

Избран победник на вториот ФинХакатон  2

Хакатонот го организираа Министерството за финансии и Фондот за иновации и технолошки развој а во реализацијата на наградната игра МојДДВ#МојаНаграда ќе им се приклучи и Државната лотарија на Македонија. Целта на наградната игра е да биде засилување на успешната мерка „МојДДВ“.

-До 28 ноември има 184.728 корисници на апликацијата „МојДДВ“, скенирани се 39.584.924 фискални сметки а остварен е промет од 19 милијарди 378 милиони денари. Вкупно остварена наплата на ДДВ од 5 и 18 проценти од овој промет изнесува 2 милијарди 98 милиони 709 илјади денари. Вкупно оствареното право на поврат за време на цело време на траење на мерката изнесува 5 милиони 119 илјади евра – рече директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска, укажувајќи на позитивниот ефект на мерката.

Избран победник на вториот ФинХакатон 3

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски верува дека по една година реализација на наградната игра, овие бројки ќе се дуплираат или триплираат.

-Победничкиот тим на ‘Меккен’ во наредните 12 месеци ќе биде ангажиран на реализација на  креативната кампања за што обезбедивме 2.000.000 денари. Она што особено ме радува е што во проектот ќе бидат ангажирани млади луѓе. За сите тимови кои земаа учество во овој хакатон, но и за сите млади со идеи и храброст сакам да го најавам и новиот повик за стартап компании, што ќе го објавиме до крајот на годината. Вкупниот буџет за повикот ќе биде 1,5 милиони евра, а нашата цел е што е можно повеќе млади луѓе да ги искористат овие можности, да останат во С. Македонија и тука да започнат свој бизнис – посочи Деспотовски.

Наградната игра МојДДВ#МојаНаграда е насочена да ги мотивира луѓето да ги скенираат и оние сметки со помали суми на ДДВ, кои претходно не ги скенирале, сметките во кои нема ДДВ како и да ги натера да продолжат да скенираат сметки откако ќе го надминат месечниот праг за поврат на ДДВ. Во дизајнирањето на наградата се земени најдобрите практики од другите земји. Покрај сузбивањето на сивата економија, преку наградната игра ќе се врши и финансиска едукација на граѓаните и подигање на даночниот морал преку едукативни пораки.

Избран победник на вториот ФинХакатон 4

Започна ФинХакатон2: „МојДДВ #МојаНаграда“

Од денеска до недела во Министерството за финансии, во заедничка организација со Фондот за иновации и технолошки развој, осум тима ќе треба да одговорат на предизвикот на ФинХакатон2:МојДДВ#МојаНаграда – да креираат иновативна маркетинг стратегија за #МојаНаграда.

Како што истакна министерката за финансии Нина Ангеловска презентирајќи го предизвикот пред тимовите, целта на #МојаНаграда е преку иновативни решенија да се влијае на граѓаните да земаат фискални сметки и со тоа да се намали сивата економија.

– Пет месеци е во функција мобилната апликација МојДДВ и таа ги дава резултатите. Наплатата на ДДВ е зголемена, има 180.000 граѓани кои активно скенираат околу 8 милиони фискални сметки месечно, или на дневно ниво 230-250.000 сметки. Со наградната игра одиме чекор понапред, да го зголемиме бројот на корисници, како и на скенираните сметки – рече Ангеловска.

Таа посочи дека Европската комисија ги објавила најдобрите примери на земји кои се избориле со сивата економија преку наградни игри, и дека ваквата пракса почнува од 1960 во Тајван, каде направиле лотарија со сметки, по чие спроведување наплатата на данокот се зголемила за 30 отсто.

Ангеловска на презентацијата рече дека наградната игра ќе започне во декември, како и дека ќе има мал редизајн на мобилната апликација МојДДВ каде ќе бидат вклучени месечните, тримесечните и дневните извештаи на скенирани сметки. Ќе има и форма за пријавување на нерегуларности, односно ќе има копче преку кое ќе може веднаш да се пријави нерегуларноста ако не се добие фискална.

И Ангеловска и директорот на ФИТР Јован Деспотовски истакнаа дека ФинХакатонот е одлична можност за младите да се афирмираат и да се развие кај нив претприемничкиот дух.

– Ме радува што нашата заедничка иницијатива со Министерството за финансии за ФинХакатон2 ги охрабри во најголем број студентите по маркетинг, графички дизајн и сродните науки. Од вкупно пријавени 8 тимови, имаме дури пет од академијата Бреинстер како и од три маркетинг агенции кои во своите тимови вклучија по тројца студенти. Ова е уште еден мотив да продолжиме со Владата да нудиме различни решенија и проекти. Со ова им покажуваме на младите но и на бизнис секторот дека го вреднуваме нивниот талент и работиме континуирано младите креативноста да ја споделат дома бидејќи имаат реална шанса да дојдат до работен ангажман – рече Деспотовски.

„ФинХакатон2“:МојДДВ,#МојаНаграда е наменет за маркетинг агенции и други домашни компании регистрирани согласно законот за трговски друштва, кои може да понудат иновативна маркетинг стратегија. Со цел поддршка на младите, заинтересирани компаниите во својот тим мораа да вклучат и студенти со запишани студии од областа на економија, право, организациски студии, дизајн, односи со јавност или сродни студии.

Од хакатонот треба да произлезе иновативна маркетинг стратегија за следните 12 месеци за брендирање, предлог концепт, дизајн, креатива, видео концепт, предлог за извлекувањата и прогласување на победниците за наградната игра “МојДДВ, #МојаНаграда”. Буџетот за имплементирање на стратегијата за победничкиот тим ќе изнесува 2 милиони денари.

ФИТР презентира иницијатива за вклучување на академската заедница во економскиот развој

Фондот за иновации и технолошки развој започнува со нова иницијатива за подршка и зајакнување на соработката меѓу академската заедница и индустријата. На Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип денеска се одржа првата од серијата консултативни дебати со претставници на академската фела и компаниите кои треба да бидат директни корисници на новиот инструмент. 

Целта на новите таканаречени “иновациски ваучери“ е да се поттикне соработката помеѓу претпријатијата и академските и научно-истражувачките установи во насока на спроведување иновациски активности, со што компаниите ќе ја зголемат својата конкурентност. Развојот на нови производи, процеси и услуги е во директна релација со процесот на иновација, а иновациските ваучери треба да овозможат директен финансиски поттик кој претпријатијата би го искористиле да покријат дел од трошоците за услугите кои ги нудат академските и научно-истажувачките институции.

Ректорот на Универзитетот “Гоце Делчев“ во Штип, проф. д-р Блажо Боев, ја поздрави иницијативата на Фондот.

7D_19919

“Ова ќе биде исклучително важна мерка со која ќе се олесни трансферот на знаење во стопанството и поактивно ќе се искористи потенцијалот на академската фела. Ние можеме да понудиме знање, а приватниот сектор сака професионалци кои ќе им донесат резултати, “ нагласи деканот Боев.

Директорот на ФИТР Јован Деспотовски појасни дека идејата за овој инструмент произлегува од барањата на академската заедница.

Презентациски ваучери на ФИТР во Штип на Универзитет „Гоце Делчев“

“Нашиот предлог концепт е она што сега го обезебедуваме како поддршка за домашните компаните, да го дополниме со нов инструмент со кој ќе се овозможи и формално вклучување на академската фела во креирањето на економскиот раст. Ова е еден таков механизам којшто постои во светот и којшто овозможува професорите, од кои и сега се дел вклучени во различни проекти кои ги реализираат компаниите финансирани од ФИТР, овој тип на ангажман да го формализираме и истиот да се реализира преку Универзитетот.“

Деспотовски најави дека иницијалниот буџет за овој инструмент е 15.000.000 денари, додека износот на одделен ваучер може да изнесува највеќе 500.000 (петстотини илјади) денари. Иновациските ваучери можат да ги користат сите микро, мали и средни домашни компании за ангажирање односно користење на услуги од универзитетите и научно истражувачките установи од јавен карактер. Со ваучерот ќе се покрие до 80% (осумдесет проценти) од вкупните трошоци за услугата, додека останатиот дел ќе биде сопствено учество на компаниите.

7D_10001

Инаку во наредниот период ќе следат вакви консултативни дебати и во другите универзитетски центри. Целта е да се слушнат аргументите и предлозите на оние кои би биле директни корисници на овој нов инструмент. Предлозите и мислењата од академската и бизнис заедницата ќе бидат интегрирани во финалната верзија на предлог инструментот, што ќе и биде доставен до Владата на согласност. Се очекува целиот процес да се заокружи до крајот на годинава, по што новиот јавен повик за Иновациски ваучери би се објавил на почетокот од 2020 година.

 

ФИТР: 22 проекти од млади претприемачи со потенцијал за брз пораст добија финансиска поддршка преку Програмата за самовработување

Дваесетидва проекти од млади претприемачи со потенцијал за брз пораст веќе започнаа со реализација преку Програмата за самовработување за 2019г, што ја реализира Агенцијата за вработување, во соработка со УНДП и Фондот за иновации и технолошки развој.

Овие проекти се дел од новата ИН-група што е воведена како новина во Програмата, чија цел е проектите со иновативна компонента да добијат соодветна менторска поддршка и да го искористат целосниот потенцијал за брз пораст и висока додадена вредност. ИН-групата е надополнување на веќе постојните програми на Фондот за поддршка на старт-ап бизнис, и тоа во рана фаза на формирање на компанија и развој на бизнис план, што досега беше посочувано како крупна пречка за младите луѓе за аплицирање.

На денешниот настан своите проекти ги презентираа двајца млади претприемачи. Зборувајќи како дошла до својата идеја, Ирена Лозана, креаторот на проектот за хигиенските влошки за повеќекратна употреба, истакна дека таа веќе работи според моделот на социјално претприемништво, според кој планира 7% од заработката на нејзините производи да ги донира во загрозени семејства и лица.
IMG_0252„Потребно е да се зголеми свеста кај секоја жена, не само кај жените од руралните региони кои се можеби најголемата група нови корисници на хигиенски влошки за повеќекратна употреба. Влошките се сериозен дел од глобалното загадување, а со овие иновативни производи, веруваме дека секоја жена ќе даде свој придонес во намалувањето на овој проблем. Покрај финансиски средства, потребна ни е помош во делот на маркетинг, промоција и продожба, и верувам дека ќе го добиеме тоа од Фондот“, истакна Лозана.

На настанот се обрати министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, која истакна дека овој механизам претставува вистински чекор напред во поглед на остварување на правото на самовработување и искажа голема благодарност за успешна соработка помеѓу ресорното министерство, УНДП, Агенцијата за вработување и ФИТР.
IMG_0318„Како дел од МТСП мора да ја истакнам одличната соработка со ФИТР и нивната брилијантана идеја стартапите да станат одржливи преку Опративниот план. Мерките од ОП ги прилагодуваме според потребите на компаниите и пазарот на труд. Лани годината ја започнавме со 1,1 милијарди денари наменети за ОП а ја завршивме со 1,3 милијарди денари, што е за три пати повеќе од 2016 година. Идната година ја стартуваме со оваа сума со можност истата да се зголемува во согласност со интересот и реализацијата,“ посочи Царовска.

Директорот на ФИТР Јован Деспотовски им честита на храброста на присутните млади претприемачи за донесената одлука да започнат свој бизнис.

IMG_0327„Државата, институциите вложуваат, даваат поддршка за младите во Република Северна Македонија. Поддршка за развој на сопствена идеја, бизнис, што ќе креира брз раст и додадена вредност за целото општество. Овие 22 нови компании ќе се придружат на над 100 старт-апи кои веќе реализираат свои проекти во рамки на програмите на Фондот во изминатите 24 месеци. Ќе добијат целосна менторска поддршка од наша страна. Очекувам овој број значително да се зголеми и со новиот повик, што Фондот ќе го објави до крајот на годината, а ќе биде повторно наменет, пред се, за младите луѓе во нашата земја“.

Директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска посочи дека до сега годинава постои огромен интерес за програмата за Самовработување, а радува и фактот што дел од тие апликанти размислуваат во насока на воведување иновации.
IMG_0278„Со програмата за Самовработување, оваа година беа поддржани повеќе од 1400 лица кои основаа сопствени бизниси, од кои 430 беа млади лица на возраст до 29 години. Во рамките на оваа програма, беше издвоена посебна група на апликанти, т.н. ИН група, кај кои се препозна потенцијал за основање иновативни, односно брзорастечки бизниси. Фондот за иновации и технолошки развој обезбеди ментори/советници кои им помогнаа на овие апликанти да изработат бизнис планови кои понатаму беа избрани за корисници на програмата. Притоа, беа основани 22 нови бизниси, кои понатаму имаат можност да добијат поддршка и преку јавните повици на ФИТР.“

Нарине Сахакиан, постојана претставничка на програмата за развој на Обединети Нации, ја истакна важната улога на оваа мерка за целокупното македонско општество, и ја потврди заложбата на нејзината организација во иднина посветено да работи, заедно со владините тела, на креирање нови работни места и пилотирање нови иновативни пристапи со цел изнаоѓање конктретни и ефикасни решенија.
IMG_0293„Програмата за развој на Обединетите нации, заедно со националните партнери, преку програмата Самовработување ги поддржуваат претприемачите започнувајќи од нивните бизнис идеи, до формирањето на бизнисот, па се до понатамошната поддршка за бизнис развој и проширување на нивните сервиси и услуги. Ние, во УНДП, сме посебно горди на компаниите формирани преку програмата за Самовработување, а посебно внимание обрнуваме на иновативните бизнис идеи бидејќи сметаме дека се моторот на промени и двигателот до економскиот прогрес кој ќе влијае на корисниците, но и на економијата во целина. Навистина, овие иновативните бизниси се клучен партнер во обезбедување на одржлив развој во земјата“.

Преку Оперативниот план за 2019 година апликантите можат да добијат до 5.000 евра, или ако се двајца содржници до 10.000 евра. За програмата за самовработување, Владата одвои рекордни скоро 8 милиони евра како поддршка на значително висок број претприемачи од првично предвидените средства. На ниво на цела држава за годинава предвидено е потпишување на вкупно 1.484 договори за самовработување. Од нив вкупно 557 лица, односно 38% се млади лица, до 29 години, а 518, односно 35% се жени. Во последните неколку години околу 15 % од вкупно регистрираните приватни бизниси во државата потпаѓаат под програмата самовработување.

Млади истражувачи поддржани од ФИТР изработија беспилотно летало со примена во земјоделие и шумарство

Резултатите од проектот за изработка на дрон со голема носивост за прскање тешкодостапни и инфицирани шуми на тимот ученици од скопската гимназија „Георги Димитров“ и проектот на  компанијата „Талент бизнис инкубатор Степ-ап“, со иновативниот проект поддржан од Фондот за „Употреба на дронови за инспекција и надзор на далноводи и дистрибутивната мрежа на струја“ беа претставени пред учениците.

Презентацијата е во рамките на проектот „#ПетокЗаМлади @ФИТР“, во склоп на која беше промовирана и новата иницијатива на Фондот за иновации и технолошки развој за поврзување и соработка на учениците од основните и средни училишта кои ги поддржува Фондот со домашните компании.

 

„Целта ни е да ве научиме да размислувате критички и креативно и да сфатите дека преку ваков тип на ангажман можете реално да заработувате во иднина, преку поддршката што ја дава Фондот. Ние финансираме многу проекти зад кои стојат млади луѓе. Во моментов тоа се 54 училишта и околу стотина стартап компании. Целта на оваа иницијатива за поврзување на проекти поврзани на слични теми од ученици и компании кои ги поддржуваме е да научите нешто повеќе и како да ги развивате и унапредите своите проекти понатаму. Ве охрабрувам да учите од нивните примери и да креирате свои проекти и идеи кои понатаму ќе може да се комерцијализираат“, изјави директорот на ФИТР,“ Јован Деспотовски.

Проектот „Изработка на дрон за прскање на тешкодостапни инфицирани шуми“ е дел од „Предизвик за млади истражувачи 1“, поддржан од ФИТР, а на него работеа тим ученици, предводен од Марко Лазетиќ и менторката Гордана Николовска, од скопската гимназија „Георги Димитров“. Во својата презентација, учениците го споделија искуството од работењето на овој проект, како и вештините што ги стекнале со ваков тип на проект, како тимска работа,  способности за усна презентација и практично учење.

„Идејата со овој проект беше да се овозможи прскање и заштита на тешко достапни шуми. Овој метод е многу поефикасен од стандардното прскање со авиони бидејќи во овој случај со хемикалии се зафаќаат и здрави делови од шумата, а дронот дозволува прскање на одредени дрвја кои се заболени без да се оштетуваат здравите,“ вели Марко додавајќи дека „дронот може да се употребува и на земјоделски површини бидејќи неговото користење е многу поефикасно  и побрзо од традиционалното прскање со што се штеди време и средства.“

Покрај средношколскиот проект, на настанот се претстави и домашната компанија „Талент бизнис инкубатор Степ-ап“, со иновативниот проект кој е поддржан од Фондот – „Употреба на дронови за инспекција и надзор на далноводи и дистрибутивната мрежа на струја“.

Дрон на тимот средношколци од  „Георги Димитров“ 2

„Со поддршката на ФИТР, нашата компанија започна со употреба на беспилотните возила и имплементација на проектот. Нашата цел е да им помогнеме на компаниите што се занимаваат со производство, пренос и дистрибуција на електрична енергија, да обезбедат сигурно и безбедно снабдување со струја до крајните корисници, и да ги подобрат процесите за одржување со употребата на побрз, поквалитетен и посигурен надзор на надземните водови,“ истакна Дарко Петровски, претставник на Степ Ап.

Инаку Фондот во рамки на програмата „Предизвик за млади истражувачи“ во моментов поддржува 54 високо квалитетни проекти од средни и основни училишта од целата земја во кои се вклучени стотици ученици и професори, а кои работат на свои пронајдоци базирани на сериозно применети научни методи.

Во тек е и реализација на иницијатива за креирање на т.н. „Фонд за млади умови“, во која се вклучуваат и УНИЦЕФ и УСАИД, што претставува сеопфатна програма за одржлива поддршка на талентирани ученици,  и поттикнување на иновативноста и претприемништвото кај младите.

ФИТР во изминативе 18 месеци има вложено над 16 милиони денари за поддршка за младите, а голем број ученици и студенти, добија можност и поддршка од Фондот за претставување на својата идеја и знаење на меѓународни натпревари од каде голем број се вратија со освоени медали.

Дрон на тимот средношколци од  „Георги Димитров“ 3

ФИТР: Со ребаланс на буџетот повеќе од двојно зголемен бројот на поддржани компании од повикот за комерцијализација на иновации

По досега рекордно големиот интерес на компаниите за финансирање преку програмата за комерцијализација на иновации на ФИТР, и бројот на квалитетни инвестициски предлог-проекти, Фондот во септември достави иницијатива за проширување на буџетот до Владата на Република Северна Македонија што резултираше со одобрување на дополнителни 7,5 милиони евра на првичните 5 милиони евра, односно вкупен буџет од 12,500.000 евра.

Со зголемувањето на буџетот за ко-финансирање бројката од 30 првично одобрени проекти во првиот бран од страна на Комитетот за одобрување на инвестиции (КОИ), во моментов ја достигна бројката од 62 компании, односно 90% од искористеност на предвидениот буџет во вториот бран.

Во тек е разгледување и на аргументите што дел од компаниите ги доставија до Комитетот, а се однесуваат на добиените забелешки и коментари кон проектните апликации. Со завршување на овој процес, се очекува уште 10 – 15 компании истотака да добијат можност за ко-финансирање на проектните апликации, со што буџетот на јавниот повик ќе се искористи 100%.

Компаниите кои добија позитивен одговор од КОИ во првиот и вториот бран, преку реализирање на проектите предвидуваат инвестиции од вкупно 16,880,141.64 евра од кои сопствено учество од вкупно 5,646,601.35 евра. На поддржаните проекти ќе бидат ангажирани вкупно 769 лица од кои 360 нововработени со просечна плата од 698, 60 евра по вработен.

Во вториот бран 75% од компаниите се нови корисници, додека 16% се компани кои биле одбиени на претходни повици на ФИТР, а сега повторно аплицирале со подобрени проекти.

Дека иновациите земаат се поголема примена во голем број индустрии говорат и податоците за поддржаните проекти од кои најголемиот дел доаѓа од ИТ секторот, образование, електроника и електротехника, технолошка индустрија, текстилна и кожна индустрија, машинство, земјоделство, енергија и извори на енергија, здравство, градежништво и екологија.

Јавниот повик за комерцијализација на иновации заврши на 15 мај 2019г. Аплицираа вкупно 487 компани кои побаруваа 70 милиони евра. Во фазата на финална евалуација влегоа 366 апликации, што го поминаа процесот на административна проверка и претселекција спроведен од 97 домашни стручни лица. Конечната одлука за одобрување на проектите ја носи Комитетот за одлучување на инвестиции кој го сочинуваат 5 странски експерти, именувани од Владата по пат на меѓународен конкурс. Оценувањето на проектите се врши врз основа на 5 критериуми: степен на иновативност, квалитет на апликација, капацитет на проектен тим, проценка на пазар и влијание.

Добра вест за сите компании кои веќе учествувале на овој како и на другите јавни повици на ФИТР е одобрувањето на таканаречената „fast track“ скратена постапка за аплицирање, за којашто Фондот достави иницијатива до Владата на почетокот на октомври годинава. Имено, отсега компаниите кои ги поминале фазите на административна проверка и претселекција и добиле соодветни забелешки и препораки од Комитетот за одобрување на инвестиции на Фондот во последна фаза, ќе може да достават подобрен проект на следен јавен повик користејќи ја скратената процедура. Ова право се однесува за сите јавни повици на Фондот објавени во период од 12 месеци од добиеното известување на компанијата од Комитетот на претходен јавен повик.

Со скратената постапка се намалуваат трошоците за компаниите, но и на Фондот и значително се намалува времето од аплицирање до одлука на Комитетот за одобрување на инвестиции. Во практика, од досега потребните 60 – 90 денови (зависно од број на пристигнати апликации) постапката за компаниите што ре-аплицираат со ист или подобрен проект би траела двојно помалку.

До крајот на годинава ќе бидат објавени два нови повици, односно за инструментот „Ко-финансирани грантови за технолошки развој “ со вкупен буџет од 6.000.000 евра, и нов повик за новоосновани трговски друштва „старт-ап“ и „спин-оф“ со вкупен буџет од 1.500. 000 евра.

Презентација од резултатите од повикот за инструментот: „Ко-финансирани грантови за комерцијализација на иновации“ е достапна на следниот линк:

http://www.fitr.mk/wp-content/uploads/2019/11/Komercijalizacija-na-inovacii-prezentacija-prv-i-vtor-bran-converted.pdf

МФ и ФИТР организираат ФинХакатон за „Мој ДДВ, #МојаНаграда“

Министерството за финансии и Фондот за иновации и технолошки развој од 29 ноември до 1 декември ќе организира ФинХакатон2 чија цел е изготвување на иновативна маркетинг стратегија за новата наградна игра “МојДДВ, #МојаНаграда”.

„ФинХакатон 2“:МојДДВ,#МојаНаграда е наменет за маркетинг агенции и други домашни компании регистрирани согласно законот за трговски друштва, кои може да понудат иновативна маркетинг стратегија. Со цел поддршка на младите, заинтересирани компаниите во својот тим ќе биде потребно да вклучат и студенти со најмалку запишани студии од областа на економија, право, организациски студии, дизајн, односи со јавност или сродни студии.

Пријавувањето е до една минута до полноќ на 27-ми ноември, а натпреварувачите за три дена ќе треба да направат иновативна маркетинг стратегија за новата наградна игра.

Најава на повик „Фин Хакатон 2“ 2

Од хакатонот треба да произлезе иновативна маркетинг стратегија за следните 12 месеци за брендирање, предлог концепт, дизајн, креатива, видео концепт, предлог за извлекувањата и прогласување на победниците за наградната игра “МојДДВ, #МојаНаграда”. Буџетот за имплементирање на стратегијата за победничкиот тим ќе изнесува 2 милиони денари.

На инфо сесијата која се одржа денеска со претставници од маркетинг коморите, а на која присуствуваа и министерката за финансии Нина Ангеловска и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски беше презентиран јавниот повик за пријавување.

Министерката за финансии Нина Ангеловска рече дека мерката МојДДВ ги исполнува целите за кои била дизајнирана, односно намалување на сивата економија и зголемување на свеста на граѓаните да бараат фискална сметка. Со цел да се прошири опсегот уште повеќе, од средината на декември ќе започне МојДДВ #МојаНаграда, чиј награден фонд ќе биде половина милион евра и ќе се доделуваат парични награди на дневна, месечна основа, како и две главни премии, најави Ангеловска.

Најава на повик „Фин Хакатон 2“ 3

– Покрај повратот, кој ќе го остваруваат граѓаните со скенирање на фискалните сметки, тие ќе може да станат и добитници на парична награда. Со ова граѓаните ќе имаат уште поголем мотив да влијаат и на адресирањето на сивата економија, односно секоја скенирана фискална сметка потенцијално е добитна. Зборуваме за една вин-вин наградна игра, бидејќи сите добиваме – единствено кога губи сивата економија – рече министерката за финансии Ангеловска.

Директорот на Фондот за иновации Деспотовски рече дека ваквите настани се шанса за младите и иновативни луѓе да бидат вклучени во креирање и спроведување политики и проекти на државни институции.

– Концептот на Хакатон подразбира дека можеме да бидеме пофлексибилни и да вклучиме и млади креативни луѓе да учествуваат во креирањето на предлог решенија чија цел се отворени и транспарентни институции. Ова е исто така пример за конкретна примена на иновации во јавен сектор со кој граѓаните ќе добијат поефикасна и поквалитетна услуга. ФИТР веќе поддржува многу проекти кои предвидуваат креативноста и флексибилноста на приватниот сектор да може да се примени и во јавниот сектор. Очекувам дека ќе добиеме навистина добри решенија кои ќе бидат спроведени во партнерство меѓу етаблирани домашни компании и студенти – изјави Деспотовски.

Најава на повик „Фин Хакатон 2“ 4

Тоj ги повика и останатите државни институции да креираат ваков тип на иницијативи како Министерството за финансии и Министерството за транспорт и врски, во кои би се вклучиле млади луѓе.

Сите детали за ФинХакатон2: “МојДДВ,#МојаНаграда”, како и формата за пријавување може да се најдат на веб-страните на Министерството за финансии и Фондот за иновации и технолошки развој.

ЛИНК до јавниот повик: https://finance.gov.mk/hackathon2/procitajpoveke.html

ПРЕЗЕНТАЦИЈА НА ЈАВНИОТ ПОВИК

Фин Хакатон презентација slide 2

 

Фин Хакатон презентација slide 3

 

Фин Хакатон презентација slide 4

 

Фин Хакатон презентација slide 5

 

Фин Хакатон презентација slide 6

 

Фин Хакатон презентација slide 7