Премиерот Заев и министерката Царовска на донаторска конференција на 50-те најголеми компании за храна: Мрежата „Сите сити“ и проектот „Оброк за сите“ се иновативни решенија за распределба на вишокот храна за оние на кои им е најпотребна

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, придружен од министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски, денеска учествуваше на „Донаторска конференција на 50-те најголеми компании за храна“, организирана од страна на граѓанската организација „Ајде Македонија“.

Во своето обраќање премиерот Зоран Заев рече дека системот „Сите сити“ кој се промовираше на конференцијата, е добар пример како може да работат заедно граѓанскиот сектор, бизнис секторот и Владата за подобрување на состојбата на сите граѓани и упати јавна покана, во функционирањето на системот да се вклучат и други субјекти, со цел да се зголеми неговиот капацитет и да се опслужат што повеќе граѓани на кои им е потребна храна.

2

„Денешната донаторска конференција е показател дека секој од нас може да се вклучи и да направи нешто, за да помогне. Социјалната правда е основата на секое здраво и напредно општество, а солидарноста е одлика на нашиот концепт „Едно општество за сите“, каде елементарниот приоритет е граѓанинот, неговите права и еднакви можности, без поделби и исклучоци“, рече премиерот Заев.

Покрај целосната поддршка на Владата, за мрежата на 31 граѓански организации „Сите сити“ дадоа поддршка и Министерството за труд и социјална политика заедно со Фондот за иновации и технолошки развој, преку пилотирање на потенцијални модели и Програма, којашто ќе даде системска одржливост во напорите за помош на социјално ранливата категорија граѓани.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска се заблагодари на сите компании коишто даваат поддршка на оваа иницијатива, но и сите граѓански организации и институции, посебно на ФИТР за обезбедување на два милиони денари и препознавање на вредноста да се инвестира во систем, којшто ќе ги најаде сите граѓани кои во моментот се гладни.

IMG_1775

„Денеска, во светот има 800 милиони луѓе коишто се гладни и секое четврто дете е со заостанат развој само поради тоа што има недостаток на храна, а притоа сите истражувања покажуваат дека немаме недостаток на храна, туку вишок. Во нашата земја имаме 12 тони вишок на храна, со која може да нахраниме 26.000 наши сограѓани, и тоа ни кажува дека сите тие коишто денеска на некој начин се во системот на социјална заштита и примаат одреден додаток, ќе може да им го надополниме нивното мени и да добијат соодветен оброк“, рече министерката Царовска и додаде дека се очекува до крајот на 2020 година, со ова системско решение за собирање и дистрибуција на безбедна и здрава храна од компаниите, да има понајадени деца и семејства, а тоа значи попродуктивни и посреќни граѓани коишто ќе можат да вложат во економијата на државата.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски истакна големо задоволство што по само една година од првичната иницијатива, денеска веќе има конкретни резултати во реализацијата на иновативното решение за обезбедување на оброк за сите.

IMG_1830

„Проектот „Оброк за сите“ е дел од нашите политики за повторно враќање на солидарноста, како вредност во општеството што беше занемарено години наназад, и со кој целиме кон значително зголемување на процентот на задоволување на потребите за храна кај оние наши сограѓани кои имаат потреба од ваква поддршка. Таа цел може да се оствари со подобра организација и искористување на постојните ресурси што државата и компаниите ги имаат на располагање. Вистински наш партнер во овој проект се НВО секторот и компаниите“, рече во своето обраќање директорот на ФИТР, Деспотовски и додаде дека соработка ќе се проширува и на други проекти во делот на социјалните и иновациите во јавниот сектор.

34 училишта наградени на „Предизвик за млади истражувачи 2“ на ФИТР

Триесет и четири проекти на основни и средни училишта од земјава се наградени на „Предизвик за млади истражувачи 2“ кој Фондот за иновации и технолошки развој го организира во соработка со Министерството за образование и наука.

На финалниот настан кој денеска се оддржа во градскиот парк во Скопје, директорот на ФИТР, Јован Деспотовски порача:

„Навистина охрабрува и огромниот интерес и денешното присуство на основци и средношколци од буквално целата земја. Сите што учествуваа на предизвикот се победници затоа што се одважија своите иновативни идеи да ги претворат во одлични проекти и да го предизвикаат Фондот да обезбеди поголема поддршка. ФИТР одговори на тој предизвик, и наместо предвидените 2.5 милиони денари, денеска доделуваме 6 милиони денари. Секој денар вложен во овие млади луѓе верувам дека повеќекратно ќе се врати во нашето општество.“

Деспотовски најави и дека ваков предизвик ќе биде организиран и следната година.

Предизвик за млади истражувачи 2 во Градски парк 2

Со свои мотивациски говори, кои имаа за цел да ги охрабратат младите луѓе, на настанот се обратија и Изабела Пан, Марко Лазетиќ од скопската гимназија „Ѓорѓи Димитров“ (минатогодишен добитник на награда во рамки на Предизвикот) и Бодан Велковски од компанијата Смартек системи – компанија корисник на средства од ФИТР.

Комисијата за избор и оценување одлучи да им додели финансиска поддршка на проектите од дваесет основни и четиринаесет средни училишта од целата држава. Проектите се од различни области меѓу кои астрономија, земјоделие, екологија, машинство и ИТ.

Покрај финансиската поддршка за тимовите, дополнителни 30.000 денари се предвидени за наставниците кои ги менторираат проектите – средства наменети за обуки, семинари, конференции кои што би придонеле кон поуспешна реализација на проектот.

Предизвик за млади истражувачи 2 во Градски парк 3

Комисијата за избор и одлучување беше во состав: Нуран Кадриу Џамбази – претставник од Сектор средно образование при МОН, Верица Златанска Пауновска – претставник од Сектор основно образование при МОН, М-р Валентина Гоцевска и М-р Владо Стојанов – претставници од Бирото за развој на образование, Олга Самарџиќ Јанкова, претставник на Здружение за унапредување на обазованието КОНЕДУ ГЛОБАЛ од Скопје, Ема Зафирова, и Катарина Кречева и Неда Икономова Гавриловска од ФИТР.

Во рамките на „Предизвик за млади истражувачи 2“ се пријавија 88 основни и средни училишта. Предизвикот беше отворен од 01 февруари до 31 март 2019 година со цел поттикнување на критичко и креативно размислување кај младите во нивниот развој и стимулирање на иновативни идеи и акции во процесот на образование во основните и средните училишта во Северна Македонија.

Предизвик за млади истражувачи 2 во Градски парк 4

ФИТР: Во Охрид отворен Иновативен Хаб и објавен Инструмент за поддршка на компании од југозападниот регион

Фонд за иновации и технолошки развој денеска во Охрид отвори Иновативен хаб во рамките на Факултетот за туризам и угостителство и објави Јавен повик за финансирање на проекти за новоосновани трговски друшта „старт-ап“ и „спин-оф“, од југозападниот регион.

На отворањето на Хабот говореа директорот на ФИТР, г.Јован Деспотовски и ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола, Проф. д-р Сашо Коруновски.

Деспотовски нагласи дека оваа програма има за цел да придонесе кон рамномерен регионален развој и за поддршка на младите од регионот.

„Целта ни е да ги приближиме програмите на ФИТР до младите од југозападниот регион и да ги поттикнеме да развиваат иновативни идеи кои ќе ги преточат во сопствен бизнис. Ова е дел од нашите сеопфатни напори да влијаеме врз негативниот тренд одливот на мозоци и да ги задржиме младите дома. Исто така со ваквите програми сакаме да ги децентрализираме програмите на ФИТР и да придонесеме кон рамномерен регионален развој. Ова е пилот проект кој е финансиран од ЕУ“, рече Деспотовски, нагласувајќи ја важноста од ваквата поддршка од Унијата. Тој додаде и дека очекува голем интерес на повикот и многу квалитетни проекти.

Innovation_Hub_Ohrid_07-06-2019_3

Ректорот Проф Д-р Коруновски нагласи дека ваквите проекти се важни и придонесуваат кон развој на прекуграничната соработка и размена на идеи и знаења.

“Овој простор е отворен за секој кој има добра идеа, а ние сме тука за да помогнеме во нивната реализација. Ова место треба да стане собиралиште на младите кои тука ќе ги развиваат своите идеи. Вложувањето во иновации и знаење е клучно за напредокот на една земја,“ нагласи Коруновски.

Инструментот е наменет за новоосновани трговски друштва „старт-ап“ и „спин-оф“, како и микро и мали претпријатија од Југозападниот регион кој ги вклучува следниве општини: Центар Жупа, Дебар, Дебарца, Кичево, Македонски брод, Охрид, Пласница, Струга и Вевчани. Компаниите кои ќе аплицираат, меѓу другото треба да се основани во согласност со Законот за трговски друштва и регистрирани во Централниот регистар на РСМ, да не се постари од три години и да се во мнозинска македонска сопственост.

Innovation_Hub_Ohrid_07-06-2019_2

Инаку инструментот има за цел да ја поттикне иновациската култура преку финансиска поддршка за активности на истражување и развој на нов или подобрен производ, процес, услуга како и да поттикне комерцијализација на резултатите од истражувања настанати во високообразовните, односно научноистражувачките установи.
Вкупниот фонд е 2.066.000,00 (два милиони шеесет и шест илјади денари), а максимален износ на грант по апликант е 413.122,00 (четиристотини тринаесет илјади сто дваесет и два денари). Износот целосно ќе биде покриен од страна на ФИТР во рамки на Проектот „Иновативен еко-систем во областа на прекуграничната соработка“. Проектите може да траат најмногу до три месеци.

Апликациите може да бидат поднесени најдоцна до 23.07.2019 до 23:59 часот, по електронски пат на www.fitr.mk/innov8. На наведениот линк се достапни сите информации во врска со повикот.

Овие активности се дел од проектот „Иновативен еко-систем во областа на прекуграничната соработка“, финансиран од Европската Комисија, застапувана од Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија кој покрај ФИТР, се спроведува во соработка со Национален центар за развој на иновации и претприемачко учење (НЦРИПУ), EuroPartners Development и National Agency of Scientific Research and Innovation (ARTI).

ФИТР: 63 училишта во финалето на „Предизвик за млади истражувачи 2“

Шеесет и три основни и средни училишта влегоа во финалето на „Предизвик за млади истражувачи 2“ на Фондот за иновации и технолошки развој кое се спроведува во соработка со Министерството за образование и наука. Тимовите на учениците од 38 основни и 25 средни училишта два дена јавно ги презентираат своите проекти пред комисијата составена од претставници на МОН, Бирото за развој на образование, ФИТР, универзитетски професори и партнерски организации.

Катарина Кречева, раководител на одделение за креирање програми во ФИТР ги поздрави учесниците им порача:
“Финансирајќи вакви проекти имаме прилика да инвестираме во вас и да ве поттикнеме да истражувате и да дојдете до нови сознанија. Верувам дека овде со нас се идните претприемачи кои ќе придонесат за развој на оваа земја, “
Кречева нагласи дека се пристигнати квалитетни предлог проекти од разни краеви на земјата и комисијата ќе има тешка задача да ги избере најдобрите.

Расположливиот фонд за овој предизвик изнесува 2.500.000 денари. За најуспешните истражувачи се предвидени награди во две категории: Научно-истражувачки проекти во основното образование и Научно-истражувачки проекти во средното образование. Еден предлог проект може да биде награден до 300.000 денари. Исто така се предвидени награди од дополнителни 30.000 денари за наставниците ментори наменети за обуки, семинари, конференции кои што би придонеле кон поуспешна реализација на проектот.

Инаку во рамки на „Предизвик за млади истражувачи 2“ се пријавија 88 основни и средни училишта од цела Северна Македонија. Предизвикот беше отворен од 01 февруари до 31 март 2019 година со цел поттикнување на критичко и креативно размислување кај младите во нивниот развој и стимулирање на иновативни идеи и акции во процесот на образование во основните и средните училишта во Северна Македонија. Предизвикот е дел од Националната програма за поттикнување и развој на таленти на ФИТР.

Најдобрите основни средни училишта, добитници на награди на јавниот повик „Предизвик за млади истражувачи 2“ ќе бидат објавени на 9 јуни, на голем настан во Градскиот парк во Скопје.

478 апликации, вкупни инвестиции од 105 милиони евра – Презентирани првичните податоци од јавниот повик за грантови за комерцијализација на иновации на ФИТР

Заменикот на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски денес, на прес конференција, ги презентираа првичните податоци во врска со доставените апликации од страна на компаниите на завршениот втор јавен повик за ко-финансирани грантови за комерцијализација на иновации, кои се однесуваат на мерките од третиот столб на Планот за економски раст (ПЕР), за поддршка на микро, мали и средни компании.

Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека интересот на компаниите на вториот јавен повик е навистина голем, значително повисок во однос на повикот во 2018 година, со што се покажува дека микро, малите и средни компании ги препознаваат мерките како исклучителна можност за нивниот развој. Како споредба, вицепремиерот кажа дека во 2018 година, апликации беа доставени од 244 компании, а биле потпишани договори со 133 компании, додека на вториот јавен повик се имаат пријавено 487 апликации, што е двојно повеќе од лани.

Презентација ПЕР 2019 година 2

“Поддршката на микро, малите и средни компании е, и ќе продолжи да биде еден од столбовите за економски развој на нашата држава. Со овие мерки, силно се поддржува индустријата, која покрај градежништвото, земјоделството и трговијата, е еден од главните генератори на бруто домашниот производ. Преку доставените апликации, утврдивме дека се планирани вкупни инвестиции во висина од 105 милиони евра, а компаниите во своите барања побаруваат 70 милиони евра, додека 35 милиони евра се сопствени средства на компаниите“, нагласи Анѓушев.

Вицепремиерот посочи  дека за поддршка на ММСП, во 2019 година, во буџетот се планирани околу 10,5 милиони евра, а додаде дека по извршена евалуација на сите апликации и утврдување на квалитетот на проектите, доколку постојат доволно квалитетни проекти, Владата ќе направи напор да се обезбедат дополнителни средства за поддршка на проектите на компаниите.

„Мерките за поддршка на микро, малите и средни претпријатија, како и мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестициите, се главен генератор на индустрискиот развој во Република Северна Македонија, каде имаме исклучително добри резултати.

Само во првиот квартал на 2019 година, во споредба со истиот квартал лани, бележиме раст на индустриското производство над 8%, раст кој не е возможен без нови инвестиции во индустрија и отворање на нови погони. Како резултат на мерките за поддршка на Владата, во согласност со Законот за финансиска поддршка на инвестициите, во моментот се реализираат 19 нови инвестициски проекти во технолошко-индустриските развојни зони, дополнително неколку фабрики надвор од ТИРЗ. Потврдена  е нова инвестиција на словенечката компанија ТАБ МАК во Пробиштип во вредност од 25 милиони евра, како и нова инвестиција за изградба на шински возила на чешката компанија Локо Транс. Во моментот вкупно се градат околу 25 фабрики, кои ќе отворат нови над 5000 работни места, што ќе придонесе за понатамошен развој на економијата во Република Северна Македонија“, нагласи вицепремиерот Анѓушев

“Овие рекордни бројки, од интересот на компаниите на јавниот повик, се знак на доверба во процедурите и инструментите на ФИТР. Воедно истите се показател дека домашните компании имаат потреба од финансиска поддршка и се подготвени да инвестираат сопствени средства во развој и иновации. Особено охрабрува фактот што компаниите предвидуваат ангажман на нови 2726 лица, што е пораст од 59,34% во однос на лани,“ нагласи Деспотовски.

Презентација ПЕР 2019 година 3

Компаниите од ФИТР побаруваат над 70 милиони евра што е за 14 пати повеќе од предвидениот буџет за овој повик во висина од 5 милиони евра.

“Јас верувам во овој процес и позитивните ефекти за економијата, и ќе се заложам заедно со Владата на РСМ да се обезбедат дополнителни средства за финансирање. На тоа не обврзуваат бројките што ги презентираме и денеска, а кои се показател и за ефикасноста на овој дел од економската политика на владата“ порача Деспотовски.

Инаку најголем дел од апликациите се од скопскиот регион, но има и од 27 други места од целата земја. Во однос на секторите, пристигнат се апликации од 28 индустрии, најголем број од ИТ секторот, но меѓу останатите има и од земјоделие, здравство, маркетинг, машинска и прехранбена индустрија.

Во тек е административната проверка по што следи фазата претселекција која ќе ја вршат надворешни стручни лица, домашни експерти од 22 економски дејности. Проектите кои ќе добијат минимум 51 поени во просек преминуваат во втората фаза, во која Комитетот за одобрување на инвестиции, составен од пет странски експерти, ќе ја донесе конечната одлука за финансирање на предлог проекти.

Компаниите и нивните инвестициски предлози ќе се оценуваат по пет категории: степен на иновативност, квалитет на подготвен проект, потенцијал на пазарот, капацитет на апликант и влијание на проектот.

Овие мерки, кои се дел од Планот за економски раст, од годинава се поддржани и од Светска Банка која стана финансиски партнер на ФИТР и Владата во реализација на Планот за економски раст, во делот на комерцијализација на иновациите. Јавниот повик за прибирање на апликации за ко-финансирани грантови беше отворен од 31.03 до 15.05.

Финансиска поддршка од ФИТР за учество на ученици на повеќе меѓународни натпревари и олимпијади

Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) ќе го поддржи учеството на меѓународни натпревари и олимпијади на ученици од тимовите на “Друштвото на физичари на Македонија“, „Сојузот на техничари и технолози на Македонија“, Фондацијата за промовирање на иновативно учење, едукација и личен развој Стем Академија и од ОУ “Јохан Хајхрих Песталоци” од Скопје.

Тимот на учениците физичари од „Друштвото на физичари на Македонија“, кој ФИТР го поддржа и минатата година на Олимпијадата во Боцвана од каде се вратија со три бронзени медали, во јули ќе се натпреварува на 50та Меѓународна олимпијада по физика во Тел Авив.

Талентираните ученци хемичари ќе не претставуваат на 51та Интернационална Олимпијада по хемија која ќе се одржи во јули во Париз, а ученици од ОУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ кои освоија златни и сребрени медали на регионалниот натпревар во Скопје се квалификуваа за учество во глобалниот напревар „World Schollars Cup“ кој ќе се одржи во Хаг во јули.

Тимот SPACE WALKERS, составен од деца кои посетуваат часови по наука, технологија, инженерство и математика во рамките на СТЕМ Академија, благодарение на успехот постигнат во Цеље на финалето во Адриа FIRST LEGO LEAGUE, натпревар во кој е насочен на едукативна роботика, се пласираше на светско првенство на FLL лигата во Либан кој се одржува во јуни 2019 година.

Средствата се обезбедени од ФИТР со пренамена на тековните трошоци на Фондот. Ова е дел од Програмата за поддршка и развој на таленти“ која ја развива ФИТР во соработка со УНИЦЕФ. Тим од професори, претставници на академската фела и ФИТР неколку месеци работат на изготвување концепт кој треба предложи системско решение кое ќе вклучува инструменти за поддршка на талентираните деца и координирани активности како и иницијативи на сите релевантни институции.

Оваа иницијатива е произлезена од бројните барања за поддршка на ученици од страна на ФИТР, како и од програмата за поддршка на млади истражувачи која прв пат беше објавена во ноември 2017 година.

Инаку ФИТР само во изминатата година има инвестирано близу 10 милиони денари во реализација на програми наменети за млади и деца од различни возрасти, со цел поттикнување на нивната критичка мисла и иновативност.

Мини-изложба на иновативни ученички проекти поддржани од ФИТР

Во рамките на иницијативата Петок за млади на Фонд за иновации и технолошки развј денеска беше направена мини-изложба на ученички проекти поддржани од страна на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) преку програмите „Предизвик за млади истражувачи“ и „UPSHIFT“. Настанот беше во изложбениот простор на Академијата за науките и уметностите (МАНУ) каде се оддржуваат „Денови на ЦЕРН во Република Северна Македонија“.

Креативните средношколци од гимназијата „Киро Спанџов Брко“ и од Кавадарци и двете скопски гимназии „Георги Димитров“ и „Орце Николов“ ги претставија своите проекти и го објаснија целиот процес на работење од идеја до реализација на иновацијата.

Петок за млади во рамки на Денови на Церн во РС Македонија 2

Средношколците од Кавадарци работат на повеќе проекти меѓи кои и интерактивна паметна табла која ја заменува класичната школска табла на која може да се пишува со паметен покажувач наместо со креда, и канти за отпадоци со систем за рециклирање на пластични шишиња и конзерви.

Петок за млади во рамки на Денови на Церн во РС Македонија 4

Тимот на скопската гимназија „Георги Димитров“ направи повеќенаменски дрон со кој прскањето на шумските предели со пестициди ќе може да се прави центрирано наместо низ широки површини со што ќе се заштити екосистемот а особено пчелите кои најмногу страдаат при користењето на пестициди.

Иновацијата на учениците од гинмназијата „Орце Николов“ од Скопје е статичен велосипед опремен со механизам кој преку ротирање на педалите полни мобилни телефони. Иновацијата придонесува за развивање на здрави навики и заштеда на електрична енергија.

Петок за млади во рамки на Денови на Церн во РС Македонија 3

Ученците од трите гимназии имаа прилка и да се запознаат со истражувањата и работата на ЦЕРН преку изложба и атомските интерактивни игри.

„Изложбата на Европската организација за нуклеарни истражувања (ЦЕРН) е еден од механизмите преку кои сакаме да го поттикнеме критичкото и креативното размислување кај младите. Со поддршката која им ја дава ФИТР преку програмите „Предизвик за млади истражувачи“ и „UPSHIFT“ ги мотивираме и им олеснуваме при реализирање на идеите,“ посочи Николина Стојановска Трајковска од ФИТР.

Манифестацијата „Денови на ЦЕРН во Република Северна Македонија“ беше отворена на 13 мај, 2019 година во организација на ФИТР, со поддршка на Природноматематички факултет при УКИМ и МАНУ и трае се до денес.

Петок за млади во рамки на Денови на Церн во РС Македонија 5

ФИТР: Средба на Деспотовски со министерката за наука на Црна Гора, Дамјановиќ

Размена на искуства и продлабочување на соработката помеѓу Фонд за иновации и технолошки развој и Министерството за наука на Црна Гора беа главна тема на денешната средба на директорот на ФИТР, Јован Деспотовски и министерката за наука на Црна Гора Др. Сања Дамјановиќ.

Министерката Дамјановиќ нагласи дека Црна Гора започнува да пилотира програми за поддршка на стартап компании за што би било добредојдено искуството на Северна Македонија и ФИТР во креирање на вакви програми кои веќе успешно се спроведуваат и придонесуваат кон развој на домашната економија. Таа додаде и дека на Црна Гора и е предизвик да формира Фонд за иновации на примерот на Северна Македонија.

“Меѓу другото разговаравме за искуствата кои ги има оваа земја во делот на развој и поддршка на екосистемот и можностите за меѓусебна соработка. Нашата земја може да научи од искуството на Црна Гора во делот на соработката меѓу академската и бизнис заедницата. Дополнително можеме заедно да работиме на реализација на концептот на Научно-технолошки парк што од неодамна веќе почна да се спроведува во Скопје, а е во најава за реализација и во Подгорица,“ рече Деспотовски.

Министерката Дамјановиќ е дел од делегацијата на ЦЕРН која е во неколкудневна посета на земјава во рамки на „Денови на ЦЕРН во Република Северна Македонија“ во организација на ФИТР, а во соработка со Природно-математичкиот факултет и Македонската академија на науките и уметностите.