45 компании аплицираа по скратена постапка – Вкупен обем на инвестиции 8.8 милиони евра

Четириесет и пет домашни компании ја искористија можноста да аплицираат преку новововедената скратена „fast track“ постапка на Јавниот повик за кофинансирани грантови за технолошки развој на ФИТР.

Компаниите од Фондот побаруваат 2 милиони и 750 илјади евра, што е речиси 92% од вкупниот буџет наменет за овој повик во рамките на скратената постапка кој изнесува 3 милиони евра. Вкупниот обем на инвестиции е 8.8 милиони евра од кои над 6 милиони се инвестиции на самите компании, со оглед на фактот дека со овој повик Владата обезбедува до 30%, а останатите 70 % се влог на компаниите.

Најголем дел од компаниите апликанти се мали (24) и микро (17) претпријатија,  додека останатите се средни (4). За потребите на инвестициите за микро претпријатија и микро ПЗУ финансирањето изнесува максимален износ од 5 милиони денари, додека  за мали и средни претпријатија и приватни здравствени установи ќе биде овозможено финансирање во максимален износ од 10 милиони денари.

Компаниите апликанти се речиси од целата земја, меѓу кои во најголем дел од Скопје, Штип, Велес, Охрид, Крушево, Тетово и Гостивар. Нивните проекти со кои сакаат да го унапредат нивото на технолошки развој се од 15 области од кои доминантно во секторот, трговија и продажба, како и маркетинг, земјоделие, градежништво, енергетика, угостителство и медицина.

Според Правилникот за аплицирање по скратена постапка овие проекти одат директно во фазата на финална селекција во која крајната одлука ја носи Комитетот за одобрување на инвестиции. Комитетот ќе заседава кон крајот на јануари, а ова ќе биде прва седница на Комитетот во нов состав, со новоизбраните членови Ноел Грегор Патерсон Џорџ од Велика Британија и Вибху Шарма од Холандија. Двајцата се експерти од областа на иновации и нови технологии. Тие се именувани од Владата на Република Северна Македонија, а се избрани на јавен меѓународен оглас кој беше распишан во септември 2019 поради истекот на двогодишниот мандат на двајца од вкупно пет членови на Комитетот. Во постапката за избор на членовите на КОИ, по иницијатива на Фондот, за првпат беа вклучени и претставници на стопанските комори.

Компаниите и нивните инвестициски предлози ќе се оценуваат според пет категории: технолошки напредок, квалитет на подготвен проект, потенцијал на пазарот, капацитет на проектниот тим и влијание на проектот.

Инаку, Фондот ја воведе скратената постапка со цел олеснета процедура за апликантите кои ја поминале фазата на административна проверка и претселекција, но не биле избрани за кофинансирање. Од овој повик, па во иднина овие апликанти можат повторно да аплицираат на јавен повик со истиот, односно подобрен предлог проект, со што се намалуваат и трошоците за компаниите, но и на Фондот, а  значително се намалува времето од аплицирање до конечната одлука на Комитетот.

Јавниот повик по скратена постапка беше отворен од 13 до 27 декември,2019 година. Повикот за кофинансирани грантови за технолошки развој по редовна постапка останува и понатаму отворен до 05 февруари 2020 година. (http://www.fitr.mk/tehnoloshki-razvoj/)

Создаваме успешни приказни – ФИТР досега поддржа 314 компании, 54 училишта и 30 организации

Во 2019 година во Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) пристигнаа дури 487 апликации за поддршка, што е тројно повеќе од првиот повик во 2015 година кога беа пријавени се 158 апликации. Владата го следеше зголемениот интерес и Буџетот за поддршка на иновации од 1,2 милиони евра поддршка во 2015 година, во 2019 година изнесува дури 11.2 мил евра, истакна претседателот на Владата, Зоран Заев на презентацијата на работата на ФИТР во 2019 и на кампањата „Создаваме успешни приказни“. На настанот се обратија и заменик претседателот во Владата задолжен за економските ресори, Кочо Анѓушев, и директорот на ФИТР, Јован Деспотовски.

Создаваме успешни приказни - ФИТР промо настан 2

„Резултатите од одобрените проекти се одлични. Во компаниите што добија поддршка преку Фондот за иновации и технолошки развој приходите од работењето пораснаа за 50 отсто, нето добивката пораснала за вртоглави 64 отсто, бројот на вработени е зголемен за 27 отсто, а просечната месечна плата пораснала за 40 отсто. Дури 839.3 илјади евра или 39 отсто од средствата што биле доделени како грант се вратени во Буџетот преку данокот на добивка и задолжителни придонеси на поддржаните компании“, истакна премиерот Заев

Вкупниот број на вработени во грантираните компании изнесува 769 вработени, од кои дури 360 се ново отворени места благодарение на финансиската поддршка на Фондот за иновации и технолошки развој, посочи Заев.

„Просечната плата во овие компании е 700 евра. Тоа се бројките на успехот. Тоа се бројките што ја прават голема насмевката на лицата на 769 вработени“, рече премиерот Заев.

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, потсети дека една од главните задачи на Владата на самиот почеток на мандатот, беше да се креираат конкретни и ефикасни мерки со кои се овозможи реална и силна поддршка на македонската економија со Планот за економски раст, кој се темели на три столба.

„Мерките од третиот столб на Планот за економски раст се конкретно насочени кон микро, малите и средни компании и се имплементираат токму преку Фондот за иновации и технолошки развој. Изминатите две и пол години преку повеќе инструменти се подржани се вкупно 314 компании во вредност од околу 57 милиони евра, од кои 22 милиона евра се учество на самите компании, а приближно 35 милиони евра се средства коишто се наменети од Фондот, односно од Буџетот и финансиски средства од Светска банка. Главната порака од овие проекти со сите граѓани, особено кон младите луѓе е: Останете во Република Северна Македонија и не чекајте да бидете вработени. Создадете своја фирма, креирајте свои производи, државата ќе ви помогне во развојот и комерцијализација на производите“, нагласи вицепремиерот Анѓушев.

Директорот на ФИТР, Јован Деспотовски рече дека семејството на ФИТР во изминативе две години порасна на 314 компании, 54 поддржани училишта и над 30 партнерски организации.

„Го зголемивме обемот на инвестиции во домашните компании за 57 пати. Две и пол години работиме, и две и пол години слушаме и критика и тоа голема. Не беше лесно да се помине сето тоа. Но, ова што гледате тука се реални луѓе, реални проекти и реални успешни приказни, а не измислени работи. Одбравме дел од нашите корисници да ни бидат амбасадори и  преку нивните приказни да го доближиме заедничкиот успех. Гледате околу вас дека станува збор за луѓе од вашето соседство, ваши врсници, луѓе кои ги познавате и кои веќе успешно ги развиваат сопствените бизниси. И тие треба да бидат наша, ваша и заедничка инспирација и мотив да продолжиме понатаму. Во следниот период ќе слушате и гледате многу вакви успешни приказни. Нашата политика и нашата посветеност е да продолжи поддршката на економијата“, рече директорот на ФИТР, Јован Деспотовски на презентацијата на работата на ФИТР во 2019 и на кампањата „Создаваме успешни приказни“.

Создаваме успешни приказни - ФИТР промо настан 3

Нов јавен повик на ФИТР „Стартапувај2“ – Зголемен буџет од 1,5 милиони евра за стартап компании

Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) објави нов јавен повик за стартап компании. Презентацијата на инструментот на ФИТР кој е наменет за финансиска поддршка на фирми не постари од 6 години, како и критериумите и условите за аплицирање,  се одржа во амфитеатарот на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово. Фокусот на оваа мерка поддржана од Светска Банка се младите, а целта на инструментот е поттикнување на истражувачките и развојните процеси на нови бизниси.

Проф. д-р. Абдулменаф Беџети, ректорот на Универзитетот на Југоисточна Европа посочи дека овој универзитет е еден од водечките високообразовни институции не само во државата, туку и во регионот, и дека кадарот што добива високо образование таму е меѓу најконкурентните на пазарот на трудот.

„Најновите статистики покажуваат дека 70 проценти од студентите на додипломските студии на Универзитетот на Југоисточна Европа се вработуваат најдоцна во период од 12 месеци по завршувањето на студиите. Ова е доказ дека Универзитетот има наставен кадар кој ги подготвува студентите со теоретска, но и практична настава за потребите и барањата на пазарот на трудот. Токму затоа сметам дека Фондот за иновации и технолошки развој ја избрал најсоодветната високообразовна институција каде ќе ги презентира своите активности и можности за младите претприемачи, односно ќе го презентира новиот повик за стартап компании,“ кажа проф. д-р Беџети.

Јован Деспотовски, директорот на Фондот, кој се обрати пред присутните студенти и претставници на бизнис заедницата, нагласи дека приоритет на активностите на ФИТР се токму младите луѓе за кого државата нуди конкретна поддршка и мерки за развивање сопствен бизнис дома.

„Целта на Фондот е да поттикнеме што повеќе млади луѓе да се охрабрат да основаат свој бизнис во сопствената држава и да аплицираат. Минатата година успеавме во тоа, а потврда за тоа се бројките:  85 стартап компании поддржани под овој  инструмент, што претставува 30% од портфолиото на Фондот. Вкупен износ на вложени средства во овие компании се 2,4 милиони евра, а ако го земеме в предвид минатото искуство, овој износ ќе се зголемува во иднина. Сакам да потенцирам дека иновациите се применливи насекаде и сакам да ги охрабрам студентите и младите лица во државата да аплицираат за овој инструмент бидејќи компаниите што добиваат поддршка од ФИТР се одличен показател дека добра идеја може да се реализира во добар бизнис, а државата нуди конкретни механизми и спроведува конкретни активности да ги задржи тука,“ истакна Деспотовски.

Условите, критериумите и целта на инструментот за кофинансирани грантови за стартап и спиноф компании ги презентираше Пиштар Љутфиу, член на управниот одбор на Фондот и поранешен министер за образование и наука. Тој истакна дека механизмите на ФИТР за финансиска поддршка, како и мерките преземени во поглед на подобрување на формалното и неформалното образование даваат очигледни резултати.

Стартапувај 2 јавна промоција 3

„Фондот нуди конкретни мерки како да ги задржи младите луѓе дома и за таа цел соработува со сите општествени чинители и релевантни институции како што се Агенцијата за вработување, УСАИД, УНДП, УНИЦЕФ, но и сите засегнати министерства во процесот. Ова е еден од најважните сектори во државата, кој заслужува ваков вид поддршка затоа што инвестирањето во младите е иднината на оваа земја. Со овој инструмент на Фондот, се отвораат нови работни места, се стимулира истражувањето и развојот на бизнис идеите кај младите и се подобрува целокупната економија. Затоа, моја препорака е да ги искористите можностите што ви ги нуди државата и да го разбудите претприемачот во себе!,“ истакна Љутфиу.

Вкупниот буџет на овој јавен повик е зголемен и сега изнесува 1,5 милиони евра. Максималната сума што може да биде доделена од страна на ФИТР е во висина од 30.000 евра, што претставува 85% од вкупната вредност на проектот. Останатите 15 проценти треба да ги обезбеди апликантот.

Јавниот повик за кофинансирани грантови за новоосновани стартап и спиноф компании на Фонд за иновации и технолошки развој е објавен денес (25.12.2019 год) и ќе трае до 15.02.2020 година.

Сите детали за овој јавен повик на ФИТР можете да ги најдете следниот линк: fitr.mk/startapuvaj-2

Стартапувај 2 јавна промоција 2

ФИТР и УНДП ќе работат на зајакнување на иновации во јавниот сектор

Фондот за иновации и технолошки развој и Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) потпишаа меморандум за соработка со кој преку заеднички активности ќе се работи на засилување на иновациските дејности и воведување иновативни процеси во јавниот сектор, поддршка за раст на малите и средни претпријатија, промоција на истражување и ефективни модели на управување, како и зголемување на соработката меѓу јавниот, приватниот и невладиниот сектор.

Меморандумот го потпишаа директорот на ФИТР Јован Деспотовски и Нарине Сахакиан, постојан претставник на Програмата за развој на Обединетите Нации.  Деспотовски нагласи дека потпишувањето на меморандумот е официјализирање и продлабочување на веќе успешната соработка меѓу двете институции во насока на унапредување на животниот стандард на граѓаните на нашата земја.

„УНДП е нашиот седми респектабилен меѓународен партнер со кој ја официјализираме соработката во овие две години. Заедно со нас во нашата мисија се и Светската банка, УНИЦЕФ, Швајцарската и амбасадата на Велика Британија, државата Израел и УСАИД. Проектите што веќе ги развиваме во соработка со УНДП сега очекувам и да се прошират и да добијат на дополнителен квалитет. Заедно ќе работиме на развој и примена на иновациите во животната средина, јавниот сектор како и во поттикнување и олеснување за младите за старт на сопствен бизнис,“ истакна Јован Деспотовски, директор на ФИТР и додавајќи дека само оваа година преку програмата за самовработување во чија реализација целосно е вклучен УНДП се поддржани 22 млади луѓе во креирање на стартап бизниси. Тие се дел од таканаречената ИНгрупа на бизниси со потенцијал за брз раст, а Деспотовски очекува оваа бројка следната година да биде значително поголема.

Потпишување Меморандум за соработка помеѓу ФИТР и УНДП 2

Постојаната претставничка на УНДП во Северна Македонија, Нарине Сахакиан, посочи дека ваквите партнерства се значаен придонес за поттикнување и унапредување на иновациите во државата во сите сектори од јавен интерес.

„Во рамките на овој меморандум заложбата на двете институции е да соработуваат и да ја промовираат културата на иновации при што со здружени сили ќе се поддржи технолошкиот напредок и развојот на дигиталните вештини што во иднина ќе доведат до креирање на нови работни места, економски развој и социо-економска инклузија,“ истакна Постојаната претставничка на програмата за развој на ОН во државата, Нарине Сахакиан.

Двете институции, со овој меморандум, се обврзуваат да го поддржат растот на микро, малите и средните компании преку спроведување на иновативни решенија и услуги; тесно да соработуваат со домашните претпријатија за да можат да ги остварат сопствените цели за одржлив развој заедно со развојните агенции и јавните институции; да го унапредуваат и промовираат долгорочниот развој преку технолошки подобрувања и поддршка на развојот на дигиталните вештини што пак треба да придонесат кон создавање нови работни места, како и вклучување на жените во техничките и природните науки и комерцијални проекти за да се пополнат родовите празнини на пазарот на трудот.

Дополнително, ФИТР и УНДП ќе работат на подигање на свеста за нови иновативни пристапи, технолошки подобрувања, трансфер на знаење во различни индустрии и промоција на истражувањата меѓу академскиот и приватниот сектор.

Избран победникот на ФинХакатонот2

Маркетинг стратегијата за наградната игра МојДДВ#МојаНаграда во следните 12 месеци ќе ја реализира маркетинг агенцијата „Меккен“. Таа победи на ФинХакатонот2, што изминативе три дена се одвиваше во Министерството за финансии со цел да се избере најкреативната стратегија за приближување на наградната игра до граѓаните. Осумте тима кои се натпреваруваа со идеи имаа обврска да вклучат по двајца студенти, кои добија шанса да работат со професионалци од етабилирани маркетинг агенции.

-Студентите беа вклучени во изработката на маркетинг стратегијата за да може да видат како работите функционираат во пракса. И Министерство за финансии и Државната лотарија на Македонија сакаме дел од овие студенти, кои беа учесници на ФинХакатон2, да бидат поканети на пракса во двете институции, за реално да гледаат како ќе се одвива целата стратегија на која работеа – рече министерката за финансии Нина Ангеловска по завршувањето на ФинХакатонот2.

Избран победник на вториот ФинХакатон  2

Хакатонот го организираа Министерството за финансии и Фондот за иновации и технолошки развој а во реализацијата на наградната игра МојДДВ#МојаНаграда ќе им се приклучи и Државната лотарија на Македонија. Целта на наградната игра е да биде засилување на успешната мерка „МојДДВ“.

-До 28 ноември има 184.728 корисници на апликацијата „МојДДВ“, скенирани се 39.584.924 фискални сметки а остварен е промет од 19 милијарди 378 милиони денари. Вкупно остварена наплата на ДДВ од 5 и 18 проценти од овој промет изнесува 2 милијарди 98 милиони 709 илјади денари. Вкупно оствареното право на поврат за време на цело време на траење на мерката изнесува 5 милиони 119 илјади евра – рече директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска, укажувајќи на позитивниот ефект на мерката.

Избран победник на вториот ФинХакатон 3

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски верува дека по една година реализација на наградната игра, овие бројки ќе се дуплираат или триплираат.

-Победничкиот тим на ‘Меккен’ во наредните 12 месеци ќе биде ангажиран на реализација на  креативната кампања за што обезбедивме 2.000.000 денари. Она што особено ме радува е што во проектот ќе бидат ангажирани млади луѓе. За сите тимови кои земаа учество во овој хакатон, но и за сите млади со идеи и храброст сакам да го најавам и новиот повик за стартап компании, што ќе го објавиме до крајот на годината. Вкупниот буџет за повикот ќе биде 1,5 милиони евра, а нашата цел е што е можно повеќе млади луѓе да ги искористат овие можности, да останат во С. Македонија и тука да започнат свој бизнис – посочи Деспотовски.

Наградната игра МојДДВ#МојаНаграда е насочена да ги мотивира луѓето да ги скенираат и оние сметки со помали суми на ДДВ, кои претходно не ги скенирале, сметките во кои нема ДДВ како и да ги натера да продолжат да скенираат сметки откако ќе го надминат месечниот праг за поврат на ДДВ. Во дизајнирањето на наградата се земени најдобрите практики од другите земји. Покрај сузбивањето на сивата економија, преку наградната игра ќе се врши и финансиска едукација на граѓаните и подигање на даночниот морал преку едукативни пораки.

Избран победник на вториот ФинХакатон 4

ФИТР: 22 проекти од млади претприемачи со потенцијал за брз пораст добија финансиска поддршка преку Програмата за самовработување

Дваесетидва проекти од млади претприемачи со потенцијал за брз пораст веќе започнаа со реализација преку Програмата за самовработување за 2019г, што ја реализира Агенцијата за вработување, во соработка со УНДП и Фондот за иновации и технолошки развој.

Овие проекти се дел од новата ИН-група што е воведена како новина во Програмата, чија цел е проектите со иновативна компонента да добијат соодветна менторска поддршка и да го искористат целосниот потенцијал за брз пораст и висока додадена вредност. ИН-групата е надополнување на веќе постојните програми на Фондот за поддршка на старт-ап бизнис, и тоа во рана фаза на формирање на компанија и развој на бизнис план, што досега беше посочувано како крупна пречка за младите луѓе за аплицирање.

На денешниот настан своите проекти ги презентираа двајца млади претприемачи. Зборувајќи како дошла до својата идеја, Ирена Лозана, креаторот на проектот за хигиенските влошки за повеќекратна употреба, истакна дека таа веќе работи според моделот на социјално претприемништво, според кој планира 7% од заработката на нејзините производи да ги донира во загрозени семејства и лица.
IMG_0252„Потребно е да се зголеми свеста кај секоја жена, не само кај жените од руралните региони кои се можеби најголемата група нови корисници на хигиенски влошки за повеќекратна употреба. Влошките се сериозен дел од глобалното загадување, а со овие иновативни производи, веруваме дека секоја жена ќе даде свој придонес во намалувањето на овој проблем. Покрај финансиски средства, потребна ни е помош во делот на маркетинг, промоција и продожба, и верувам дека ќе го добиеме тоа од Фондот“, истакна Лозана.

На настанот се обрати министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, која истакна дека овој механизам претставува вистински чекор напред во поглед на остварување на правото на самовработување и искажа голема благодарност за успешна соработка помеѓу ресорното министерство, УНДП, Агенцијата за вработување и ФИТР.
IMG_0318„Како дел од МТСП мора да ја истакнам одличната соработка со ФИТР и нивната брилијантана идеја стартапите да станат одржливи преку Опративниот план. Мерките од ОП ги прилагодуваме според потребите на компаниите и пазарот на труд. Лани годината ја започнавме со 1,1 милијарди денари наменети за ОП а ја завршивме со 1,3 милијарди денари, што е за три пати повеќе од 2016 година. Идната година ја стартуваме со оваа сума со можност истата да се зголемува во согласност со интересот и реализацијата,“ посочи Царовска.

Директорот на ФИТР Јован Деспотовски им честита на храброста на присутните млади претприемачи за донесената одлука да започнат свој бизнис.

IMG_0327„Државата, институциите вложуваат, даваат поддршка за младите во Република Северна Македонија. Поддршка за развој на сопствена идеја, бизнис, што ќе креира брз раст и додадена вредност за целото општество. Овие 22 нови компании ќе се придружат на над 100 старт-апи кои веќе реализираат свои проекти во рамки на програмите на Фондот во изминатите 24 месеци. Ќе добијат целосна менторска поддршка од наша страна. Очекувам овој број значително да се зголеми и со новиот повик, што Фондот ќе го објави до крајот на годината, а ќе биде повторно наменет, пред се, за младите луѓе во нашата земја“.

Директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска посочи дека до сега годинава постои огромен интерес за програмата за Самовработување, а радува и фактот што дел од тие апликанти размислуваат во насока на воведување иновации.
IMG_0278„Со програмата за Самовработување, оваа година беа поддржани повеќе од 1400 лица кои основаа сопствени бизниси, од кои 430 беа млади лица на возраст до 29 години. Во рамките на оваа програма, беше издвоена посебна група на апликанти, т.н. ИН група, кај кои се препозна потенцијал за основање иновативни, односно брзорастечки бизниси. Фондот за иновации и технолошки развој обезбеди ментори/советници кои им помогнаа на овие апликанти да изработат бизнис планови кои понатаму беа избрани за корисници на програмата. Притоа, беа основани 22 нови бизниси, кои понатаму имаат можност да добијат поддршка и преку јавните повици на ФИТР.“

Нарине Сахакиан, постојана претставничка на програмата за развој на Обединети Нации, ја истакна важната улога на оваа мерка за целокупното македонско општество, и ја потврди заложбата на нејзината организација во иднина посветено да работи, заедно со владините тела, на креирање нови работни места и пилотирање нови иновативни пристапи со цел изнаоѓање конктретни и ефикасни решенија.
IMG_0293„Програмата за развој на Обединетите нации, заедно со националните партнери, преку програмата Самовработување ги поддржуваат претприемачите започнувајќи од нивните бизнис идеи, до формирањето на бизнисот, па се до понатамошната поддршка за бизнис развој и проширување на нивните сервиси и услуги. Ние, во УНДП, сме посебно горди на компаниите формирани преку програмата за Самовработување, а посебно внимание обрнуваме на иновативните бизнис идеи бидејќи сметаме дека се моторот на промени и двигателот до економскиот прогрес кој ќе влијае на корисниците, но и на економијата во целина. Навистина, овие иновативните бизниси се клучен партнер во обезбедување на одржлив развој во земјата“.

Преку Оперативниот план за 2019 година апликантите можат да добијат до 5.000 евра, или ако се двајца содржници до 10.000 евра. За програмата за самовработување, Владата одвои рекордни скоро 8 милиони евра како поддршка на значително висок број претприемачи од првично предвидените средства. На ниво на цела држава за годинава предвидено е потпишување на вкупно 1.484 договори за самовработување. Од нив вкупно 557 лица, односно 38% се млади лица, до 29 години, а 518, односно 35% се жени. Во последните неколку години околу 15 % од вкупно регистрираните приватни бизниси во државата потпаѓаат под програмата самовработување.

Проектот „Local Business Ranker“ поддржан од ФИТР

Домашната компанија „Интерактив Гејминг“ работи на спроведувањето на Проектот наречен Local Business Ranker, кој има за цел развивање алгоритам со помош на кој ќе може да ги рангираат локалните компании.

„Нашето решение треба да даде одговор на прашања од типот кои се најдобри дизајнери на ентериер во Лондон, или пак кои се најдобри електричари во Ливерпул. За таа цел, корисниците на нашето решение добиваат неколку значајни придобивки: Прво, нашиот алгоритам ги елиминира сите нелиценцирани оператори. Понатаму, се намалува времето за наоѓање на соодветна компанија, a исто така значително се намалува и ризикот од лошо извршена услуга, бидејќи во нашиот систем ги листаме само најдобрите компании“.

Во однос на соработката со Фондот за иновации и технолошки развој, тие велат дека е на одлично ниво, a добиените финансиски средства се од големо значење за развојот на нивната компанија, особено за самиот проект.

Компанијата „Интерактив гејминг“ е една од над 130 домашни компании/конзорциуми поддржани од ФИТР во рамките на првиот јавен повик од Планот за економски раст (ПЕР) на Владата на Република Северна Македонија

Само со првиот и вториот инвестициски бран се реализираат инвестиции во домашниот приватен сектор во износ од 28 милиони евра. Се ангажираат над 780 лица, од кои 158 се нови работни места, со просечна плата од 45.000 денари.

ФИТР: Со ребаланс на буџетот повеќе од двојно зголемен бројот на поддржани компании од повикот за комерцијализација на иновации

По досега рекордно големиот интерес на компаниите за финансирање преку програмата за комерцијализација на иновации на ФИТР, и бројот на квалитетни инвестициски предлог-проекти, Фондот во септември достави иницијатива за проширување на буџетот до Владата на Република Северна Македонија што резултираше со одобрување на дополнителни 7,5 милиони евра на првичните 5 милиони евра, односно вкупен буџет од 12,500.000 евра.

Со зголемувањето на буџетот за ко-финансирање бројката од 30 првично одобрени проекти во првиот бран од страна на Комитетот за одобрување на инвестиции (КОИ), во моментов ја достигна бројката од 62 компании, односно 90% од искористеност на предвидениот буџет во вториот бран.

Во тек е разгледување и на аргументите што дел од компаниите ги доставија до Комитетот, а се однесуваат на добиените забелешки и коментари кон проектните апликации. Со завршување на овој процес, се очекува уште 10 – 15 компании истотака да добијат можност за ко-финансирање на проектните апликации, со што буџетот на јавниот повик ќе се искористи 100%.

Компаниите кои добија позитивен одговор од КОИ во првиот и вториот бран, преку реализирање на проектите предвидуваат инвестиции од вкупно 16,880,141.64 евра од кои сопствено учество од вкупно 5,646,601.35 евра. На поддржаните проекти ќе бидат ангажирани вкупно 769 лица од кои 360 нововработени со просечна плата од 698, 60 евра по вработен.

Во вториот бран 75% од компаниите се нови корисници, додека 16% се компани кои биле одбиени на претходни повици на ФИТР, а сега повторно аплицирале со подобрени проекти.

Дека иновациите земаат се поголема примена во голем број индустрии говорат и податоците за поддржаните проекти од кои најголемиот дел доаѓа од ИТ секторот, образование, електроника и електротехника, технолошка индустрија, текстилна и кожна индустрија, машинство, земјоделство, енергија и извори на енергија, здравство, градежништво и екологија.

Јавниот повик за комерцијализација на иновации заврши на 15 мај 2019г. Аплицираа вкупно 487 компани кои побаруваа 70 милиони евра. Во фазата на финална евалуација влегоа 366 апликации, што го поминаа процесот на административна проверка и претселекција спроведен од 97 домашни стручни лица. Конечната одлука за одобрување на проектите ја носи Комитетот за одлучување на инвестиции кој го сочинуваат 5 странски експерти, именувани од Владата по пат на меѓународен конкурс. Оценувањето на проектите се врши врз основа на 5 критериуми: степен на иновативност, квалитет на апликација, капацитет на проектен тим, проценка на пазар и влијание.

Добра вест за сите компании кои веќе учествувале на овој како и на другите јавни повици на ФИТР е одобрувањето на таканаречената „fast track“ скратена постапка за аплицирање, за којашто Фондот достави иницијатива до Владата на почетокот на октомври годинава. Имено, отсега компаниите кои ги поминале фазите на административна проверка и претселекција и добиле соодветни забелешки и препораки од Комитетот за одобрување на инвестиции на Фондот во последна фаза, ќе може да достават подобрен проект на следен јавен повик користејќи ја скратената процедура. Ова право се однесува за сите јавни повици на Фондот објавени во период од 12 месеци од добиеното известување на компанијата од Комитетот на претходен јавен повик.

Со скратената постапка се намалуваат трошоците за компаниите, но и на Фондот и значително се намалува времето од аплицирање до одлука на Комитетот за одобрување на инвестиции. Во практика, од досега потребните 60 – 90 денови (зависно од број на пристигнати апликации) постапката за компаниите што ре-аплицираат со ист или подобрен проект би траела двојно помалку.

До крајот на годинава ќе бидат објавени два нови повици, односно за инструментот „Ко-финансирани грантови за технолошки развој “ со вкупен буџет од 6.000.000 евра, и нов повик за новоосновани трговски друштва „старт-ап“ и „спин-оф“ со вкупен буџет од 1.500. 000 евра.

Презентација од резултатите од повикот за инструментот: „Ко-финансирани грантови за комерцијализација на иновации“ е достапна на следниот линк:

http://www.fitr.mk/wp-content/uploads/2019/11/Komercijalizacija-na-inovacii-prezentacija-prv-i-vtor-bran-converted.pdf