Создаваме успешни приказни – ФИТР досега поддржа 314 компании, 54 училишта и 30 организации

Во 2019 година во Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) пристигнаа дури 487 апликации за поддршка, што е тројно повеќе од првиот повик во 2015 година кога беа пријавени се 158 апликации. Владата го следеше зголемениот интерес и Буџетот за поддршка на иновации од 1,2 милиони евра поддршка во 2015 година, во 2019 година изнесува дури 11.2 мил евра, истакна претседателот на Владата, Зоран Заев на презентацијата на работата на ФИТР во 2019 и на кампањата „Создаваме успешни приказни“. На настанот се обратија и заменик претседателот во Владата задолжен за економските ресори, Кочо Анѓушев, и директорот на ФИТР, Јован Деспотовски.

Создаваме успешни приказни - ФИТР промо настан 2

„Резултатите од одобрените проекти се одлични. Во компаниите што добија поддршка преку Фондот за иновации и технолошки развој приходите од работењето пораснаа за 50 отсто, нето добивката пораснала за вртоглави 64 отсто, бројот на вработени е зголемен за 27 отсто, а просечната месечна плата пораснала за 40 отсто. Дури 839.3 илјади евра или 39 отсто од средствата што биле доделени како грант се вратени во Буџетот преку данокот на добивка и задолжителни придонеси на поддржаните компании“, истакна премиерот Заев

Вкупниот број на вработени во грантираните компании изнесува 769 вработени, од кои дури 360 се ново отворени места благодарение на финансиската поддршка на Фондот за иновации и технолошки развој, посочи Заев.

„Просечната плата во овие компании е 700 евра. Тоа се бројките на успехот. Тоа се бројките што ја прават голема насмевката на лицата на 769 вработени“, рече премиерот Заев.

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, потсети дека една од главните задачи на Владата на самиот почеток на мандатот, беше да се креираат конкретни и ефикасни мерки со кои се овозможи реална и силна поддршка на македонската економија со Планот за економски раст, кој се темели на три столба.

„Мерките од третиот столб на Планот за економски раст се конкретно насочени кон микро, малите и средни компании и се имплементираат токму преку Фондот за иновации и технолошки развој. Изминатите две и пол години преку повеќе инструменти се подржани се вкупно 314 компании во вредност од околу 57 милиони евра, од кои 22 милиона евра се учество на самите компании, а приближно 35 милиони евра се средства коишто се наменети од Фондот, односно од Буџетот и финансиски средства од Светска банка. Главната порака од овие проекти со сите граѓани, особено кон младите луѓе е: Останете во Република Северна Македонија и не чекајте да бидете вработени. Создадете своја фирма, креирајте свои производи, државата ќе ви помогне во развојот и комерцијализација на производите“, нагласи вицепремиерот Анѓушев.

Директорот на ФИТР, Јован Деспотовски рече дека семејството на ФИТР во изминативе две години порасна на 314 компании, 54 поддржани училишта и над 30 партнерски организации.

„Го зголемивме обемот на инвестиции во домашните компании за 57 пати. Две и пол години работиме, и две и пол години слушаме и критика и тоа голема. Не беше лесно да се помине сето тоа. Но, ова што гледате тука се реални луѓе, реални проекти и реални успешни приказни, а не измислени работи. Одбравме дел од нашите корисници да ни бидат амбасадори и  преку нивните приказни да го доближиме заедничкиот успех. Гледате околу вас дека станува збор за луѓе од вашето соседство, ваши врсници, луѓе кои ги познавате и кои веќе успешно ги развиваат сопствените бизниси. И тие треба да бидат наша, ваша и заедничка инспирација и мотив да продолжиме понатаму. Во следниот период ќе слушате и гледате многу вакви успешни приказни. Нашата политика и нашата посветеност е да продолжи поддршката на економијата“, рече директорот на ФИТР, Јован Деспотовски на презентацијата на работата на ФИТР во 2019 и на кампањата „Создаваме успешни приказни“.

Создаваме успешни приказни - ФИТР промо настан 3

Нов јавен повик на ФИТР „Стартапувај2“ – Зголемен буџет од 1,5 милиони евра за стартап компании

Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) објави нов јавен повик за стартап компании. Презентацијата на инструментот на ФИТР кој е наменет за финансиска поддршка на фирми не постари од 6 години, како и критериумите и условите за аплицирање,  се одржа во амфитеатарот на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово. Фокусот на оваа мерка поддржана од Светска Банка се младите, а целта на инструментот е поттикнување на истражувачките и развојните процеси на нови бизниси.

Проф. д-р. Абдулменаф Беџети, ректорот на Универзитетот на Југоисточна Европа посочи дека овој универзитет е еден од водечките високообразовни институции не само во државата, туку и во регионот, и дека кадарот што добива високо образование таму е меѓу најконкурентните на пазарот на трудот.

„Најновите статистики покажуваат дека 70 проценти од студентите на додипломските студии на Универзитетот на Југоисточна Европа се вработуваат најдоцна во период од 12 месеци по завршувањето на студиите. Ова е доказ дека Универзитетот има наставен кадар кој ги подготвува студентите со теоретска, но и практична настава за потребите и барањата на пазарот на трудот. Токму затоа сметам дека Фондот за иновации и технолошки развој ја избрал најсоодветната високообразовна институција каде ќе ги презентира своите активности и можности за младите претприемачи, односно ќе го презентира новиот повик за стартап компании,“ кажа проф. д-р Беџети.

Јован Деспотовски, директорот на Фондот, кој се обрати пред присутните студенти и претставници на бизнис заедницата, нагласи дека приоритет на активностите на ФИТР се токму младите луѓе за кого државата нуди конкретна поддршка и мерки за развивање сопствен бизнис дома.

„Целта на Фондот е да поттикнеме што повеќе млади луѓе да се охрабрат да основаат свој бизнис во сопствената држава и да аплицираат. Минатата година успеавме во тоа, а потврда за тоа се бројките:  85 стартап компании поддржани под овој  инструмент, што претставува 30% од портфолиото на Фондот. Вкупен износ на вложени средства во овие компании се 2,4 милиони евра, а ако го земеме в предвид минатото искуство, овој износ ќе се зголемува во иднина. Сакам да потенцирам дека иновациите се применливи насекаде и сакам да ги охрабрам студентите и младите лица во државата да аплицираат за овој инструмент бидејќи компаниите што добиваат поддршка од ФИТР се одличен показател дека добра идеја може да се реализира во добар бизнис, а државата нуди конкретни механизми и спроведува конкретни активности да ги задржи тука,“ истакна Деспотовски.

Условите, критериумите и целта на инструментот за кофинансирани грантови за стартап и спиноф компании ги презентираше Пиштар Љутфиу, член на управниот одбор на Фондот и поранешен министер за образование и наука. Тој истакна дека механизмите на ФИТР за финансиска поддршка, како и мерките преземени во поглед на подобрување на формалното и неформалното образование даваат очигледни резултати.

Стартапувај 2 јавна промоција 3

„Фондот нуди конкретни мерки како да ги задржи младите луѓе дома и за таа цел соработува со сите општествени чинители и релевантни институции како што се Агенцијата за вработување, УСАИД, УНДП, УНИЦЕФ, но и сите засегнати министерства во процесот. Ова е еден од најважните сектори во државата, кој заслужува ваков вид поддршка затоа што инвестирањето во младите е иднината на оваа земја. Со овој инструмент на Фондот, се отвораат нови работни места, се стимулира истражувањето и развојот на бизнис идеите кај младите и се подобрува целокупната економија. Затоа, моја препорака е да ги искористите можностите што ви ги нуди државата и да го разбудите претприемачот во себе!,“ истакна Љутфиу.

Вкупниот буџет на овој јавен повик е зголемен и сега изнесува 1,5 милиони евра. Максималната сума што може да биде доделена од страна на ФИТР е во висина од 30.000 евра, што претставува 85% од вкупната вредност на проектот. Останатите 15 проценти треба да ги обезбеди апликантот.

Јавниот повик за кофинансирани грантови за новоосновани стартап и спиноф компании на Фонд за иновации и технолошки развој е објавен денес (25.12.2019 год) и ќе трае до 25.02.2020 година.

Сите детали за овој јавен повик на ФИТР можете да ги најдете следниот линк: fitr.mk/startapuvaj-2

Стартапувај 2 јавна промоција 2

С. Мaкедонија со скок од 25 места на ранг листата на Глобалниот иновациски индекс

Северна Македонија, во споредба со минатата година, се искачи 25 места погоре на листата земји кои вложуваат во иновациска инфраструктура, покажува најновиот извештај на Глобалниот иновациски индекс (ГИИ) за 2019 година објавен на 24 месецов.

Според овој извештај кој рангира 129 држави во светот по 80 различни параметри, Република Северна Македонија е на 59то место, што претставува значителен напредок во однос на претходните две години, што во голема мера се должи на вложувањата во микро, мали и средни претпријатија од страна на Владата, Фондот за иновации и технолошки развој, и активностите на останатите субјекти во овој сектор.

Земјата остварила високи резултати и во делот на зголемен степен на инвестиции во иновации од страна на домашните институции како и подобрена бизнис клима со што Северна Македонија се наоѓа во група со првите 50 земји во светот. Подобрување е забележано и кај постигнатите резултатите од вложувањето во иновации, каде земјата е на 63то место, што е повисока позиција во однос на 2018 година.

Споредбено со другите економии во Европа, во групата на земји со средно-високи примања, Северна Македонија годинава има натпросечни оцени во пет од седумте столбови на Глобалниот иновациски индекс, кои се однесуваат на институции, инфраструктура, софистицираност на пазарот, каде е на 28мо место, знаење и технолошки резултати и креативни резултати. Во однос на останатите европски економии опфатени во студијата, Северна Македонија има натпросечни резултати во 1 од седумте столбови, т.е. софистицираност на пазарот, каде е остварен напредок во поглед на пристап кон финансиски средства и едноставен начин на заштита на малцинските инвеститори.

Во извештајот Северна Македонија е рангирана на 12то место меѓу 34-те економии со средно-високо ниво на приходи, а земјата има остварено повисоко ниво на развој од очекуваното и кај БДП.

Државата остварила значаен успех според индикаторите за квалитет ISO9001 (24 место) и високо- и средно-високи технолошки производи (20 место), а подобрена е позицијата и во категоријата знаење и технологии, според кои Северна Македонија е на 66то место.

Во препораките се наведува дека земјата треба да го подобри вложувањата во човечки ресурси и истражувања, сфера во која државата годинава има зголемен обем на тековни и планирани активности. Подобрување на школскиот систем, поцврста соработка помеѓу бизнис секторот и академската заедница, посилна инфраструктура за истражувања и развој на компаниите се области во кои се очекува зголемен ангажман на Владата, а во кои ФИТР веќе развива посебни инструменти и програми за поддршка.

Петте најиновативни земји според анализата на ГИИ оваа година се Швајцарија, Шведска, САД, Холандија и Велика Британија, а на дното се Бурунди и Јемен. Извештајот на Глобалниот иновациски индекс на иновации се објавува 12 години по ред од страна на Светската организација за интелектуална сопственост во партнерство со бизнис школата Инсед и Универзитетот Корнел.

Вложувањето во старт ап бизнис идеи е вложување во иднината и во нашиот заеднички напредок и прогрес

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски имаа свои обраќања на настанот за промоција на 48 старт ап проекти – добитници на финансиска поддршка од двата повика на јавниот повик на ФИТР, „Стартапувај“.

„Кога треба да ги поддржиме младите луѓе и нивните иновативни бизнис идеи тогаш задоволството е обострано и е најголемо. Вложувањето во вашите старт ап бизнис идеи е вложување во иднината и во нашиот заеднички напредок и прогрес“ рече премиерот Заев.

Презентација на проекти од Стартапувај во „Јавна соба“, ПВРСМ Зоран Заев

Тој им се обрати на добитниците на грантови од повикот „Стартапувај“ и потенцираше дека младите луѓе се носители на промената што се случува во нашата земја.

„Јас сум уверен дека сите овие 48 проекти ќе бидат успешни и ќе донесат нова додадена вредност во нашата економија и на свој начин ќе го подобрат нашиот заеднички живот. Фондот за иновации и технолошки развој заедно со Светска Банка обезбеди средства во висина од 1.8 милиони евра како финансиска поддршка за овие проекти. Со поддршката на овие старт-апи се отвораат 45 за старт нови работни места, а просечната исплатена плата е во износ од 462 евра“, нагласи премиерот Заев.

Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека денешното време е време на стартап компаниите. Тој тоа го поткрепи со фактот што во светот постојат компании со повеќе децениска традиција, сепак и покрај нивната успешност и традиција, голем дел од највредните компании во денешно време не се постари од 15-20 години, а започнале како стартапи.

„Амазон, Фејсбук, Тесла, Ејпл се компании кои започнале како стартапи, имале брз раст, а денес вредат многу. Друг пример е Mobile Eye, стартап компанија од Израел, кои го иновираа системот за самоуправувачки возила, а е продаден за двоцифрена вредност во милијарди. Владата ги креираше мерките од Планот за економски раст токму во таа насока, за поддршка на компаниите технолошки да се развиваат и да внесуваат иновативни решенија и резултатите покажуваат дека мерките се искреирани правилно. Во 2019 година обезбеден е рекорден износ на средства во буџетот за економските програми на Владата, за 47% повеќе средства во однос на 2018 година, со кои се поддржуваат странските, но во уште поголем број домашните компании“, нагласи Анѓушев.

Презентација на проекти од Стартапувај во „Јавна соба“, ZPVRSM Kocho Angjushev

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски, кој беше домаќин на настанот, истакна:

„Оваа влада е вистински партнер на младите во земјава. И тоа не со ветувања туку со конкретни мерки кои даваат вистински резултати. ФИТР до сега има вложено околу 2,5 милиони евра во околу стотина стартап компании. Поттикнавме млади луѓе да се охрабрат своите идеи да ги претворат во успешни бизниси. Веќе работиме на креирање нови мерки со кои ќе се олесни основање на компании и пристапот до странски инвеститори. Целта ни е овде да создадеме европски услови и стандарди, со цел да се спречи одливот на мозоци од земјава, и да покажеме дека можеме да извезуваме иновативни продукти и услуги наместо човечки капитал“, рече директорот Деспотовски.

Презентација на проекти од Стартапувај во „Јавна соба“, DFITR Jovan Despotovski

Ученици, родители, професори и експерти активно вклучени во иницијативата за развој на „Фонд на млади умови“ на ФИТР

Анализа на постојните инструменти за поддршка на мотивирани ученици, пропусти во системот, последици од неквалитетните реформи како и проблемите со кои се соочува наставниот кадар и учениците, беа меѓу главните теми на дискусија на четирите фокус групи што се одржаа на 8 и 9 јули во организација на Фонд за иновации и технолошки развој.

Целта на фокус групите беше собирање податоци кои потоа ќе се искористат во креирањето на стратешката програма за поттикнување на креативното размислување, иновативноста и претприемништвото кај младите, наречен „Фонд за млади умови“  на која ФИТР веќе работи повеќе месеци

Во дводневните дискусии беа вклучени претставници на Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, Академијата за науките и уметностите, како и универзитетски професори, членови на стручните служби во училиштата, невладини организации, и засегнати родители и студенти.

Фокус групи фото 2

„Најважно во овој процес во кој сакаме да создадеме програма заснована на потребите на младите, е сите тие инстанци што спроведуваат различни програми да имаат глас, бидејќи нашата цел не е да создадеме нешто ново, туку да надградиме на нешто што веќе функционира. Поради тоа треба да дознаеме кои се програмите засновани на докази што се успешни во земјата, и како да ги надградиме на национално ниво, но и да ги идентификуваме празнините и потребите,“ истакна д-р Ребека Елис, меѓународен експерт и соработник на Фондот и УНИЦЕФ С. Македонија која работи и на изготвувањето на националната програма за поттикнување на креативноста, иновативноста и претприемништвото кај младите и која ги водеше дводневните фокус групи.

Освен стручниот кадар од училиштата и родителите покажаа огромен интерес за креирање на една ваква стратешка програма за поддршка на младите, додека пак средношколците и студентите отворено зборуваа за нивните потреби и интереси, и даваа конкретни предлози за тоа како да се надминат моменталните недостатоци.

Враќање на секциите како воннаставни активности во училиштата, опремени лаборатории и кабинети, дополнителни часови на кои ученците ќе бидат слободни да ја изразат сопствената креативност, но и намалување на административната работа на наставниците, обуки за професорите да препознаваат талентирани деца беа некои од понудените можни решенија и мерки од учесниците.

Одржувањето на фокус групите беше следниот чекор по големата панел дискусија за развој и поддршка на талентирани деца што ФИТР ја организираше во март годинава со цел да се детектираат појдовните точки за креирање системско решение со кое државата во иднина ќе вложува во развивање на талентите и т.н. „меки вештини“ кај младите.

Стратешка програма за поттикнување на креативното размислување, иновативноста и претприемништвото кај младите – „Фонд за млади умови“ на ФИТР, предвидено е да опфати поддршка преку веќе постоечки успешни иницијативи, да понуди нови мерки на поддршка за поттикнување на креативноста, иновативноста и претприемништвото кај младите, како и негување и унапредување на талентите кај децата.

Целта на оваа иницијатива на Фондот е да се креира системско решение со кое државата во иднина ќе вложува во развивање и поддршка на таленти кај младите.

478 апликации, вкупни инвестиции од 105 милиони евра – Презентирани првичните податоци од јавниот повик за грантови за комерцијализација на иновации на ФИТР

Заменикот на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски денес, на прес конференција, ги презентираа првичните податоци во врска со доставените апликации од страна на компаниите на завршениот втор јавен повик за ко-финансирани грантови за комерцијализација на иновации, кои се однесуваат на мерките од третиот столб на Планот за економски раст (ПЕР), за поддршка на микро, мали и средни компании.

Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека интересот на компаниите на вториот јавен повик е навистина голем, значително повисок во однос на повикот во 2018 година, со што се покажува дека микро, малите и средни компании ги препознаваат мерките како исклучителна можност за нивниот развој. Како споредба, вицепремиерот кажа дека во 2018 година, апликации беа доставени од 244 компании, а биле потпишани договори со 133 компании, додека на вториот јавен повик се имаат пријавено 487 апликации, што е двојно повеќе од лани.

Презентација ПЕР 2019 година 2

“Поддршката на микро, малите и средни компании е, и ќе продолжи да биде еден од столбовите за економски развој на нашата држава. Со овие мерки, силно се поддржува индустријата, која покрај градежништвото, земјоделството и трговијата, е еден од главните генератори на бруто домашниот производ. Преку доставените апликации, утврдивме дека се планирани вкупни инвестиции во висина од 105 милиони евра, а компаниите во своите барања побаруваат 70 милиони евра, додека 35 милиони евра се сопствени средства на компаниите“, нагласи Анѓушев.

Вицепремиерот посочи  дека за поддршка на ММСП, во 2019 година, во буџетот се планирани околу 10,5 милиони евра, а додаде дека по извршена евалуација на сите апликации и утврдување на квалитетот на проектите, доколку постојат доволно квалитетни проекти, Владата ќе направи напор да се обезбедат дополнителни средства за поддршка на проектите на компаниите.

„Мерките за поддршка на микро, малите и средни претпријатија, како и мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестициите, се главен генератор на индустрискиот развој во Република Северна Македонија, каде имаме исклучително добри резултати.

Само во првиот квартал на 2019 година, во споредба со истиот квартал лани, бележиме раст на индустриското производство над 8%, раст кој не е возможен без нови инвестиции во индустрија и отворање на нови погони. Како резултат на мерките за поддршка на Владата, во согласност со Законот за финансиска поддршка на инвестициите, во моментот се реализираат 19 нови инвестициски проекти во технолошко-индустриските развојни зони, дополнително неколку фабрики надвор од ТИРЗ. Потврдена  е нова инвестиција на словенечката компанија ТАБ МАК во Пробиштип во вредност од 25 милиони евра, како и нова инвестиција за изградба на шински возила на чешката компанија Локо Транс. Во моментот вкупно се градат околу 25 фабрики, кои ќе отворат нови над 5000 работни места, што ќе придонесе за понатамошен развој на економијата во Република Северна Македонија“, нагласи вицепремиерот Анѓушев

“Овие рекордни бројки, од интересот на компаниите на јавниот повик, се знак на доверба во процедурите и инструментите на ФИТР. Воедно истите се показател дека домашните компании имаат потреба од финансиска поддршка и се подготвени да инвестираат сопствени средства во развој и иновации. Особено охрабрува фактот што компаниите предвидуваат ангажман на нови 2726 лица, што е пораст од 59,34% во однос на лани,“ нагласи Деспотовски.

Презентација ПЕР 2019 година 3

Компаниите од ФИТР побаруваат над 70 милиони евра што е за 14 пати повеќе од предвидениот буџет за овој повик во висина од 5 милиони евра.

“Јас верувам во овој процес и позитивните ефекти за економијата, и ќе се заложам заедно со Владата на РСМ да се обезбедат дополнителни средства за финансирање. На тоа не обврзуваат бројките што ги презентираме и денеска, а кои се показател и за ефикасноста на овој дел од економската политика на владата“ порача Деспотовски.

Инаку најголем дел од апликациите се од скопскиот регион, но има и од 27 други места од целата земја. Во однос на секторите, пристигнат се апликации од 28 индустрии, најголем број од ИТ секторот, но меѓу останатите има и од земјоделие, здравство, маркетинг, машинска и прехранбена индустрија.

Во тек е административната проверка по што следи фазата претселекција која ќе ја вршат надворешни стручни лица, домашни експерти од 22 економски дејности. Проектите кои ќе добијат минимум 51 поени во просек преминуваат во втората фаза, во која Комитетот за одобрување на инвестиции, составен од пет странски експерти, ќе ја донесе конечната одлука за финансирање на предлог проекти.

Компаниите и нивните инвестициски предлози ќе се оценуваат по пет категории: степен на иновативност, квалитет на подготвен проект, потенцијал на пазарот, капацитет на апликант и влијание на проектот.

Овие мерки, кои се дел од Планот за економски раст, од годинава се поддржани и од Светска Банка која стана финансиски партнер на ФИТР и Владата во реализација на Планот за економски раст, во делот на комерцијализација на иновациите. Јавниот повик за прибирање на апликации за ко-финансирани грантови беше отворен од 31.03 до 15.05.

Израелски бизниси заинтересирани за македонските компании – корисници на ФИТР

Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) во соработка со амбасадата на Израел во земјава, денеска организираше средба меѓу израелски инвеститори и македонски компании – корисници на ФИТР чија цел е да се отворат нови можности за поддршка и развој на македонските компании и пристап до странски фондови.

“Нашата земја веќе не е изолиран остров туку станува дел од глобалните економски текови. Денес триесетина компании корисници на ФИТР имаат можност за директни средби со потенцијалните израелски инвеститори и верувам дека дел од нив ќе започнат со конкретна соработка,“ изјави Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој. Тој додаде дека Фондот и Владата на Република Северна Македонија остануваат посветени на финансиската поддршка за македонските компании.

Израелски компании македонски компании ФИТР 2

“Годинава се планирани дополнителни 12.5 милиони евра инвестиции преку инструментите на ФИТР. Ние веруваме во потенцијалот на македонските компании и целта на овие иницијативи е да покажеме дека можеме да извезуваме иновативни продукти и услуги наместо човечки капитал,“ рече Деспотовски.

Амбасадорот на државата Израел во Република Северна Македонија, Дан Орион најави дека е ова е проширување на успешната взаемна соработка меѓу двете земји.

Израелски компании македонски компании ФИТР 3

“Веќе работиме на многу проекти во повеќе области. Во нашите односи лежи огромен потенцијал кој треба да се искористи. Денес овде донесов неколку израелски инвеститори кои работат во различни области за да се запознаат со македонските компании. Ова денес е нов почеток кон проширување на взаемната соработка, особено со Фондот за иновации и технолошки развој,“ рече амбасадорот Орион.

Инаку на средбата на израелските инвеститори им беа претставени можностите за инвестиции во земјава, а македонските компании имаа можност за директни средби на кои ги презентираат своите бизнис проекти пред потенцијалните инвеститори.

Меѓу израелските компании и инвеститори има краудфандинг платформа со повеќе од 13000 инвеститори и со над 18 милиони долари инвестиции, потоа компании кои работат во ИТ индустријата со над 9000 вработени низ светот, меѓу кои и во Северна Македонија, како и инвестициски фонд кој работи со стартап компании и е еден од фондовите со најголем процент на успешност на компании кои ги финансираат на светско ниво.

Тридневна работилница за подготовка на проектни апликации за јавниот повик „СтартАПувај“

Во ФИТР во тек е работилница за подготовка на проектни апликации во рамки на тековниот јавен повик за кофинансирани грантови за старт-ап и спин-оф компании – „СтартАПувај“. Целта на триднената работилница е јакнење на капацитетите на потенцијалните апликанти за инструментите на ФИТР.

„Сакаме да ви ги пренесеме искуствата на земјите со развиени иновациски екосистеми за тоа како најдобро да подготвите предлог проекти и да добиете средства за кофинансирање. Ваквите работилници се одлична можност да научите нешто ново. Искористете го тоа максимално за овој и за сите идни повици. Никогаш не се откажувајте, секој повик е можност да стигнете до целта“, изјави Јован Деспотовски, директорот на ФИТР и најави дека вакви работилници ќе има и во иднина.

FITR_Startapuvaj_19-11-18_01

Во текот на следните три дена (19.11.- 21.11), осум експерти со меѓународно искуство од областа на претприемништвото ќе ги обучуваат присутните за различни видови бизнис модели, валидација и анализа на пазар, подготовка на финансиски проекции, подготовка на стратегија за лансирање и продажба на производ и др.

FITR_Startapuvaj_19-11-18_07

Работилницата е во организација на ФИТР, во соработка со Швајцарската програма за претприемништво (Swiss Entrepreneurship Program).

Поради големиот интерес ФИТР до крајот на месецот ќе организира уште една ваква работилница.