Јован Деспотовски ФИТР брифинг

Деспотовски: Целта на Фондот за иновации е од државен да стане инвестициски фонд по примерот на Израел

Над две децении во државава се зборуваше за поддршка на мали и средни претпријатија, но само зборувавме. Ние решивме нешто да направиме и затоа последните бројки велат дека поддршката на околу 350 микро мали и средни компании преку инвестиции од Фондот за иновации, вродиле со плод.

Ова го нагласи директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски во интервју за „Утрински брифинг“ на „Слободен печат“, напоменувајќи дека некои од поддржаните компании значително напреднале по поддршката од државата.

– Ефектот е на пример домашна компанија со 50 вработени, од текстилната индустрија, сега исплаќа просечни плати над 30 отсто од просекот во дејноста. Текстилната компанија воведува и иновација: отпадот не го гори туку со наша поддршка го враќа во производство. Решиле преку паметно работење да влијаат на заштита на животна средина. Тоа се дел од ефектите – објаснува Деспотовски.

Во поглед на комисиите задолжени за оценка на проектите, тој вели начинот на кој Фондот го прави тоа е клучен бидејќи обезбедува и перспектива за глобалниот пазар.

– Можеби некогаш треба да се потпреме на странците. Во првата фаза на евалуација на апликантите, работат домашни внатрешни и надворешни луѓе. Втората е евалуација со петорица странци. Тие пак даваат друга перспектива, не само објективност, односно перспектива за глобалниот пазар. Благодарение на таа глобална перспектива, првите анализи што ги видовме минатата година покажуваат дека компаниите што ги финансираме растат за 50 отсто на годишниот даночен приход пред да добијат поддршка, 60% во однос на добивката, 20% во однос на вработеноста, 40 во однос на просечните плати – објасни Деспотовски.

Во однос на старт-ап проектите, целта е да се анимираат младите да започнат свој бизнис во Македонија. Патем отворен е конкурс кој трае до средината на февруари насочен кон потпомагање за отпочнување бизнис.

Прашан дали Фондот има проекција да прерасне од државен во инвестициски фонд, Деспотовски вели:

„Размислуваме во таа насока. Во текот на 2020 година ќе започнат еквити-вложувањата, концепт врз кој се базираат вложувањата во Израел на пример. Работиме и со Израел и со Светска банка. Целта секако е Фондот да не биде државна институција туку место каде и државата и приватни инвеститори ќе може да вложуваат и да заработуваат“, одговори директорот на Фондот за иновации.

Целото интервју можете да го погледнете тука: