IMG_1622-naslovna

Одржана донаторска конференција на 50-те најголеми компании за храна

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски, денеска учествуваа на „Донаторска конференција на 50-те најголеми компании за храна“, организирана од страна на граѓанската организација „Ајде Македонија“.

Во своето обраќање премиерот Зоран Заев рече дека системот „Сите сити“ кој се промовираше на конференцијата, е добар пример како може да работат заедно граѓанскиот сектор, бизнис секторот и Владата за подобрување на состојбата на сите граѓани и упати јавна покана, во функционирањето на системот да се вклучат и други субјекти, со цел да се зголеми неговиот капацитет и да се опслужат што повеќе граѓани на кои им е потребна храна.

2

„Денешната донаторска конференција е показател дека секој од нас може да се вклучи и да направи нешто, за да помогне. Социјалната правда е основата на секое здраво и напредно општество, а солидарноста е одлика на нашиот концепт „Едно општество за сите“, каде елементарниот приоритет е граѓанинот, неговите права и еднакви можности, без поделби и исклучоци“, рече премиерот Заев.

Покрај целосната поддршка на Владата, за мрежата на 31 граѓански организации „Сите сити“ дадоа поддршка и Министерството за труд и социјална политика заедно со Фондот за иновации и технолошки развој, преку пилотирање на потенцијални модели и Програма, којашто ќе даде системска одржливост во напорите за помош на социјално ранливата категорија граѓани.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска се заблагодари на сите компании коишто даваат поддршка на оваа иницијатива, но и сите граѓански организации и институции, посебно на ФИТР за обезбедување на два милиони денари и препознавање на вредноста да се инвестира во систем, којшто ќе ги најаде сите граѓани кои во моментот се гладни.

IMG_1775

„Денеска, во светот има 800 милиони луѓе коишто се гладни и секое четврто дете е со заостанат развој само поради тоа што има недостаток на храна, а притоа сите истражувања покажуваат дека немаме недостаток на храна, туку вишок. Во нашата земја имаме 12 тони вишок на храна, со која може да нахраниме 26.000 наши сограѓани, и тоа ни кажува дека сите тие коишто денеска на некој начин се во системот на социјална заштита и примаат одреден додаток, ќе може да им го надополниме нивното мени и да добијат соодветен оброк“, рече министерката Царовска и додаде дека се очекува до крајот на 2020 година, со ова системско решение за собирање и дистрибуција на безбедна и здрава храна од компаниите, да има понајадени деца и семејства, а тоа значи попродуктивни и посреќни граѓани коишто ќе можат да вложат во економијата на државата.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски истакна големо задоволство што по само една година од првичната иницијатива, денеска веќе има конкретни резултати во реализацијата на иновативното решение за обезбедување на оброк за сите.

IMG_1830

„Проектот „Оброк за сите“ е дел од нашите политики за повторно враќање на солидарноста, како вредност во општеството што беше занемарено години наназад, и со кој целиме кон значително зголемување на процентот на задоволување на потребите за храна кај оние наши сограѓани кои имаат потреба од ваква поддршка. Таа цел може да се оствари со подобра организација и искористување на постојните ресурси што државата и компаниите ги имаат на располагање. Вистински наш партнер во овој проект се НВО секторот и компаниите“, рече во своето обраќање директорот на ФИТР, Деспотовски и додаде дека соработка ќе се проширува и на други проекти во делот на социјалните и иновациите во јавниот сектор.