Екомонитор проект на Инфопројект поддржан од ФИТР

Еко монитор – Иновативен систем поддржан од ФИТР кој ќе мери загадување на ниво на улица

Проектот „Еко монитор“ на македонската компанија „Инфопројект“ претставува хиперлокален систем за мониторинг на загадувањето во урбаните средини. Освен загадувањето се мерат и други метеоролошки параметри како што се осончување, радијација, соларизација правец и брзина за ветер – секаде каде што ќе се утврди дека има потреба се монтираат овие дополнителни сензори.

„Хиперлокален се вика затоа што може со голема точност и прецизност да се утврди каде на ниво на улица се наоѓа загадувањето. Проектот е така замислен да има повеќе мерни станици кои комуницираат со една комуникациска станица. Станицата ги праќа до централен сервер каде тие се обработуваат и се дава статистичка и математичка анализа. Она што е важно да се потенцира е дека е планирано и во тек на развој во рамките на проектот е предвидување врз база на постоечки параметри каде во иднина би се појавило загадување со цел превентивно да може да се интервенира.“, вели Петар Јордановски од компанијата „Инфопројект“

Тој посочува дека „Еко монитор“ е македонски производ кој е регистриран во Државниот завод за индустриска сопстеност, развиен е целосно во нашата земја и патентиран. Неговата компанија веќе има поренато постапки за регистрација во соодветните европски институции.

„Податоците кои се генерираат од мерните станици ќе бидат јавно достапни на сервер и слободни за преземање од секој кој ќе сака да ги прегледа, обработи за свои математички потреби, но и да види дали се точни и коректни.“, истакнува претставникот на компанијата во видеото.

„Еко монитор“ на македонската компанија „Инфопројект“ е еден од 9 проекти кои ФИТР ги поддржува со цел давање на конкретен придонес и резултати во намалувањето на загадувањето на воздухот. Фондот за иновации и технолошки развој досега поддржува повеќе од 35 проекти во делот на заштитата на животната средина.

Како Фонд воведовме и обврска за сите компании кои ги финансираме на било кој јавен повик на ФИТР, пред потпишување на договорите да се прави независна проценка дали проектите што се финансираат имаат некаков удел во загадувањето. Целта на ФИТР е економски раст базиран на одржливи параметри, кој не продуцира загадување на животната средина.

Повеќе инфо: Презентирани девет проекти за намалување на загадувањето поддржани од ФИТР