ЈАВЕН ПОВИК ЗА ФИНАНСИРАЊЕ НА ПРЕДЛОГ ПРОЕКТИ

преку Инструментот за поддршка – кофинансирани грантови за технолошка екстензија

Врз основа на член 25 од Законот за иновациската дејност („Службен весник на Република Македонија“ број 79/2013, 137/2013, 41/2014, 44/2015, 6/2016, 53/2016, 190/2016 и 64/2018), Фондот за иновации и технолошки развој на 29.05.2018 година објавува Јавен повик за поднесување на предлог проекти за финансиска поддршка преку Инструментот за поддршка – кофинансирани грантови за технолошка екстензија.

Повикот е затворен

Опис на Инструментот за поддршка

Финансирањето преку овој Инструмент е наменето за поддршка на усвојување и прилагодување на иновативни и напредни технологии и подобрување на деловните процеси во микро, малите и средните претпријатија (во понатамошниот текст: МСП). Технолошката екстензија треба да биде насочена кон група на МСП со цел да се подобри нивната продуктивност и конкурентност и да се постигне секторско влијание.

Поддршката може да биде доделена за две фази од технолошката екстензија:

Фаза 1 – Дијагностика и План за подобрување и

Фаза 2 – Имплементација на План за подобрување.

Во случај веќе да постои Дијагностика и План за подобрување (Фаза 1), апликантот може да аплицира само за Фаза 2.

За да биде подобна за финансирање преку овој Инструмент, дијагностиката на технологијата мора да го содржи следново:

–  Проценка на:

  • Лидерство (на пример, стратешка насока, основни компетентности итн.);
  • Луѓе / човечки ресурси;
  • Партнерства и ресурси;
  • Внатрешни процеси;
  • Производствени и оперативни технологии;
  • Производи и услуги;
  • Клиенти и конкуренти;
  • Финансиски и оперативни перформанси; и
  • Еколошка одржливост.

–  Идентификација на:

  • Релативни предности и слабости на претпријатието;
  • Стратешки деловни прашања за претпријатието;
  • Критични области за подобрување на работењето во рамките на претпријатието; и
  • Потенцијални начини за претпријатието да расте.

– План за подобрување кој ги опишува наодите и симптомите, приоритетните активности со предложените придобивки, временската рамка за имплементација и каква друга помош е достапна за МСП.

Следново, исто така, ќе биде пожелно и може да се смета за опционо:

  • Проценка на секторскиот синџир на набавки, со оглед на тоа што друштвата вклучени во секој предлог, најверојатно, ќе вршат истородна дејност;
  • Спроведување на формална анализа која дава клучни индикатори за перформанси според кои ќе се мерат промените и подобрувањата.

Дијагностиката може да вклучи различни методологии и сеопфатни анализи, но Планот за подобрување мора да се однесува на секое МСП определено како краен корисник во Фаза 2 одделно и на урамнотежен начин.

Во случај веќе да постои Дијагностика и План за подобрување, експерт со искуство во спроведување на минимум 3 (три) дијагностики за технолошка екстензија, од кои најмалку 1 (една) се однесува на повеќе МСП во конкретното поле кое е најрелевантно за предлог проектот, мора да потпише Изјавата за со која се потврдува дека дијагностиката ги исполнува горенаведените услови .

Општи услови за кофинансирање

Преку овој Инструмент, Фондот обезбедува финансирање до 50% (педесет проценти) од вкупниот буџет на проектот, во максимален износ од 500.000,00 (петстотини илјади) евра за двете фази. Преостанатиот износ од вкупниот буџет на проектот треба да го обезбеди апликантот.

За проекти кои се состојат од Фаза 1 и Фаза 2, буџетот за спроведување на Фазата 1 може целосно да биде покриен од страна на Фондот при што финансискиот придонес на Фондот за Фаза 1 не смее да надмине 10% од вкупното дозволено кофинансирање од страна на Фондот за целиот проект т.е. не смее да надмине максимален износ од 50.000,00 евра (педесет илјади евра).

Кофинансирањето од страна на Фондот наменето за имплементација на Планот за подобрување не смее да надмине 200.000,00 евра (двесте илјади евра) за поединечен краен корисник (МСП).

Критериуми за подобност

Критериумите за подобност кои апликантот треба да ги исполнува се:

  • да биде правно лице регистрирано во Централниот регистар на Република Македонија;
  • да биде правно лице основано во согласност со Законот за здруженија и фондации или основано во согласност со Законот за трговски друштва или основано во согласност со Законот за стопанските комори кое треба да дејствува како кластер, стопанска интересна заедница или деловно здружение;
  • да има најмалку 50,1% македонски основачи / сопственици.

Критериумите за подобност кои тимот за имплементирање на апликантот треба да ги исполнува се:

Проект менаџер:

  • Искуство во управувањето со големи проекти со буџет над 200.000,00 евра (двесте илјади евра);
  • Искуство во управувањето со проекти кои го вклучуваат приватниот сектор.

Проектен тим:

За Фаза I (ако е применливо):

  • Најмалку еден член на тимот да има искуство во спроведување на минимум 3 (три) дијагностики за технолошка екстензија (во согласност со одредбите од член 3 од овој Правилник), од кои најмалку 1 (една) да се однесува на повеќе МСП во специфичната област најрелевантна за предлог проектот.

За Фаза II:

  • Најмалку еден член на тимот да има најмалку 5 (пет) години професионално искуство во обезбедување услуги во конкретната област во приватниот сектор;
  • Најмалку еден член на тимот да има професионално искуство во давање услуги во конкретната област на најмалку 5 (пет) МСП.

Критериуми за подобност на краен корисник/корисници (Крајни корисници се МСП за кои е наменета технолошката екстензија):

  • да е претпријатие основано во согласност со Законот за трговски друштва и е регистрирано во Централниот регистар на Република Македонија,
  • да биде микро, мало или средно претпријатие (до 250 вработени),
  • да биде со доминантно македонска сопственичка структура (од 50,1% или повеќе)[1],
  • да биде во сопственост на физичко(и) лице(а) и/или микро, мало(и) или средно(и) претпријатие(ја) (со македонска сопственичка структура од 50,1% или повеќе) и/или високообразовна(и), односно научно-истражувачка(и) установа(и) (до 20% сопственост во крајниот корисник),
  • да нема акумулирано повеќе од 200.000,00 (двестотини илјади) евра помош од мало значење во последните три фискални години, вклучувајќи го и износот што го бара од Фондот во согласност со Законот за државна помош и Уредбата за условите и постапките за доделување на помош од мало значење (de minimis),
  • да нема акумулирано повеќе од 100.000,00 (сто илјади) евра помош од мало значење во период од три години, вклучувајќи го и износот што го бара Фондот, ако претпријатието е активно во секторот за патен транспорт, согласно Законот за државна помош и Уредбата за условите и постапката за доделување на помош од мало значење (de minimis),
  • да нема потешкотии во работењето (едно претпријатие е во потешкотии кога не е во можност да ги исполни своите обврски од своите сопствени средства или од средства што може да ги добие од сопственикот / содружниците или доверителите, за да ги покрие загубите што без надворешна интервенција на давателите на помош многу веројатно ќе доведе до краткорочен и долгорочен прекин на работењето на претпријатието),
  • да не се занимава со производство на јаглен.

[1] Крајниот корисник е во мнозинска сопственост (над 50,1 %) на македонски државјани/н

Подобни трошоци за финансирање

  • Следните трошоци ќе бидат подобни за финансирање:

    Фаза 1 – Дијагностика и План за подобрување:

    • Трошоци за управување и администрација до 7% од вкупниот буџет за Фаза 1;
    • Консултантски услуги за дијагностика и изготвување на План за подобрување.

    Фаза 2 – Имплементација на План за подобрување:

    • Трошоци за управување и администрација до 7% од вкупниот буџет за Фаза 2;
    • Трошоци поврзани со набавка на нова технологија (на пример, продажна цена, превоз, царина, осигурување, инсталација, обука, ДДВ, итн.);
    • Трошоци поврзани со адаптација на инфраструктурата директно поврзана со конкретните активности за технолошка екстензија;
    • Трошоци поврзани со набавка на лиценци (надоместоци за лиценцирање);
    • Трошоци поврзани со обезбедување на квалитет, сертификација и стандардизација;
    • Консултантски услуги поврзани со имплементација на Планот за подобрување (вклучувајќи развој на техничка спецификација).

    Само трошоците направени за време на проектот во согласност со одобрениот буџет на проектот и завршени до крајот на проектот се подобни за финансирање.

Трошоци кои не се подобни за финансирање

Трошоци кои не се подобни за финансирање според овој Инструмент се:

  • Камата или долг на друга страна;
  • Трошоци и провизии за минати или можни идни загуби или долгови;
  • Курсни загуби, провизии и казни;
  • Трошоци за репрезентација;
  • Трошоци за регрутирање на кадар и трошоци за преселба на кадар;
  • Набавка на земјиште или згради, вклучувајќи какво било реновирање;
  • Готовински исплати од посебната сметка за проектот;
  • Извозни активности (трошоци директно поврзани со извозните активности или воспоставување и работење со дистрибутивна мрежа или други тековни трошоци поврзани со извозните активности на компанијата);
  • Набавка на товарни превозни возила од претпријатија што вршат товарен патен превоз за изнајмување или надоместок;
  • Набавка на половна опрема
  • Трошоците за спроведување на активности кои претходно биле финансирани од други извори исто така не се подобни за финансирање.

Критериуми за евалуација на предлог проектот

Главните критериуми за евалуација на проекти и доделување средства преку овој Инструмент се:

  • Технолошко подобрување;
  • Квалитет на проектот;
  • Капацитет на проектниот тим;
  • Пазарен потенцијал:
  • Соработка;
  • Влијание;
  • Процедури за обезбедување квалитет, стандардизација и сертификација.

Главните критериуми и подкритериуми за евалуација на проектите се дадени во Табела за евалуација.

Времетраење на проектот

Вкупното времетраење на проектите (Фаза 1 и Фаза 2) финансирани преку овој Инструмент не смее да надмине 24 (дваесет и четири) месеци.

Времетраењето на имплементација на Фаза 1 не смее да надмине 6 (шест) месеци.

Проектите кои вклучуваат само Фаза 2 не смеат да надминат 24 (дваесет и четири) месеци.

За повеќе информации, можете да го погледнете Правилникот за инструментот за поддршка – кофинансирани грантови за технолошка екстензија.

Вкупен буџет

За финансирање на проекти под овој инструмент обезбеден е вкупен износ од 1.700.000,00 (еден милион и седумстотини илјади) евра, односно 104.550.000,00 (сто и четири милиони и петстотини и педесет илјади) денари.

Средства добиени од Фондот по која било друга основа или која било друга државна помош, нема да се сметаат за прифатливи средства за кофинансирање од страна на апликантот.

Начин на аплицирање

За да аплицира апликантот треба да:

  • се регистрира на следниот линк: fitr.mk/ekstenzija
  • да ги поднесе пополнети, потпишани и печатирани обрасците за Проектна апликација, Буџет на проектот, Изјава на апликантот за прифаќање на условите на Фондот и Прашалник за животна средина;
  • поднесе биографии од проектниот менаџер и проектниот тим;
  • поднесе извод од Тековна состојба од Централниот регистар на Република Македонија (не постара од 6 (шест) месеци;
  • биланс на успех поднесен во Централен рeгистар на Република Македонија за претходните две години

За проекти кои вклучуваат само Фаза 2 – Имплементација на Планот за подобрување, апликантите треба да достават и:

  • посебен документ за спроведената Дијагностика и План за подобрување што се во согласност со одредбите од член 3 на овој Правилник. Дијагностиката, исто така, треба да вклучува рамка за мониторинг и евалуација базирана на резултати за спроведување на Планот за подобрување;
  • изјава за усогласеност;
  • тековна состојба издадена од Централниот регистар на Република Македонија, не постара од 6 (шест) месеци за секој од крајните корисници;
  • биланс на успех поднесен во Централен рeгистар на Република Македонија за претходните две години за секој од крајните корисници освен за претпријатија кои се регистрирани во истата година кога е поднесен предлог проектот.

Бараните документи треба да се пополнети на македонски јазик и во PDF формат да се испратат на следната e-мaил адреса: ekstenzija@fitr.mk

Проектната апликација, Буџетот на проектот и биографиите на главните лица ангажирани на проектот се пополнуваат и доставуваат и на англиски јазик.

Рок за аплицирање

Аплицирањето на јавниот повик трае заклучно со 27.07.2018 година, до 23:59 часот.

За финансирање ќе бидат земени предвид само оние предлог проекти кои се пополнети во обрасците определени за јавниот повик од страна на Фондот, доставени на горенаведениот начин и во дадениот рок.

Дополнителни информации

Правилата и процедурите за спроведување, следење и надзор на проектот се дефинирани во Правилникот за инструментот за поддршка – кофинансирани грантови за технолошка екстензија и Правилникот за управување со инструментите за поддршка на Фондот за иновации и технолошки развој.

За сите дополнителни информации можете:

  • да не посетите во контакт канцеларијата на Фондот на адреса Димитрие Чуповски бр. 8 (на Рекорд)
  • да ни пишете на електронската адреса: info@fitr.mk
  • да се јавите на телефонскиот број: 02/322-3373

Со да цел да Ви помогнеме при подготовка на предлог проектите, за времетраење на повикот Фондот ќе организира инфо настани и консултативни средби. Информациите за овие активности ќе бидат навремено објавувани на веб-страницата на Фондот и на нашиот Facebook профил.

Често поставувани прашања

1. Кои услови треба да ги исполни апликантот за да биде подобен за финансирање под овој инструмент?

За да биде подобен за финансирање под овој инструмент апликантот треба да биде правно лице основано во Централниот регистар на Република Македонија во согласност со еден од следните закони: Закон за здруженија и фондации, Закон за трговски друштва, Законот за стопански комори и да има најмалку 50,1% македонски основачи / сопственици. Апликантот се претпочита да дејствува како кластер, стопанска интересна заедница или деловно здружение.

2. Дали поединечно претпријатие може да се јави како апликант под овој инструмент?

Да, поединечно претпријатие кое ги исполнува критериумите за подобност за овој инструмент може да се јави како апликант под овој инструмент. Меѓутоа, поединечно претпријатие не може да биде краен корисник на технолошката екстензија. Поединечното претпријатие – апликант треба да ги обезбедува услугите за технолошка екстензија и поддршката на групата МСП како крајни корисници. Ова значи дека апликантот фактички делува како посредник помеѓу Фондот и крајните корисници – група на микро мали или средни претпријатија.

Предлог проектот не може да се однесува на технолошка екстензија на едно поединечно претпријатие. Во согласност со член 3 од Правилникот за инструментот за поддршка – ко-финансирани грантови за технолошка екстензија, „технолошката екстензија треба да биде насочена кон група на МСП со цел да се подобри нивната продуктивност и конкурентност и да се постигне секторско влијание“.

3. Дали е подобна фондација чии основачи се македонци, а одлуките ги донесува УО кој е составен од странски државјани?

Да, фондација во чија основачка структура се појавуваат најмалку 50,1% лица кои се државјани на Република Македонија ги исполнува критериумите за подобност под овој инструмент, независно што членовите на управниот одбор на истата се странски државјани.

4. Доколку по имплементација на Фаза 1 – Дијагностика и План за подобрување Комитетот за одобрување на инвестиции не одобри финансирање на Фаза 2 – Имплементација на План за подобрување дали корисникот ги враќа на фондот средствата потрошени за имплементација на Фаза 1?

Средствата доделении за Фаза 1 и наменски потрошени за потребите на спроведување на Фаза 1 се неповратни, односно корисникот нема обврска истите да ги врати во случај Комитетот за одобрување на инвестиции да не одобри финансирање на втората фаза од проектот.

5. Како апликантот докажува дека тимот ги задоволува критериумите наведени во повикот и во Правилникот за инструментот за поддршка – ко-финансирани грантови за технолошка екстензија?

Апликантот во делот „III. ПРОЕКТЕН ТИМ“ во проектната апликација треба да внесе информации за квалификации на членовите на тимот кој ќе го спроведува проектот, согласност со критериумите наведени во јавниот повик и правилникот за соодветниот инструмент за поддршка. Исто така, во прилог на проектната апликација, апликантот треба да достави биографии на клучните луѓе на проектот (најмногу 5 биографии).

За точноста на податоците наведени во проектната апликација гарантира апликантот.

Фондот има право да побара дополнителни информации/документи да бидат доставени од страна на апликантот со цел проверка на наведените квалификации на членовите на проектниот тим.

Исполнувањето на критериумите за подобност на тимот се оценува при оценувањето на предлог проектите.