Инфо сесија Битола за комерцијализација на иновации 1

ФИТР од денес со децентрализирани информации и поддршка за компаниите

Фондот за иновации и технолошки развој во соработка со Фондацијата за развој на претприемништво, регионална и прекугранична соработка Битола, денеска организираше презентација на Инструментот за кофинансирани грантови за комерцијализација на иновации, на која присуствуваа претставници на педесетина мали, микро и средни претпријатија од Пелагонискиот регион.

„Фондот е отворена државна институција. Целта на овој настан во Битола е на компаниите од Пелагонискиот регион да им ги приближиме инструментите на ФИТР и можностите за финансиска поддршка од државата“, изјави Јован Деспотовски, директор на ФИТР.

Инфо сесија Битола за комерцијализација на иновации 2

Тој додаде и дека Фондот ќе продолжи на домашните компании да им обезбедува користење на бесплатна советодавна поддршка и техничка помош, а за прв пат оваа поддршка ќе се нуди и децентрализирано во Битола. ФИТР во соработка со Фондацијата за развој на претприемништво, регионална и прекугранична соработка како партнерската организација на компаниите од овој регион ќе им обезбеди поддршка на потенцијалните апликанти, и ќе нуди информации поврзани со инструментите, деталите, условите и можностите за аплицирање. Вакви инфо-центри во наредните денови ќе почнат да функционираат и во Тетово и Струмица, во соработка со локални партнерски организации и здруженија.

“Особено не охрабрува фактот што имаме голем интерес кај компаниите за нашите инструменти, што истоврмено е знак на доверба во самата инстутуција и процесите што ги спроведуваме. Последните бројки велат дека од објавувањето на овој јавен повик од крајот на март до сега се преземени околу 850 апликациски пакети при што очекуваме голем дел од нив и да поднесат предлог апликации,“ рече Деспотовски, охрабрувајќи ги компаниите од овој регион да инвестираат во развој на иновативни проекти.

Инфо сесија Битола за комерцијализација на иновации 3

Инаку, јавниот повик за Инструментот за кофинансирани грантови за комерцијализација на иновации е отворен до 15.05.2019 година, и тој има за цел да се поттикне зголемување на активностите за истражување и развој во приватниот сектор, да се охрабри соработката меѓу приватниот сектор и приватниот сектор со високообразовните и научноистражувачките установи, како и останатите форми на соработка за комерцијализација на иновации.

Сите информации поврзани со повикот, апликацискиот формулар, како и правилниците и формуларите за оценување се објавени на следниот линк: www.fitr.mk/inovacii