Потпишување на Меморандум за соработка помеѓу ФИТР и Македонска банкарска асоцијација (МБА)

ФИТР и Македонска банкарска асоцијација потпишаа меморандум за соработка за олеснет пристап до финансиски средства за домашните компании

Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) и Македонската банкарска асоцијација потпишаа Меморандум за соработка за олеснување и зголемување на пристапот до финансиски средства за домашните компании и отворање на дополнителни можности за инвестирање во иновации.

Со Меморандумот е предвидено Фондот и деловните банки да соработуваат во креирање на посебни финансиски инструменти кај банкарскиот сектор за финансиска поддршка на компаниите за развој на иновации. Со програмите би биле опфатени компании што имаат потреба од ко-финансирање на проекти, за кои Фондот обезбедува дел од средствата, но и компании кои аплицирале, но не успеале да обезбедат финансиска поддршка од Фондот, заради ограничени ресурси. Со ова се очекува и банкарскиот сектор во државата поактивно да се вклучи во финансирање на проекти со потенцијал за значителен раст.

Целта на овој документ е и промоција на економскиот раст и одржлив развој преку поттикнување на претприемничката култура што вклучува и заеднички едукативни и промотивни активности, зголемување на нивото на финансиската писменост за бизнис развој и комерцијализација на иновации.

Меморандумот за соработка го потпишаа директорот на Фондот, Јован Деспотовски и претседателката на Македонската банкарска асоцијација, Маја Стевкова Штериева. Деспотовски нагласи дека Фондот за иновации и технолошки развој, со потпишувањето на овој меморандум, прави конкретни чекори во поглед на олеснувањето на пристапот до финансиски средства за микро, малите и средните компании во државата.

„Со потпишувањето на овој меморандум, Фондот, заедно со Македонската банкарска асоцијација, реално придонесува кон натамошно проширување на можностите за финансирање на домашните компании, во делот на иновациите и технолошкиот развој, а со тоа и раст и развој на целокупната економија. Се надевам дека во иднина овие наши конкретни чекори ќе им овозможат на домашните компании да уживаат во придобивките од една стабилна и одржлива економија,“ посочи Деспотовски.

Маја Стевкова Штериева ја потврди заложбата на Македонската банкарска асоцијација со конкретни дејствија да се олесни пристапот на домашните компании до финансии, преку организирање обуки и тренинзи, и преземање конкретни активности за подобрување на финансиската писменост на потенцијалните апликанти.

“Кон крајот на мината година, Фондот за иновации и технолошки развој ги презентираше инструментите за финансиска поддршка на домашните компании пред членките на Македонската банкарска асоцијација. На средбата дискутиравме за кредитна поддршка  на банките за корисниците на ФИТР и за компаниите чии предлог проекти поради ограничените финансиски ресурси на Фондот не се одобрени за финансирање, а имаат потенцијал за реализација и развој на проектот. Претставниците на банките  изразија подготвеност да ги разгледаат сите можности за соработка и поддршка во финансирањето. Во таа смисла беше договорено да се воспостави систем за размена на информации помеѓу ФИТР И МБА со цел реализација на овие иницијативи.

Со потпишувањето на овој меморандум за соработка, ќе се овозможи идентификување на компании кои се јавиле како апликанти на повиците на Фондот и не се избрани за доделување на финансиска поддршка од страна на Фондот, како и компании корисници на финансиска поддршка од Фондот кои би имале интерес за дополнителна финансиска поддршка од страна на банките – членки на МБА, со цел да се овозможи  реализација на нивните бизнис планови,“ изјави Штериева.