Презентирани 9 проекти поддржани од ФИТР за намалување на загадувањето 1

Презентирани девет проекти за намалување на загадувањето поддржани од ФИТР

Во просториите на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) денеска беа презентирани девет проекти за намалување на загадувањето на воздухот, поддржани преку три различни програми на ФИТР: „О2 Предизвик“, „Комерцијализација на иновации“ како и „Предизвик за млади истражувачи“.

На презентацијата учествуваа преставници на домашни мали и средни компании, како и учениците од средното училиште „Раде Јовчевски Корчагин“ од Скопје.

За презентираните проекти направени се мерења во лабораториска и реална средина, а резултатите беа презентирани пред присутните на денешниот јавен настан.

Презентирани 9 проекти поддржани од ФИТР за намалување на загадувањето 2

Проектот за електричен велосипед со вградени филтри за воздух на „Венито Комерц“ покажува ефект на прочистување на загадување од ПМ10 и ПМ2,5 честички колку што создаваат два автомобили со дизел мотор.

Пречистувачот на воздух за отворени средини на Дарис инженеринг ДООЕЛ Скопје се очекува да пречистува до околу 400.000 м3 воздух на час и притоа првичните мерења покажуваат ефекти видливи веднаш по поставувањето.

Проектот на „Металотехника“ од Прилеп обезбедува заштеда на енергија за загревање на домовите од најмалку 30% со нанотехнологија технологија изработена од локални материјали.

Средношколците од „Раде Јовчевски Корчагин“ презентираа концепт на „внатрешен прочистувач на воздух“ базиран на искористување на специфични растенија во училниците.

Компанијата „Еко Солар“ го претстави прототипот на мерни станици, кои чинат 90% помалку од цената на увезени, а се базираат на искористување на современа технологија за мерење и лоцирање на загадувачи со значително поголема прецизност од постојните мерни станици.

Презентирани 9 проекти поддржани од ФИТР за намалување на загадувањето 3

Проектот на „ББ Класик карс“ го презентираше прототипот на електричен автомобил од домашно производство со 0 емисија на штетни честички во воздухот, што може да помине до 150 км со едно полнење на батерија и да развие просечна брзина до 120 км/ч. За автомибилот веќе е обезбеден TUV сертификат од Германија и се презентира на пазарите во Италија. Цената на чинење на овој автомобил е во просек за 40% пониска од сличните што се нудат на пазарот од странски производители.

Проектот на компанијата „Технобен Нова“ за филтер за прочистување на индустриски капацитети покажува намалување на емисија на ПМ честичките за половина, односно од 0.152 е намалена на 0.076. Додека јаглеродниот моноксид исто така се намалува од 1460 на 683 мг/м3. Соларниот панел на компанијата „Еко Солар“ за 5 месеци покажува заштеда од 675 kWh и намалување на аерозагадување – со употреба на само еден колектор на годишно ниво – од 698 ЦО2 на 260ЦО2.

Дополнително, Технолаб преку проектот поддржан од ФИТР веќе работи на развој на нови методи за испитување на животната средина, а компанијата Инфопројект го претстави прототипот на производот Екомонитор кој ќе овозможи собирање на податоци за квалитетот на воздухот, температурата, ветрот и други метереолошки податоци во урбаните средини.

На презентацијата на ефектите се обрати и директорот на Фондот Деспотовски, кој изјави: „Денес претставуваме резултати од 9 проекти за намалување на загадувањето на воздухот, финансирани преку различни механизми на ФИТР во кои се инвестираат околу 1 милион евра, од кои 250 илјади се влог на самите компании. Реални проекти, со реални луѓе, на реални компани и со реални ефекти. Јас не велам дека овие проекти денес ќе го решат проблемот со загадувањето во нашата земја или на глобално ниво, но тие секако даваат придонес. Најлесно е сите да покажеме со прст кон Министерството за животна средина и да чекаме тие да го решат проблемот. Но, сметам дека сите институции, организации, па и поединци треба и мора да дадеме придонес, секој во својата област и микро средина овој глобален проблем да се надмине. Како Фонд, воведовме и обврска за сите компании кои ги финансираме, и пред потпишување на договорите се прави независна проценка дали проектите што се финансираат, а треба да донесат економски раст, имаат некаков удел во загадувањето, нагласи Деспотовски.

Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, истакна дека еден од најефикасните начини за справувањето со загадениот воздух се иновациите, област во која Европската Комисија ги насочува своите активности и политики.

„Европа се судрува со две кризи, економската, односно големата нееднаквост во земјите членки и земјите кои сакаат да станат дел од Унијата, а втората е екологијата и предизвиците што ги носат климатските промени и животната средина. Овие кризи се креирани од политички одлуки и само така можат да се решат, се разбира со помош на иновации, вредни млади луѓе и секако науката. Нашата земја работи на обезбедување финансиски инструменти за поддршка на иновациите во оваа област, а тие пак треба да водат транзиција во зелена економија. Драго ми е што Фондот го препознава ова, односно потребата да создадеме капацитет да бидеме подготвени во процесот на преговори и да можеме вистински да придонесеме во намалувањето на загаденоста на воздухот,“ кажа Макрадули.

Деспотовски најави и нови програми и повици во овој дел, а следен би бил нов јавен повик – „О2 Предизвик 2“, што ќе се спроведува во партнерство со Министерството за животна средина, невладините организации кои работат во оваа област и со УНДП.