Web factory Веб фактори ПСЦ од видео

ФИТР со поддршка на проект на македонската компанија Веб фактори

Веб фактори е македонска софтверска компанија која на пазарот веќе постои 10 години. Во соработка и поддршка на #ФИТР, тие го спроведуваат проектот „Пендулибриум“ кој е насочен кон примената на вештачката интелигенција. За овој проект тие имаат оформено посебен нов сектор за имплементација во рамките на компанијата.

„Вештачката интелигенција претставува четвртата индустриска револуција со која ќе се автоматизираат многу процеси во сите сфери. Конкретно, ние целиме кон финансискиот сектор, каде што изработуваме софтвер за управување со финансиски средства. Насочен е кон мали и средни бизниси кои што немаат соодветен тим за финансиски анализи“, објаснуваат од компанијата.

Врз основа на финансиските извештаи, тимот на Веб фактори преку „Пендулибриум“ прави анализа и дава навремена информација за текот на паричните средства.

„На пример, доколку се предвиди дека компанијата има суфицит на финансиски средства, се изработува план за нивна инвестиција и обратно, доколку има дефицит се предлага кредит или други начини за зголемување на ликвидноста на компанијата“, вели претставникот на оваа македонска компанија во видеото.

Од Веб фактори истакнуваат дека Фондот за иновации и технолошки развој преку кофинансирањето на овој проект им помага првенствено во обучување на потребните кадри и поставувањето на хардверската инфраструктура за примена на вештачката интелигенција. Со тоа, и нашата економија ги следи светските трендови на огромни инвестиции во полето на вештачката интелигенција.

Компанијата „Веб фактори“ е една од над 130 домашни компании/конзорциуми поддржани од ФИТР во рамките на првиот јавен повик од Планот за економски раст (ПЕР) на Владата на Република Северна Македонија

Само со првиот и вториот инвестициски бран се реализираат инвестиции во домашниот приватен сектор во износ од 28 милиони евра. Се ангажираат над 780 лица, од кои 158 се нови работни места, со просечна плата од 45.000 денари.