Инфо сесија комерцијализација на иновации во Тетово 1

Досега околу 1000 презмени апликациски пакети за вториот повик од Планот за економски раст на Владата

Фондацијата за поддршка на претпријатија – ЕСА Тетово и Стопанската Комора на Северо-Западна Македoнија во соработка со Фондот за иновации и технолошки развој, организираа презентација поврзана со Инструментот за кофинансирани грантови за комерцијализација на иновации пред компаниите од северозападниот регион и членки на СКСЗМ. На претставниците на компаниите им се обратија министерот за економија, Крешник Бектеши и директорот на ФИТР, Јован Деспотовски.

Министерот Бектеши нагласи дека малите и средните претпријатија се двигатели на инклузивниот економски раст во Република Северна Македонија и во создавањето на продуктивни и одржливи работни места.

Инфо сесија комерцијализација на иновации во Тетово 2

„Со ваквата поддршка сакаме да ја подигнеме конкурентноста на малите и средни компании, за да можат да соработуваат со други компании од земјата и надвор од неа, односно да бидат извозно ориентирани. Крајна цел на целиот тој процес е развој на општеството. Развојот на МСП долгорочно гледано води кон јакнење на целокупната економија,“ рече министерот Бектеши.

Директорот на ФИТР, Јован Деспотовски нагласи дека Фондот ќе продолжи на домашните компании да им обезбедува користење на бесплатна советодавна поддршка и техничка помош.

„ФИТР е отворена државна институција. Настојуваме целосно да ги доближиме програмите, можностите и критериумите до сите компании, во сите региони. Започнавме процес на децентрализиран пристап до информации, советодавни услуги и техничка помош. Тетово е еден од трите први урбани центри кои учествуваат во овој процес. Фактот што во овие три недели од објавувањето на повикот имаме околу 1000 презмени апликациски пакети ни е само мотив повеќе да продолжиме да работиме и понатаму со исто темпо. Тоа истовремено е и знак на доверба на компаниите во иниституцијата и начинот на којшто работиме.“ – изјави Деспотовски.

Инфо сесија комерцијализација на иновации во Тетово 3

Вкупната вредност на предвидените средства за овој инструмент е пет милиони евра, од кои 3 милиони евра обезбедува државата, додека 2 милиони обезбедува Светската банка.

Проектите кои се поддржани со овој инструмент се: истражувачки и развојни активности, активности за тестирање, активности за заштита на интелектуална сопственост, проекти, развој на пилот-линија, активности за обезбедување квалитет, маркетинг и продажба.

Повикот за аплицирање во овој проект е отворен до 15.05.2019 година. Владата ги поттикнува сите што ги исполнуваат условите предвидени да аплицираат за развој на економијата на земјата во целина.

Сите информации поврзани со повикот, апликацискиот формулар како и правилниците и формуларите за оценување се објавени на следниот линк www.fitr.mk/inovacii